Во насока на унапредување на образованието и поддршка на образовниот систем, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш организираше прва едукативна посета на ученици од ООУ „Гоце Делчев“ – Конче. На 15 мај 2025 година, 22 ученика и еден професор имаа можност одблиску да се запознаат со работата на хемиската лабораторија на рудникот и со реалната примена на хемијата во индустријата.
Оваа посета претставува дел од пошироката заложба на Бучим за активно вклучување во образовниот процес и поттикнување на интересот за природните науки, инженерството и одржливиот развој кај младите. Рудникот продолжува да ја практикува оваа позитивна пракса, отворајќи ги своите капацитети за ученици, студенти и млади истражувачи од регионот.
За време на посетата, учениците беа запознаени со конкретни хемиски процеси и анализи кои се дел од секојдневната работа во лабораторијата, вклучувајќи таложење на метали со оксиди, хидроксиди и карбонати, лабораториска анализа на руда, вода и почва, како и за важноста на безбедноста, екологијата и одговорното управување со ресурси.
„За нас, овие инцијативи се повеќе од посета – тие се инвестиција во иднината. Веруваме дека инспириран ученик денес, еден ден може да биде наш колега, иноватор или лидер во индустријата. Поддршката на образованието е стратешка определба за Бучим, и продолжуваме да работиме во таа насока,“ – изјави Александр Раков, Управител на рудниците Бучим и Боров Дол.
Иницијативата е реализирана во рамки на наставната програма по хемија и е поддржана од наставниот кадар на ООУ „Гоце Делчев“ – Конче и општината Конче, како дел од нивните надворешни активности за подобрување на квалитетот на наставата. Бучим и понатаму останува отворен партнер на образовните институции и поддржувач на идните генерации – заедно кон поодржлива, пообразована и поуспешна заедница.




