ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и ДПТУ „Боров Дол“ ДООЕЛ Радовиш на 26.05.2025 година го отворија својот капацитет за 24 средношколци од СОУ „Коста Сусинов“ Радовиш, во рамките на Social Day 2025. Со оваа акција, младите го заменија еден училишен ден со работен, стекнувајќи практично искуство и волонтерско ангажирање, а нивната дневница ќе биде наменета за младински проекти кои ќе го реализираат самите ученици.
Social Dаy овозможи на секој ученик да се запознае со основните работни процеси, да добие увид во професионалните барања на различни работни позиции во рудниците и да ја осознае важноста на тимската работа, одговорноста и професионалноста. Истовремено, нивната дневница се насочува за подобрување на условите за учење и креативен развој – од опремување училници до културни и општокорисни активности кои носат долгорочна вредност за целата заедница. Преку ова искуство, кај младите се развива свеста за општото добро и се поттикнува начинот на размислување. Тие учат како индивидуалниот труд и заедничката работа можат да доведат до поширока корист, создавајќи позитивни промени кои ја надминуваат рамката на едно училиште или една генерација.
Со овозможување на вакви иницијативи, Бучим и Боров Дол ја покажуваат својата долгорочна заложба за поддршка на младите и развојот на заедницата. Активностите се внимателно избрани за да обезбедат вредно искуство за младите и да создадат позитивни промени кои се чувствуваат пошироко во локалната средина.
Изјава од Заменик управител за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров Дол , Кристина Крстева:„Со големо задоволство ја поддржуваме иницијативата Social Day. За младите ова е можност да ги прошират своите видици и да научат повеќе преку практична работа, а за нас, пак, ова е уште еден начин да придонесеме кон создавање на средина која поттикнува нови можности и одржлив раст и вложување во генерациите кои ќе го движат нејзиниот напредок.“
Бучим и Боров Дол остануваат посветени на долгорочен развој, поттикнување на ангажираноста на младите и градење средина која нуди нови можности за сите.












