ДПТУ Бучим ДООЕЛ Радовиш и Македонското геолошко друштво – ГЕОЛОГ, Скопје, потпишаа Меморандум за соработка кој воспоставува основа за долгорочна заедничка акција во областа на геолошките науки, едукацијата, заштитата на животната средина и промоцијата на одржливи рударски практики.
Соработката се темели на следните стратешки насоки:
- Стручна и научна поддршка, вклучително подготовка на геолошки елаборати, анализи, стратегии за развој на рударски капацитети, како и учество во стручни совети и консултативни тела;
- Едукација и доживотно учење, преку организирање на обуки, семинари и теренски активности за вработените во рударската индустрија, со посебен фокус на млади геолози и технички кадар;
- Заедничко учество во научно-истражувачки и апликативни проекти, вклучувајќи подготовки на апликации за домашни и меѓународни фондови, особено во областите на геологијата, хидрогеологијата, животната средина и одржливото рударство;
- Заштита на животната средина и геолошкото наследство, преку систематско следење на влијанијата од рударските активности и развој на стручни решенија согласно принципите на одржливост;
- Промоција на геолошката наука, преку заедничка организација и учество на конференции, симпозиуми, теренски посети и други стручни настани;
- Соработка во издавачка дејност, преку објавување на заеднички трудови и публикации базирани на резултати од теренски истражувања, мониторинг и иновативни практики;
- Развој на млади кадри и вклучување на заедницата, преку поддршка на студенти, млади истражувачи и изработка на дипломски, магистерски и докторски трудови поврзани со рударството.
„Потпишувањето на овој меморандум претставува наш континуиран ангажман за градење мостови помеѓу индустриската пракса и научната мисла. Преку стратешка соработка со Македонското геолошко друштво (МГД), го зајакнуваме пристапот кон иновации, одржливо управување со минерални ресурси и развој на нови стручни кадри. Веруваме дека интегрирањето на стручните знаења со реалните предизвици на терен ќе придонесе за унапредување на геолошката наука и за потврдување на нашата посветеност кон одговорно и транспарентно рударство,” изјави од Ивица Карапетров, Заменик управител на рудниците Бучим и Боров Дол
Со оваа иницијатива, Бучим повторно ја потврдува својата определба да инвестира во знаење, кадар и научна мисла – како клучни двигатели на одговорниот раст и развој во рударскиот сектор.
