По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на детето, на 1 Јуни 2025 година, во рудникот Боров Дол беше организирана ликовна работилница со едукативен и креативен карактер, на која учествуваа 38 деца на вработените во Бучим и Боров Дол, на возраст од 5 до 10 години.
Поддржани од професионалните локални уметници Душан Коцев и Марјанчо Крстев, децата имаа можност преку својата имагинација и уметнички талент да создадат цртежи инспирирани од рударските машини, објекти и секојдневието на своите родители. Ликовната работилница се одржа на отворен простор, пред административната зграда на рудникот Боров Дол, и беше организирана со цел децата да го доживеат рудникот не само како работно место на нивните родители, туку и како инспирација за уметничко изразување.
Делата на малите уметници ќе бидат изложени во административните канцеларии на нивните родители, а дел од нив и ќе бидат вклучени како дел од уметничката изложба што се организира во рамки на ОТВОРЕНИОТ ПОВИК ЗА МЛАДИ УМЕТНИЦИ под мотото „ИДНИНАТА Е СЕГА“, организиран од страна на Creative Fellowship. Оваа иницијатива ги поканува младите да изразат како ја гледаат иднината преку цртеж, слика, фотографија или дигитална илустрација, со можност за учество во онлајн изложбата „Ready2Print“ и добивање место во специјалниот бележник за 2026 година.
Изјава на Мирослав Петров, раководител на служба за човечки ресурси – Бучим и Боров Дол: „Преку оваа иницијатива ја изразуваме нашата искрена заложба за благосостојбата на семејствата на вработените – создавајќи моменти на радост, инспирација и поврзаност. Ги охрабруваме децата да сонуваат, да се изразат слободно и креативно, а нивната насмевка и ентузијазам се нашата најголема мотивација и потврда дека сме на вистинскиот пат. Токму овие вредности, грижата и и одговорноста се дел од нашата култура и преку ЕСГ пристапот ги претвораме во конкретни и значајни чекори за подобра иднина.“
Преку оваа активност, рудниците Бучим и Боров Дол испратија силна порака – дека инвестицијата во иднината започнува со поддршка на најмладите денес – во растот и развојот на новите генерации.