WhatsApp Image 2025-04-19 at 08.11.53

Младите во фокусот на Бучим: ЕСГ посветеност на образование и развој на инженерски кадар

Штип, 15 април 2025 – Рудникот за бакар Бучим, по втор пат зеде активно учество на  Отворениот и кариерен ден, организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Стопанската комора на Македонија и Општина Штип. Настанот овозможи директен контакт помеѓу студентите, средношколците и претставниците на бројни компании од различни сектори.

Преку сопствен изложбен штанд, Бучим ги претстави можностите за вработување, стручна пракса и професионален развој, со особен акцент на младите кадри од техничките струки и инженерството – сектори кои се од клучно значење за одржливото работење на рударската индустрија.

Веруваме дека инвестицијата во млади луѓе е инвестиција во одржлива иднина. Затоа, како општествено одговорна компанија, активно вложуваме во идентификување, поддршка и развој на нови генерации инженери и техничари, преку практична обука, менторство и реални можности за вработување,“ истакна Мирослав Петров, раководител на службата за човечки ресурси

Голем интерес покажаа студенти од повеќе факултети, но и ученици од средните стручни училишта, меѓу кои и СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип. Младите беа поттикнати да аплицираат за работни места или да се вклучат во програмите за практична обука, со цел да бидат вклучени во идните процеси на селекција и вработување во Бучим и Боров Дол. Во рамки на настанот беа остварени и работни средби со професори од Факултетот за природни и технички науки при УГД, при што беше констатирана потребата од зголемување на бројот на студенти во техничките насоки, но и важноста од континуирана соработка со реалниот сектор.

Нашата ЕСГ стратегија не се базира само на заштита на животната средина и унапредување на безбедносните стандарди, туку и на одговорен социо-економски пристап – поддршка на локалната заедница, создавање на вредност за идните генерации и јакнење на домашниот инженерски капацитет,“ изјави Александр Раков, управител на рудниците Бучим и Боров Дол.

Настанот беше проследен со средби со академскиот кадар и претставници на УГД, при што беше потврдена заложбата за понатамошна соработка меѓу академијата и индустријата. Со ова учество, Бучим уште еднаш ја потврди својата улога како одговорна рударска компанија и партнер во развојот на идните генерации стручни кадри.

Comments are closed.