Bucim news

XII-то СТРУЧНО СОВЕТУВАЊЕ ПОДЕКС – ПОВЕКС ‘19

Како дел од својата политика за одржливост и програмата за поддршка и унапредување на науката, рудникот Бучим и оваа година е помеѓу основните спонзори на дванаесетото стручно советување со меѓународно учество од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини (ПОДЕКС – ПОВЕКС ‘19).

Настанот е во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија и Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип преку Факултетот за природни и технички науки и ќе се одржи од 1 до 3 ноември 2019 година во Струмица.

На конференцијата ќе бидат презентирани новите техничко – технолошки достигнувања и остварените производни резултати во подземната и површинската експлоатација на корисни минерални суровини, ќе биде направен реален пресек на состојбите во подземните рудници за  производство на олово и цинк и други минерални суровини и реален пресек на состојбите во површинските рудници за производство на бакар и други металични и неметалични минерални суровини, ќе бидат дадени основните насоки и перспективи за понатамошен развој на технологиите за подземно и површинско откопување на минералните суровини.

Претставници на рударството и геологијата од Северна Македонија, Бугарија, Србија но и од други држави, ќе дискутираат и ќе разменуваат научно практични информации, мислења и искуства за развој на рударскиот сектор.

Со одржувањето на вакви стручни собири од областа на рударството и геологијата се  дава можност за размена на знаења и стекнати искуства во процесот на подземна и површинска експлоатација на минерални суровини, кое може да вроди со придонес за заклучоци и идеи за понатамошни активности за разрешување на одредени актуелни проблеми во подземната и површинската експлоатација, како и за понатамошен развој на рударско – геолошката дејност во Република Северна Македонија и регионот.

Да се биде општествено одговорна компанија значи да се биде свесен дека покрај за сопствениот развој, треба да се води сметка и за развојот на целиот рударски сектор. Ова е принципот по кој се раководи нашата компанија и затоа во рамките на своите можности секоја година одвојуваме финансиски средства за реализација на ваквите респектабилни научни собири. Преку размена на искуства и пренесување на знаења, ние континуирано  треба да ја унапредуваме струката, воспоставувајќи нови, повисоки стандарди во духот на времето во кое живееме и работиме, и предизвиците со кои се соочуваме.“ изјави Николајчо Николов,  заменик генерален директор на Бучим.

Comments are closed.