По повод Денот на македонските рудари, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш организираше свечено одбележување посветено на луѓето кои со своето знаење, труд и одговорност ја создаваат и продолжуваат рударската традиција на компанијата.
На настанот присуствуваа претставници на Владата, државните институции и локалната самоуправа, како и вработени, соработници, партнери и пријатели на Бучим.
Одбележувањето беше отворено со потсетување на архивната емисија на Радио-телевизија Скопје од 1979 година, посветена на Бучим и насловена „Заедничко богатство“. Речиси половина век подоцна, овие зборови и понатаму ја опишуваат суштината на компанијата – вредност создадена од повеќе генерации рудари и вработени.
Приказната на Бучим започнува во 1972 година, редовното производство во 1979 година, а со почетокот на работењето на Боров Дол во 2021 и обединувањето на двата рудника во 2025 година започнува нова етапа во развојот на компанијата.
Низ годините се менувале генерации, технологии, услови на работа и начини на управување, но Бучим продолжил да работи, да се развива и да создава вредност за вработените, локалната заедница и домашната економија.
Во своето обраќање, заменик генералниот директор Ивица Карапетров истакна дека иднината на Бучим се гради преку побезбедни процеси, современи технологии, внимателно планирани инвестиции и континуирано вложување во знаењето и развојот на вработените.
„Нашата задача е она што со децении го создавале генерациите пред нас да има стабилно и одржливо продолжение. Верувам дека ги имаме знаењето, искуството и, што е најважно, луѓето за тоа да го оствариме“, истакна Карапетров.
Оваа порака беше во средиштето на целото одбележување: една компанија со ваква историја не се гради само со руда, постројки и машини. Неа ја градат луѓето – оние што биле дел од нејзините почетоци, оние што ја развивале низ годините и сите што денес ја носат одговорноста да ја водат понатаму.
По повод Денот на македонските рудари, сите вработени на Бучим добија парични награди, а дополнително беа наградени 30 вработени од различни организациски и производствени единици за постигнатите резултати, професионалноста и посветеноста.
Прославата продолжи во Радовиш со концертите на „Меморија“ и „Ареа“, отворени за вработените, нивните семејства и целата локална заедница.
ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш им го честита Денот на македонските рудари на сите сегашни и поранешни рудари и вработени, со благодарност за нивниот придонес, професионалност и посветеност.
Зашто вистинското богатство не е само во она што го носи земјата, туку и во она што луѓето го создаваат заедно.
Среќно!




