Учесници во образовната програма СТЕМ Роботика престојуваат во Каливес, во рамки на активност поддржана од Рудник „Бучим“.
Престојот е организиран како дополнување на редовните активности на програмата и им овозможува на децата да поминат време во нова средина, да учествуваат во заеднички активности и да развиваат вештини како самостојност, комуникација и тимска работа.
Поддршката на вакви иницијативи е дел од соработката на Бучим со локалната заедница и од пристапот на компанијата кон образованието и развојот на младите. Особено внимание се посветува на активности кои кај децата и младите го поттикнуваат интересот за науката, технологијата и инженерството, но и создаваат можности за практично учење и лично искуство надвор од формалната настава.
„За нас е важно поддршката на младите да има јасна образовна и развојна вредност. СТЕМ програмите им даваат можност на децата уште од рана возраст да развиваат љубопитност, логичко размислување и интерес за технологијата. Ваквите активности дополнително им помагаат да стекнат самостојност, да работат во тим и да создадат искуства кои се важни за нивниот понатамошен развој“, изјави Кристина Крстева, директор за одржлив развој во Бучим.
Бучим во континуитет соработува со образовни институции и локални организации преку програми и иницијативи насочени кон ученици и студенти. Целта е поддршката да биде поврзана со конкретни можности за учење, стекнување практични искуства и развој на знаења и вештини релевантни за иднината.
Престојот во Каливес е дел од тој пристап – поддршка на програми кои им овозможуваат на младите да учат и да се развиваат и надвор од училишните клупи.