DND_0241 2

Резултати од работењето на Бучим и Боров Дол во текот на 2020 година

Бучим ДОО Радовиш 

Производствени резултати

Во 2020 година рудникот Бучим преработи 4,17 милиони тони руда (98% во споредба со  2019 година), со содржина на бакар од 0,172% (93% во однос на квалитетот на преработената руда во 2019 година) и  злато 0,197гр/т (80 % во однос на квалитетот на преработената руда во 2019 година). 

Рудникот Бучим произведува концентрат на бакар што содржи злато и сребро и чист катоден бакар.

Вкупното производство на сув бакарен концентрат во 2020 година изнесуваше 28 484  тони (91% во споредба од 2019 година), што содржи  5 903 тони бакар (91% во споредба од 2019 година), 448 кг злато (76% во споредба со 2019 година) и 862 кг сребро (92% во споредба со 2019 година). Фабриката за лужење на Бучим и во текот на 2020 година работеше ефикасно и постигна производство на 722 тони катоден бакар со квалитет 99,99% (100 % во споредба со 2019 година).

Трошоците за ремонти активности и одржување на производствените постројки и технолошката опрема во текот на изминатата година достигнаа до 3,8 милиони евра (97% во споредба со 2019 година). 

Во 2020 година рудникот започна со модернизација на производствениот процес за постигнување повисоки стандарди во производството. Инвестираше 550 илјади евра во набавка на новa NP дробилкa, која што ќе овозможи зголемување капацитетот на производство, автоматизирана и подобра контрола на процесот и намалена потрошувачка на електрична енергија. 

Вкупната вредност на инвестиционата програма, вклучувајќи ги и трошоците за заштита на животна средина, изнесуваше 1,24  милиони евра (113% во споредба со 2019 година).

Финансиски резултати 

Во изминатата 2020 година, Бучим делуваше во насока на остварување на своите цели и задачи и оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка пред оданочување во износ од 15 милиони евра (92% во споредба со остварениот резултат во 2019 година).

Рудникот плати данок на добивка на буџетот на Република Северна Македонија во износ од 1,5 милиони евра (92% во споредба со 2019 година). 

За концесискиот надоместок за употреба на минерални суровини за 2020 година, исплатени се 1 милион евра од кои 78% во буџетот на општина Радовиш и 22% во буџетот на РСМ.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во 2020 година изнесуваше 564 евра (106% во споредба со 2019 година). Во 2020 година, социјалните придонеси од плата,  се остварени во износ од 2,12 милиони евра (128% споредно со 2019 година). Додатоците за регрес за користење на годишен одмор, еднократен надоместок во вид на отпремнина на работници кои се стекнале со право на пензија и јубилејна (парична) награда на вработените  кои имаат непрекинат работен однос со рудникот во ефективно траење од 15 години, изнесуваа  220.500 евра.   

Перформанси на еколошко, општествено и корпоративно управување (ESG)

Во 2020 година, вкупните ESG инвестиции достигнаа износ од 472 илјади евра.

Еколошка посветеност

Во вкупните трошоци за заштита на животната средина најголемо е учеството на трошоците за следењето на состојбата на хидројаловиштето (39%), потоа за  рекултивација на низводната косина на браната на хидројаловиштето (32%), редовен мониторинг на животната средина согласно А-ИЕД (23 %), постапување со отпад ( 4%) и ревизии и проценки oд трети лица од областа на животната средина (2 %) . 

Во 2020 година, проектите насочени кон заштита на животната средина вклучуваа реконструкција на системот за повратна – рециркулациона технолошка вода и изработка на проект за изградба на преливен канал. Започнати се активностите за расчитување и подготовка на земјените површини и имплементацијата на проектот ќе продолжи во тековната 2021 година. 

Квалитетот на воздухот во Бучим се следи на три мерни станици преку 24-часовни идикативни мерења на PM10 честичките. Во текот на 2020 година, нема забележано надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот.

Рудникот Бучим по реализација и исполнување на обврските од оперативниот план, годинава од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање доби А – Интегрирана еколошка дозвола.

Општествена одговорност

Општествено одговорните практики, како една од главните карактеристики на компанијата и врвен приоритет во својата оперативна агенда, продолжија со силен интензитет и во текот на 2020 година. Бучим обезбеди поддршка за развојот на културните и спортските друштва, предучилишните, училишните, културните, јавните и здравствените институции во општина Радовиш.

Во 2020 година, исто така рудникот продолжи да ги обезбедува со техничка вода околните села Тополница и Бучим. Вкупно, за време на извештајниот период, за ова намена се испорачаа околу 50 илјади м³ вода.

Рудникот активно се вклучи во борбата за справувањето со коронавирусот во Република Северна Македонија и покрај донирањето на заштитна опрема, додели и парични средства на Министерство за здравство, на здравствени домови во општините Радовиш, Штип и Струмица и на Општинска организација Црвен Крст во Радовиш. 

Безбедност и здравје

Во 2020 година, Бучим продолжи да работи во насока кон осовременување и континуиран развој на системот на безбедност и здравје при работа. Обезбедена е лична и колективна заштитна опрема за вработените, како и средства за лична хигиена.  Извршен е технички преглед на опремата и спроведени се редовни и навремени сервисирања. Исто така успешно се реализирани и обуки на 111 вработени, за подобрување на знаењета и свесноста за БЗР со конкретни резултати – без сериозни повреди и смртни случаеви за време на извештајниот период.

ISO стандарди

Во 2020 година Бучим беше ресертифициран според ISO 9001: 2015 и ISO 14001: 2015, со што се потврди работењето на компанијата во согласност со меѓународните стандарди и дека работи според водечките принципи за свесно, одговорно и одржливо управување со природните ресурси.

Развој на Боров Дол

Компанијата комплетно се посвети на извршување на сите задачи и успешно ги реализираше поставените планови за претстојното отпочнување на работа на рудникот Боров Дол.

Во 2020 година Боров Дол во потполност ја реализираше изградбата на технолошките објекти. Завршена е изградбата на транспортната лента, објектот за примарно дробење и затворено складиште за руда. Инфраструктурните објекти и помошните згради се релизирани во обем од 95%, со состојба на 31 декември 2020 година.

Вкупната инвестиција во проектот Боров Дол достигна 69,5 милиони евра.

Боров Дол инвестираше 29,9 милиони евра во набавка на нова опрема и потроши 19,5 милиони евра за раскривка на рудното рело. Во 2020 година, Боров Дол ги заврши сите градежни работи, кои што достигнаа вредност од 17,1 милиони евра.

Клучни инвестиции во 2020 година

10,7 милиони евра за градежни работи (168 % во споредба со 2019 година).

14,6 милиони евра за набавка на потребна опрема (103 % во споредба со 2019 година).

7,9  милиони евра за раскривка (67% во споредба со 2019 година).

Производствени показатели во 2020 година

Во 2020 година, Боров Дол продолжи со инвестициската раскривка, при што се ископани 10 милиони тони искoпина (12,7 милиони тони во 2019 година). 

Перформанси на еколошко, општествено и корпоративно управување (ESG)

Вкупните ESG инвестиции во 2020 година изнесуваа 75.400 евра. Средствата беа наменети за извршување на следниве активности:

Животна  средина

Компанијата континуирано го следеше биодиверзитетот и квалитетот на животната средина во областа на концесијата. Покрај тоа, како дел од својата програма за усогласување, Боров Дол вклучи ревизии и проценки од страна на независни експерти од областа на животната средина, со цел да се следат потенцијалните ефекти и да се направат подобри еколошки одлуки за спречување на несаканите влијанија и подобрување на условите и состојбата со животната средина, како и осигурување на високо ниво на заштита на животната средина. Во текот на 2020 година, за да се зачува биолошката разновидност во околината, Боров Дол постави специјални куќарки за птици (вештачки гнезда) на повеќе локации околу концесискот простор.

Во 2020 година нема пријавено инциденти или сознанија за загадување на животната средина во концесисикиот простор  на  Боров Дол. 

Во првото тримесечје од 2021 година, Боров Дол доби А-Интегрирана еколошка средина, а до крајот на годината компанијата планира да ги имплементира меѓународните системи за управување со квалитет и управување со животната средина според ISO 9001: 2015 и ISO 14001: 2015.

Општествена одговорност

Во текот на 2020 година, Боров Дол постави нов систем за греење во локалната градинка во општина Конче, осигурувајќи дека се обезбедени сите потребни услови за современ и безбеден престој во градинката за најмладите жители. Со цел да се помогне реализирањето на наставата од далечина и да се овозможат еднакви можности за учење за сите деца,  Боров Дол набави таблети и обезбеди годишна интернет конекција за учениците од социјално загрозените семејства во Конче. Компанијата,  исто така поддржа и реставрација на 200 години стара црква во Радовиш, со цел да се зачува културното наследство за идните генерации и помогна во реконструкцијата на локалната патна мрежа во Конче, овозможувајќи полесно и побезбедно патување на локалното население. За да се осигури заштита и да се намали ризикот од ширењето на Ковид-19 вирусот,  Боров Дол обезбеди заштитни маски и антисептици за локалните жители.

Безбедност и здравје

Во текот на 2020 година, во Боров Дол нема пријавено сериозни повреди или смртни случаи при работа. 

За време на извештајниот период, вкупно 60 работници, од 101 вработени, беа дел од обуките во областа на безбедноста и здравјето при работа (БЗР). Основните обуки беа насочени кон обучување на вработените за оперативно и безбедно ракување со новата опрема. Компанијата ги изврши сите потребни механички и електрични тестирања на работната опрема и објектите.

Comments are closed.