IMG_5877

Боров Дол во соработка со Институтот за биологија на ПМФ започна со интегрална евалуација на состојбата на езерото Мантово 

Согласно општествената политика и политиката за заштита на животната средина, рудникот Боров Дол како партнер на Општината Конче, на сопствена иницијатива започна со реализација на првата фаза од истражувањето на езерото Мантово, со цел подетално да се испита состојбата на квалитетот на водата во езерото, да се утврди причината за масовната појава на развиток на цијанобактерија или поточно сино-зелена алга Aphanizomenon klebahnii, како и да се препорачаат мерки за заштита на водите од загадување.  

Во текот на годината, во повеќе наврати извршени се теренски инспекциски надзори од страна на ДЖИС, при што констатирано е дека не постои истек на води од рудникот Боров Дол во езеро Мантово, како и прашина во воздухот од активностите на рудникот. Извршени се повеќе детални испитувања на примероци од почвата и водата од брана Мантово од страна на  акредитирани лаборатории, при што утврдено е дека нема надминување на граничните вредности. Притоа, во населба Мантово, покрај редовниот мониторинг на квалитетот на воздухот во околината на рудникот, дополнително од страна на акредитирана лабораторија на две мерни места во урбаната средина на населбата Мантово беше извршен и 24 часовен мониторинг во текот на еден месец на бучава, вибрации и квалитет на воздухот, при што исто така не беше забележано надминување на граничните вредности и загадување предизвикано од активностите на Боров Дол. Извештаите со податоците за сите спроведени испитувања се доставени како до надлежните институции, така и до Општина Конче, а воедно и презентирани пред претставници од граѓанскиот сектор.

Сепак, земајќи ја предвид состојбата на езерскиот екосистем Мантово и потребата од поддршка на Општина Конче во решавање на  главните тековни еколошки проблеми со кои истата се соочува, Боров Дол ангажираше стручни лица од Институтот за биологија на ПМФ, за да се извршат продлабочени анализи на водата и седимент од езерото Мантово и да се утврдат причините кои ја предизвикуваат појавата на алгите во езерото. 

Во првата фаза од истражувањето, согласно европските еколошки стандарди и најдобри достапни практики,извршен е детален увид на теренот, земени  се примероци од води и седимент од 5 различни локации од дното на езерото и изработен е план за понатамошни теренски активности. Втората фаза од мониторингот на акумулацијата Мантово ќе се спроведе во пролетниот период од 2023 година, со крајна цел да се генерираат податоци од различни временски услови и да се добијат исцрпни резултати од истражувачките активност, кои значително ќе придонесат во изведувањето на завршните заклучоци.

Боров Дол, како општествена одговорна компанија ќе продолжи со поддршка за подобрување на животната средина и понатамошен социјален и економски развој на Општина Конче.

Езеро Мантово, мерни локации од земени примероци на 23.09.2022

Comments are closed.