Рудникот Боров Дол обезбеди превоз за 55 средношколци од општина Конче до училиштето во Радовиш, се до завршетокот на првото полугодие од школската година, односно до 31.12.2021 година.
Излегувајќи во пресрет на барањата на Општина Конче и решавањето на проблемот со кој што се соочува општината, родителите и ученците, затоа што нема организиран превоз на ученици, што е законска обврска на училиштата во кои што се запишани учениците, рудникот ќе продолжи да ги покрива трошоците за превоз на учениците во средно образование од Конче, од нивното место на живеење до средното училишите во Радовиш каде што учат и назад, со неделен распоред и организирана маршрута.
“Со почетокот на школската година во септември, бесплатниот школски превоз на учениците не им беше обезбеден, со што учениците можеа да останат без превоз и присуство на часовите, кое што е недопустливо. Како активен социјален партнер кој интензивно е вклучен во поддршката за развојот на заедницата, ние и понатаму ќе продолжиме со покривањето на трошоците за превозот на учениците, кој што сеуште не е решен. Образованието е важен сегмент за развојот на заедницата и на сите деца треба да им биде овозможено достапно и квалитетно образование,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.
Корпоративната општествена одговорност на Боров Дол е во согласност со Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации. Рудникот е посветен на делување во насока на поддршка на Целите за одржлив развој, како и на свој активен придонес кон нивното остварување. Ова подразбира пристап што ги надминува традиционалните сфаќања за грижа за основната дејност и законските обврски и насоченост кон соодветно дејствување.