Вчера, во просториите на општина Радовиш се одржа работна средба со заменик генералниот директор на Бучим, Николајчо Николов, генералниот директор на Боров Дол, Павел Кривинскиј, градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, претседателот на Советот на oпштина Радовиш, Коле Чаракчиев и претставници на Здружението на архитекти и градежни работници „Гардикон“ – Радовиш.
Отворањето на рудникот Боров Дол ќе овозможи продолжување на ископ на бакарната руда најмалку до 2030, оперативност на постоечките објекти во рудникот Бучим, зачувување на работните места на повеќето вработени и можност за нови работни места, наместо затварање на 40-годишниот рудник Бучим, кој моментално е во завршен процес.
Стратегијата на компанијата е да се изврши транзиција кон новиот проект, да се зачуваат работните места на повеќето вработени во рудникот Бучим, а исто така и да се создадат и нови можности за работа за жителите од локалните општини.
На одржаната работна средба се дискутираше за интензивирање на соработката помеѓу локалните градежни фирми од општина Радовиш и ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш. Новиот рудник ќе ја продолжи работата на рудникот Бучим, која што е општествено и еколошки одговорна компанија и придонесува за одржливиот развој на локалните заедници. Рудниците Боров Дол и Бучим се целосно подржани од својата матична меѓународна компанија – Солвеј Инвестмент Груп, која што е посветена на тоа да влијае позитивно во заедниците каде што работи.
“Нашата улога на општествена одговорност се однесува на сите аспекти на нашето деловно однесување. Ние ги разбираме и интегрираме општествените фактори во нашиот процес на донесување одлуки во сите фази од нашите активности. Бучим има силен фокус на односите со локалната заедница и одржливиот развој“, изјави Никoлајчо Николов, заменик генерален дирeктор на Бучим.
“Одговорното општествено работење, вклучувањето на локалната заедница, грижата за животната средина и безбедноста и здравјето при работа се клучни сегменти во нашето работење. Ние ги препознаваме потребите на заедниците и нашата одговорност кон општеството, истовремено е и одговорност кон компанијата на долг рок”, истакна Павел Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.