Рудникот Боров Дол е насочен кон подобрување на квалитетот на живот на населението од заедницата во која делува и преку своите активности се стреми да ги задоволи потребите на денешните и да обезбеди одржливост за идните генерации. Преку своето делување работи во насока кон исполнување на поставените цели за одржлив развој, со што особен акцент поставува на создавање на услови за развој на квалитетно образование.
За почетокот на новата учебна година, која што започна денес, на 1ви септември, рудникот донираше соодветна техничка опрема за успешно следење на наставната програма во ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Конче. Следејќи ги глобалните развојни процеси во однос на унапредувања на образованието во согласност со потребите на наставната програма, денеска беа доставени четири интерактивни табли со кои што ќе се придонесе кон унапредување на образовниот процес. Интерактивните табли ќе овозможат поефективно спроведување на наставната програма преку нов и современ начин на одвивање на часовите, со тоа што наставниците на интерактивен ќе ја доближат наставната програма до учениците и ќе го заменат класичниот начин на предавање.Донацијата е во вредност од 128 илјади денари.
“Современото општество бара современ систем на образование, кој некогаш зависи од можностите и капацитетите со наставни помагала во училиштата. Имајќи го во предвид значењето на образованието, нашето внимание го насочивме кон тоа да обезбедиме инклузивна и ефективна средина за сегашните и идните генерации на ученици. Со оваа донација создадовме услови за квалитетен воспитно-образовен процес во училиштето, овозможувајќи примена на современи методи на учење кои одговараат на барањата на современиот образовен процес. ,” изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на рудникот за бакар Боров Дол.
Рудниците Боров Дол и Бучим се залагаат за поддршка и унапредување на образованието во заедниците во кои што делуваат. Во нивното работење, постојано вложуваат и ги потпомагаат училиштата за унапредување на образовниот процес. Изминатата година, во која што наставата се одвиваше онлајн, рудниците обезбедија таблетии достап до интернет за учениците и компјутерска опрема за училиштата во Радовиш, Конче, с. Ораовица и с. Ињево, со цел да се обезбеди непречено функционирање на образовниот систем во услови предизвикани од вирусот КОВИД-19.