Општина Радовиш, по повод празникот 6-ти Ноември – 76 години од ослободувањето на Радовиш, на рудникот Бучим му додели признание за особен придонес за развојот на градот.
На празникот на градот 6-ти Ноември, општина Радовиш им ги додели престижните шестоноемвриски плакети и признанија на генералниот директор на рудникот Бучим, Василиј Боруцкиј и заменик генералниот директор на Бучим, Николајчо Николов, кои со својот труд, долгогодишната соработка и вложувањето во заедницата придонесоа за развојот и афирмацијата на општина Радовиш.
“Рудникот Бучим ја поддржува заедницата и општеството во целина. Општествената одговорност е темелот на сите наши активности и нераскинлив дел од секој сегмент на нашето работење. Преку континуирана поддршка се стремиме да овозможиме поквалитетен и подобар живот на сегашните и идните генерации,” изјави Василиј Боруцкиј, генерален директор на Бучим.
“Континуирано, почнувајќи уште од првата година на рестартирањето на рудникот Бучим, вложуваме во локалната заедница со цел да придонесеме за развој на општеството и да останат вредни дела за попросперитетна иднина на сите. Ова признание нѐ прави горди и особено среќни што заедницата во која што работиме ја препознава нашата посветеност и претставува уште еден поттик да продолжиме со нашите активности кои придонесуваат за развојот на општеството,” истакна Николајчо Николов, заменик генерален директор на Бучим.