Посветеност на младите инженери, енергетската ефикасност и одржливиот развој
ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и втора година по ред ја продолжува својата поддршка на младите инженери и истражувачи, преку учество како златен спонзор на студентската конференција СКЕЕОР 2025 – „Енергетска ефикасност и одржлив развој“, организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии – УКИМ Скопје (ФЕИТ).
Оваа конференција претставува најголема студентска платформа во земјата за промоција на енергетска ефикасност, иновативни зелени технологии и практични решенија за одржлива иднина. СКЕЕОР ја обединува академската заедница, идните инженери и индустриските партнери во заедничка мисија за зголемување на свеста за обновливите извори на енергија, циркуларната економија и енергетската транзиција.
Тринаесеттото издание на конференцијата се одржа од 28 до 31 октомври 2025 година и ги опфати најактуелните теми од современата енергетика: обновливи извори на енергија, паметни електрични мрежи, дигитализација и автоматизација, е-мобилност, примена на вештачка интелигенција и циркуларна економија. Настанот создаде мост меѓу академијата и индустријата, овозможувајќи им на студентите да презентираат свои научни трудови и да разменат идеи со претставници од водечки компании и институции. Со тоа, СКЕЕОР се потврдува како платформа каде се раѓаат иновации, инженерски решенија и одговорни идеи за иднината.
Во рамки на конференцијата, презентација одржа Власто Стоименовски, главен енергетичар на Бучим, кој ги презентираше активностите и резултатите на компанијата во доменот на енергетската оптимизација, примена на технологии и интегрирање на ESG принципите во рударството.
„Токму конференции како СКЕЕОР создаваат силна врска меѓу академијата и индустријата – таму се раѓаат идеите што подоцна се претвораат во реални, применливи решенија. Енергетската транзиција не може да се постигне без млад, стручен и мотивиран кадар кој ја разбира важноста на интеграцијата на технологијата, ефикасноста и одржливоста во секој производствен процес,“ нагласи Власто Сотименовски, главен енергетичар на Бучим.
Тој додаде дека Бучим континуирано инвестира во модернизација на процесите, воведување на енергетски ефикасни системи и намалување на емисиите на CO₂, со што рударството го трансформира во одговорен, технолошки напреден и еколошки свесен сектор.
Присуството на Бучим на СКЕЕОР е дел од пошироката корпоративна стратегија за интеграција на ESG принципите – заштита на животната средина, општествена одговорност и добро корпоративно управување. Преку континуирана соработка со академската заедница, компанијата поттикнува развој на младите професионалци и гради партнерства кои го спојуваат знаењето, иновацијата и практичната примена.
„Бучим ја гледа одржливоста не само како дел од корпоративна стратегија, туку како заедничка одговорност кон општеството и идните генерации. Поддршката на СКЕЕОР е потврда на нашата заложба да вложуваме во младите, во знаењето и во иновациите што ќе ја обликуваат енергетската иднина на земјата,“ изјави Кристина Крстева, Заменик управител за одржлив развој на Бучим.
Поддршката на СКЕЕОР и други академски иницијативи претставува дел од заложбата на Бучим да инвестира во човечки капитал, технолошки развој и зелена економија. Kомпанијата останува посветена на одговорно рударство, примена на иновативни технологии и зајакнување на врските меѓу индустријата и образованието.



