Male worker with bulldozer in sand quarry

Бучим и Боров Дол објавуваат привремен прекин на процесот на производство

Радовиш, 28 август 2022 – Во пресрет на професионалниот празник на рударите како и големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица, заштитничка на рударите, рудниците за бакар Бучим и Боров Дол на своите вработени и на сите колеги во рударската индустрија им го честитаат Денот на рударите – 28 Август.

По повод празникот, за посветеноста на рударите кон нивната работа и во знак на благодарност за вложениот труд, сите 674 вработени добија парични награди, а на најдобрите 27 рудари од страна на менаџментот им беа врачени плакети и специјални парични награди за нивниот особен придонес помеѓу двата празника. На општините Радовиш и Конче, чествувајќи го Денот на рударите и потврдувајќи ја својата заложба за континуирана, конструктивна и колаборативна соработка во насока кон развој на заедниците,   рудниците доделија донација во висина од по 5.000 евра, кои општините ќе ги искористат за реализација на проекти од областа на културата и инфраструктурата. 

Оваа година е година на голем предизвик во работата на целата индустрија и економија во меѓународни рамки. Уште од почетокот на енергетската криза и порастот на цените, она што се исправи како најголем предизвик пред компаниите е издржаниот опстанок на пазарот. Поради новата ситуација, погодени од енормниот пораст на цената на електричната енергија, голем дел од компаниите во индустријата го стопираат производството поради нерентабилност и нестабилност. Но и во вакви моменти, рудниците Бучим и Боров Дол сепак ќе продолжат со веќе отпочнатиот инвестиционен циклус, што значително ќе придонесе во подобрувањето на перформансите на компанијата.  И покрај актуелните услови, инвеститорите и менаџментот на Бучим и Боров Дол посветено работеа на тоа да се најде решение како рудниците да продолжат да работат, при што донесено е одлука да се продолжи со реализирање на капиталните инвестиции и во наредниов период интензивно да се работи на модернизација на производниот процес во рудникот Бучим и отпочнување на инвестициско вложување во обновливи извори на енергија. 

За таа цел почнувајќи од 01 септември 2022 година, Бучим и Боров Дол ќе прекинат со процесот на производство на определен период во кој што е планирано да се завршат двата капитални инвестициони проекти, а имено:

  • целосна замена на флотомашините со нова опрема, која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Оутотек, со што рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат. Проектот за модернизација започна да се реализира уште од септември 2021 година, притоа, во наредниот период се очекува испораката на опремата;
  • изградба на фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар. Во текот на месец јануари, 2022 година, компанијата започна со реализација на активности во рамките на овој проект. 

За време на реализирањето на овие капитални инвестиции, ќе се продолжи со континуираните геолошки истражување, каде што до денешен ден се евидентирани дополнителни количини на руда кои што ќе го продолжат животниот век на рудниците за дополнителни 5 до 7 години. Исто така, несомнено е дека текот на привремениот застој, рудниците ќе се придржуваат и ќе ги исполнуваат своите обврски согласно издадените А-интегрирани еколошки дозволи‚ ќе се врши мониторинг, а воедно ќе се разгледуваат можности за унапредување на намалувањето на влијанието на рудниците врз животната средина.

Во текот на привремениот прекин со производство вработените  ќе бидат платени согласно законските прописи во РСМ, при што  дел од вработените ќе бидат задолжени за тековното одржување на опремата, а во текот на инвестиционите зафати, вработените ќе бидат дополнително ангажирани зависно од потребата.

Претстојниот период на привремениот застој, рудниците ќе го искористат за ефикасна и брза реализација на стратегиските одлуки во однос на инвестициските проекти.  Целта на компанијата е одговорно вложување во корист на сегашните и идните генерации, преку подобрување на производствените перформанси, подобрување на условите за работа на рударите и одржлив развој на заедниците и покрај опкружувањето полно со предизвици. Долгорочно гледано, овие инвестиции освен што ќе го продолжат социјалниот и економскиот развој на регионот и државата, ќе придонесат и за динамизирање на „зелениот” раст и развој, максимизација на производството и развој на одржливи работни места. 

Comments are closed.