Во рамки на настанот „Енергија на успехот: Таму каде што жените создаваат, иднината се менува“, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, учество зедоа и жените од рудниците Бучим и Боров Дол. Настанот, кој се одржа во Europe House Скопје, собра над 50 жени-лидери од енергетскиот и рударскиот сектор беше платформа за споделување инспиративни приказни, искуства и визии со цел рушење на стереотипите и отворање простор за женско лидерство во индустриите кои традиционално се сметаат за „машки“.
Во рудниците Бучим и Боров Дол моментално работат 70 жени, што претставува повеќе од 11% од вкупната работна сила. Жените таму не се само дел од администрацијата, туку се машински и хемиски инженери, геолози, оператори, техничари, лабораториски работници, како и раководители на одделенија. Од вкупно 59 раководители, 13 се жени, што претставува 22% застапеност, додека во топ менаџментот една жена е дел од вкупно четири члена, или 25%.
Во своето излагање како една од панелистките, заменик-управителката за одржлив развој на Бучим и Боров Дол, Кристина Крстева, истакна дека родовата еднаквост не треба да се третира како апстрактен концепт, туку како континуиран процес на создавање култура на еднаквост – од производствените погони до највисоките управувачки позиции.
„Во индустрија што со децении беше перципирана како машка, бројката од 70 жени е показател дека се движиме во вистинска насока. Да се биде образована и успешна жена во т.н. „машки сектор“ значи да се биде предвесник на промени, но и да се отворат вратите за идните генерации жени. Нашата цел не е само личен успех, туку и создавање на поинклузивен, динамичен сектор кој препознава талент, квалитет и компетентност на секој човек– независно од полот“, истакна Крстева, заменик управител за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров Дол.
Со својата активна поддршка на родовиот баланс и континуираниот напредок на жените во индустријата, рудниците Бучим и Боров Дол се профилираат како компании што не само што ја прифаќаат промената – туку и ја предводат. Тие се пример за современо рударство што ги става вредностите на инклузија, еднаквост и одржливост во своето делување. Настанот „Енергија на успехот“ не беше само одбележување на постигнувањата – туку јасен повик за здружена акција кон поинклузивна, праведна и просперитетна иднина за сите, каде што секој глас се слуша, а секој потенцијал се вреднува.
Погледнете го видеото од настанот на следниот линк: https://www.facebook.com/share/v/1A2he8Pwtu/



