Како дел од својата ЕСГ стратегија и посветеноста на одржлив развој, рудникот Бучим го поддржа проектот „Правилно управување и селекција на отпадот – Пат до почист развој и примена на 3Р (Редуцирај, Реупотреби, Рециклирај)“. Проектот беше фокусиран на едукација на најмладите генерации за важноста на одговорното постапување со отпадот и заштитата на животната средина.
Во периодот од септември 2024 до февруари 2025 година, проектот успешно се реализираше во осум образовни установи – предучилишни установи и основни училишта во општините Радовиш и Конче. Едукативните активности беа прилагодени на возраста на децата и вклучуваа креативни и интерактивни презентации, едукативни брошури и флаери, како и дискусии на тема примарна селекција на отпад и значењето на чистата животна средина.
Резултатите од проектот се повеќе од охрабрувачки: над 600 деца од предучилишна и основна возраст беа директно едуцирани, а во процесот активно се вклучија и наставници и директори, кои дадоа значајна поддршка во спроведувањето на програмата.
Преку вакви активности се поттикна развојот на свеста за значењето на селекцијата на отпад уште од најрана возраст, со што се создаваат здрави и одржливи навики кај децата. Воедно, се зајакна чувството на одговорност и грижа за заедничката животна средина, што придонесува кон долгорочна примена на принципите на рециклирање и одржливо живеење.
„Како компанија што работи со природни ресурси, свесни сме за нашата одговорност и улога во градењето на одржлива иднина. Поддршката на вакви иницијативи е дел од нашата долгорочна заложба за заштита на животната средина и развој на свеста кај идните генерации,“ изјави Александр Раков, Управител на рудниците Бучим и Боров Дол.
Овој проект е дел од пошироките општествено одговорни активности на Бучим и претставува конкретен придонес кон зајакнување на еколошката едукација, промовирање на инклузивноста и поддршка на развојот на локалната заедница.







