PHOTO-2022-10-10-15-13-48

Делегација на СКСМ и МАР во посета на рудниците Бучим и Боров Дол

Во рамки на денешната посета, раководството на рудниците, Дмитриј Кудрјаков и Олег Чусовитин управители на Бучим и заменик управителот на Боров Дол, Мануел Виана остварија средба со Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески и со претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Ивица Талевски.

За време на средбата се разговараше за тековната состојба поврзана со енергетската криза и проблемите со кои се соочуваат двата рудника. Раководството на рудниците  истакна дека доколку цената на електричната енергија биде под 250 евра за мегават час, рудниците се подготвени за десетина дена повторно да го рестартираат производството и да ги вратат на работа сите работници. Во спротивно рудниците нема да почнат со производство до октомври следната година, за кога и е предвидено да се завршат инвестициските проекти.

Претседателот на Комората Бранко Азески истакна дека двата рудника кои влегуваат во групата на 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија и се наоѓаат на слободниот пазар, се значајни за македонската економија. „Бучим и Боров Дол вработуваат вкупно 674 работници и се едни од најголемите работодавци во регионот кои придонесуваат за одржливиот економски и социјален развој на општини Конче, Штип и Радовиш.Само во последните три години инвестирале над 90 милиони евра. Во моментов се прави модернизација на производствениот процес во Бучим и изградба на фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар. Разговаравме темелно за сите отворени прашања, кои што во оваа криза можат да обезбедат предвидливост и во рамките на Македонската асоцијација за рударство, со усогласени ставови и работејќи на политики кои што ќе го одржат овој сектор. Сите предлози ќе ги пренесеме до надлежното министерство и до Владата“, истакна Бранко Азески.

На состанокот од страна на раководството на рудниците беше споделена загриженоста од кризната состојба со енергијата, при што беше нагласено дека државата има податоци за загубите на рудниците, но и за добивките што ги носат Бучим и Боров Дол кон државниот буџет и кое е значењето на рудниците за граѓаните и за државата.

Ние не се откажуваме, инвестираме во два капитални проекти. Направено е максимално намалување на трошоците. Специфичната потрошувачка на електрична енергија е намалена за 13%, но сепак не можеме да работиме профитабилно и покрај сите наши напори и без поддршка од владините институции нема да успееме. Покрај цената на струјата зголемени се и останатите трошоци. Неопходни се заеднички сили, со цел да опстанеме и да продолжиме да придонесуваме кон социјалниот и економскиот развој на регионот и државата”, изјави Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.

Повеќе детали за одржаната средба во видеото на линкот – https://www.youtube.com/watch?v=BxIKlDg2R_M

Comments are closed.