Во духот на својата долгорочна определба за поддршка на стратешки значајни институции во регионот, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш ја реализираше донацијата на патничко возило на ЈЗУ Клиничка болница – Штип.
Со оваа донација се овозможува подобрување на логистичките и оперативните капацитети на болницата, со директен придонес кон поефикасно спроведување на теренски активности, административна поддршка и редовна координација со останатите здравствени установи.
„Унапредувањето на јавните здравствени капацитети претставува суштински сегмент од нашата мисија за долгорочно вложување во добросостојбата на заедницата. Посветени сме на градење партнерства кои носат реална и одржлива вредност,“ изјави Кристина Крстева, Заменик управител за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров Дол, по повод примопредавањето на возилото.
Од страна на раководството на ЈЗУ Клиничка болница – Штип беше изразена искрена благодарност за донацијата, со посебен акцент на значењето што ваквиот чин го има во унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните на Источниот регион.

