LJT00204

Инспиративните дами во Бучим и Боров Дол ги рушат стереотипите за значењето на жената во рударството

Рударската индустрија традиционално се смета за област во која доминираат мажите како работна сила, со малку можности за жените да размислуваат за кариера во овој сектор. Сепак, тој наратив се менува бидејќи се повеќе жени ги пробиваат родовите бариери, а табуата околу традиционалната поделба на машките и женските професии се кршат.   

Во последниве години, почна да се засилува учеството на жените во рударската индустрија. Рударството станува се поавтоматизирано, а традиционалните аргументи за секторот во кој доминираат мажи кои се потпираат на стереотипните поими за „машки“ и „женски“ професии изчезнуваат.  Како што секторот продолжува да се прилагодува на дигитализацијата и неизбежните промени што тоа ги носи во работа, „културата на работното место и наративите за тоа што е вистинска работа во рудник како и традиционалната слика на „рударот“ создадена во раните индустриски денови кога рударството беше опасна и макотрпна работа, постепено се менуваат. Современото рударство негува родово еднаква култура на работното место од производствените погони до раководни позиции, каде жените играат витална улога во секојдневата работа, уривајќи ги стереотипите и инспирирајќи ја следната генерација женски рудари.  

Во месецот на жената, разговаравме со дел од инспиративните жени рудари во рудниците Бучим и Боров Дол во обид ги охрабриме и другите жени да размислуваат за кариера во рударството и да ги урнат родовите бариери.

Во Бучим моментално работат 43 жени, додека Боров Дол има 19 вработени жени. Ова може да изгледа како мал број, но е значаен во рударската индустрија во која доминираат мажи. Повеќе од 10% од работната сила во Бучим и Боров Дол се жени кои ја докажуваат својата вредност на различни позиции, вклучувајќи машински инженер, геолошки инженер, еколошки инженер, хемиски инженери, оператор во диспечерски центар, директор за финансии, заменик управник на флотација, лабораториски работници, техничари во ПМС група, оператори во одделение за електро одржување, техничари за сорпција во производствена единица лужење итн.

Милица Николова Паневска, инженер-геолог во рудникот Боров Дол, вели дека рударската индустрија нуди работна средина со еднакви можности за професионален развој и се чувствува исполнето што работи во средина каде ја прифаќаат како рамноправен член на тимот. „ Драго ми е што гледам дека перцепцијата се менува, а традиционалната поделба на машки и женски професии се урива“, вели Милица. И покрај тоа што во минатото доживеала родова дискриминација, Милица постигна успех во својата област.  „ Во неколку наврати кога конкурирав за работни позиции како геолог  добивавав директен одговор дека бараат машки инженери за работа, но сепак не се откажав и се покажа дека сепак има и компании кои на жените им се даваат еднакви можности за развој на кариерата.” вели Милица Николова Паневска, вработена како инженер геолог во рудникот Боров Дол.  

Зборовите на Милица нè потсетуваат дека рударската индустрија се менува,  станува поинклузивна и им дава сила на жените да ги кршат родовите стереотипи. Позитивен тренд е и фактот што застапеноста на жените во овие компании е на сите хиерархиски нивоа, што укажува дека индустријата станува се поинклузивна и посветена кон промовирањето на родовата еднаквост и отстранувањето на пречките со кои се соочуваат жените.

Милена Дановска, заменик-управник на производствена единица флотација во Бучим како хемиски инженер кој работи во рудник, открива дека рударството дава многу можности за напредување во кариерата,  со напорна работа и посветеност секој може да успее без разлика на полот. “Во рударстото има можност за кариерен наоредок, бидејќи самото рударство  е развојно. Примарно сум, хемиски инженер, но работам во рударска индустрија во која хемијата наоѓа широка примена. Својата кариера во Бучим ја започнав пред 12 години вработувајќи се во фабриката за производство на бакарен концентрат – лужење како сменски раководител.  Заедно со уште 60 работници, бев дел од инженерскиот тим кој учествуваше во изградба на фабриката. Од целиот тим на луѓе кои бевме дел од тој проект, денес скоро сите сме унапредени, на пример јас сега сум заменик- управник на фабриката за збогатување на бакарен концентрат-флотација, така што погонот лужење би го нарекла расадник за квалитетни кадри на рудникот Бучим, каде многу луѓе ја започнаа својата кариера и продолжија со унапредување.” На прашањето за нејзиното искуство како жена која работи во индустрија во која доминираат мажи, Милена нагласи дека само напорната работа и упорноста се неопходни за градење на кариера, но сепак, признава дека родот може да биде значаен предизвик во индустријата. “На жената не и е лесно да се усогласи со динамиката на работата во рударската индустрија, но со многу труд и посветеност со текот на времето, полот неманикакво влијание во работата. Презафатени сме за да мислиме кој е машко, а кој жена, а и носиме униформи, што е уште еден момент кој оддава еднаквост, така што нема значење кој каков пол е на работното место”.

Од административни услуги до производствени погони, жените оставаат свој белег во секој аспект од рударското работење во Бучим и Боров Дол. Овие жени се пример за идните генерации жени, а нивните приказни служат како светилник на надеж и инспирација за секој кој некогаш се соочил со родова дискриминација во својата кариера.

Марија Сарафилоска, директор за финансии во Бучим, ги истакнува позитивните промени што се случуваат во рударската индустрија. Откако се приклучи на тимот на компанијата во 2013 година како шеф на план и анализа, таа се искачи низ рангот на позиции во својата област. Нејзиниот пат во кариерата е пример дека жените имаат многу да понудат во однос на лидерството, иновативноста и соработката, а нивниот придонес треба да биде препознаен и ценет во рударската индустрија.  “Инспиративно е да се види како жените преземаат повеќе раководни улоги и им се даваат можности и да ги покажат своите способности. Не постои успех и прогрес во работата, без предизвик, независно во која сфера функционираме. Важно е компаниите да ги подржуваат жените во нивните кариери и благодарна сум што сум дел од тим кој го прави токму тоа. Жените имаат многу да понудат во однос на лидерството, иновативноста и соработката и потребно е да се создадат еднакави работни можности за сите.”

Во Бучим и Боров Дол жените не пополнуваат само квоти или позиции. Тие се високо квалификувани и интегрални членови на тимот, кои извршуваат широк опсег на работни места, од ракување со машини до управување со сложени процеси, а нивните приказни се  доказ дека дека рударството не е професија само за мажи.


Приказната на Верче Трајков за искачувањето по скалилата во рударската индустрија е доказ дека трудот, посветеноста и истрајноста се вреднувани. Трајков е горда што има еднакви можности за работа и исти услови за работа како и нејзините машки колеги. Почнувајќи како пробар во оделот -флотација , потоа работи како техничар и днес е шеф на лабораторија. Како жена во рударската индустријата, таа ја нагласува важноста на еднаквите можности и услови. Таа вели „ Јас во рударството започнав од најниското скалило за постепено со многу труд,волја, желба за работа, да станам раководител на пмс-лабораторија. Многу е важно дека и ние жените веќе сме рамо до рамо со мажите-имаме еднаква можност за работа и комплетни услови што ни ги нуди самата компанија“.

Како инженер-еколог во рудникот Боров Дол, Марина Санева открива дека работата во рударството може да биде правилен избор за кариера. “ Во рударството има место за сите професии. Оваа индустрија е полна со можности и предизвици кои помагаат да растеме и професионално и лично.” Работењето во рударската индустрија и овозможило на Марина да ја комбинира својата страст за екологијата со нејзината експертиза како инженер. „Горда сум што сум дел од тимот кој е посветен на намалување на влијанието на рударството врз животната средина“,

Современата рударската индустрија развива поразновидна и инклузивна работна сила, но сепак сè уште има значителни дигитални јазови меѓу жените и мажите и тие ќе треба да се решат доколку се остварат нови можности за жените во рударството. Бучим и Боров Дол се одличен пример за тоа како компаниите треба да создадат средина во која жените и мажите имаат еднакви можности за развој на кариерата. Компаниите ги ценат достигнувањата на овие инспиративни жени и се надеваат дека ќе ја инспирираат следната генерација женски рудари да се приклучат на индустријата и заедно да ги рушат родовите стереотипи.

Инспиративните дами во Бучим и Боров Дол ги рушат стереотипите за значењето на жената во рударството

Comments are closed.