WhatsApp Image 2025-11-28 at 09.12.44 (3)

Корпоративната иницијатива „Мовембер 2025“ посветена на машкото физичко и ментално здравје

Во рамки на заложбите за унапредување на здравјето и благосостојбата на вработените, Друштвото ја реализираше годинешната иницијатива „Мовембер“ – глобално движење насочено кон подигнување на свеста за машкото физичко и ментално здравје.

На 26 ноември 2025 година беше организирана стручно модерирана панел-дискусија, посветена на теми поврзани со менталното здравје кај мажите, важноста од превентивни прегледи, најчестите здравствени ризици и потребата од намалување на стигмата при отворање на здравствени теми. На дискусијата учествуваа медицински и психолошки стручни лица, а вработените имаа можност да поставуваат прашања и да разговараат за теми кои вообичаено се поретко отворени во јавен контекст. Настанот уште еднаш ја истакна важноста на редовната превенција и раното препознавање на здравствениот ризик.

Во соработка со ЈЗУ Здравствен дом Радовиш, Друштвото овозможи бесплатно и доверливо тестирање на PSA тумор маркер за сите вработени мажи над 45-годишна возраст. Прегледите се организирани да се спроведат во периодот од 26 ноември до крајот на месец ноември 2025 година, со почитување на принципите на доброволност и медицинска доверливост и без нарушување на редовниот работен процес.

Во рамки на иницијативата беа организирани и дополнителни активности насочени кон подигнување на свесноста за машкото здравје, меѓу кои: анонимна анкета подготвена со цел да се идентификуваат темите, прашањата и здравствените дилеми што ги интересираат вработените и да се адресираат во рамки на панел-дискусијата; симболичен „ден на поддршка“ обележан од страна на женските колешки; како и доделување симболични подароци на вработените мажи. Активностите имаа за цел да поттикнат отворен разговор за здравствените навики, да ја засилат културата на меѓусебна поддршка и да ја истакнат важноста на превенцијата како дел од грижата за личното здравје.

Алдана Лоровски-Ристовска, Заменик раководител на човечки ресурси, истакна дека ваквите иницијативи се значајни бидејќи во фокус го ставаат човековиот аспект на работната средина: „ Воспоставувањето работна средина во која вработените можат слободно да разговараат за своето здравје и да добијат навремени информации и поддршка е значајно за нивната целокупна благосостојба. Активностите во рамки на ‘Мовембер 2025’ ја зајакнуваат културата на отвореност и меѓусебна поддршка, придонесувајќи за средина во која секој се чувствува слушнат и ценет. “

Кристина Крстева, Заменик управител за одржлив развој, ја нагласи важноста на интегрирањето на ваквите програми во поширокиот ESG пристап на Друштвото „ Грижата за вработените е суштински елемент на социјалната компонента од ESG рамката и претставува основа за стабилно и одговорно работење. Друштвото прави конкретни чекори кон поддршка на физичкото и менталното здравје, создавајќи работна средина која ја става безбедноста и човечноста во срцето на секојдневното работење.“

Како и досега, Друштвото останува насочено кон програми и мерки кои придонесуваат за физичкото и менталното здравје на вработените. Резултатите од анкетата и препораките од панел-дискусијата ќе бидат земени предвид при планирањето на активности за 2026 година, со цел понатамошно унапредување на корпоративните практики за здравје и благосостојба на вработените во Бучим.

Comments are closed.