Во своето долгогодишно постоење, рудникот Бучим како општествено одговорна компанија, одобрувала многубројни спонзорства и донации на голем број граѓански организации и државни институции, а тоа ќе продолжи да го прави и во иднина во рамките на своите можности.
Оваа година, над 1.000 новогодишни пакетчиња беа подарени на детската градинка “Ацо Караманов” во Радовиш, на детската градинка “12-ти Јули” во Конче, на децата на вработените во рудниците Бучим и Боров Дол, на децата во домот за згрижување на деца без родители Емануел, на децата на членовите на здружение на лица со телесен инвалидитет Мобилност – Радовиш и на корисниците на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака. Рудниците Бучим и Боров Дол, исто така донираа и новогодишни пакетчиња на Општинската организација Црвен крст – Радовиш и на Здружението на турците за хуманитарни и културни активности Кудрет Јашам Дернеѓи.
Донациите во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, кои веќе прераснаа во традиција, имаат за цел да донесат насмевки и радост за најмладите и да им ги развеселат Новогодишните празници на децата.
“Новогодишните празници се моменти кога имаме радост, спокој, кога имаме љубов и дарувања. За најмалите овие мали подароци имаат големо значење, бидејќи без нив празниците не се комплетни и ние се трудиме да направиме празниците да бидат убави за секого,” изјави Николјачо Николов, заменик генерален директор на Бучим.
“Новогодишните пакетчиња се вистинска радост за најмалите дечиња. Важно е да им ги разубавиме празниците на децата, кои се најзначајни за секое општество и да создадеме насмевки и убави празнични моменти,” додаде Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.