WhatsApp Image 2025-04-09 at 13.28.48 (1)

Пролетна акција за пошумување: Бучим и Боров Дол со 4.000 засадени дрвја

Во рамки на својата долгорочна стратегија за одржлив развој, рудниците Бучим и Боров Дол и оваа година го одбележаа Денот на пролетта со еколошка акција за пошумување. Преку активна вклученост на вработените и системски пристап кон заштита и унапредување на животната средина, компанијата го продолжува својот придонес кон создавање позелена и поодржлива иднина за локалната заедница и поширокиот регион.

Оваа акција претставува продолжение на повеќегодишна иницијатива за еколошка рехабилитација на просторот под концесија на ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ, започната во 2021 година. До денес, засадени се вкупно 4.000 садници, од кои 2.600 се багреми, а 1.400 садници се црн бор – насочени кон обновување на површините во и околу рудничките капацитети.

Во првата година од акцијата, во 2021, беа засадени 500 садници, во 2022 година, исто толку садници беа засадени околу управниот комплекс, со цел подобрување на еколошкиот амбиент околу административните објекти. 2023 донесе значително проширување на активностите – 1.500 дрвја беа засадени околу клучните објекти: паркингот, магацинот, машинската работилница и постројката за примарно дробење. Во 2024 година, пошумувањето продолжи со уште 1.500 дрвја засадени долж патот кој води кон главниот влез во рудникот, создавајќи природен зелен појас.

Нашата визија е јасна – настојуваме да постигнеме долгорочно позитивно влијание, не само преку економски придонес, туку и преку одговорно управување со животната средина. Пошумувањето е клучен сегмент од нашата долгорочна заложба за еколошка рамнотежа и одговорно управување со просторот, “ изјави Александр Раков, управителот на рудниците Бучим и Боров Дол.

Со оваа пролетна акција, Бучим и Боров Дол не само што го одбележуваат Денот на пролетта, туку и ја потврдуваат својата улога како одговорен индустриски субјект кој активно придонесува кон создавање на  долгорочен еколошки баланс.

Comments are closed.