Со цел да се влијае на понатамошното подобрување на условите во животната средина околу рудникот Бучим, во периодот од 27.04.2020 до 11.05.2020 година, беше успешно извршено пошумување на низводната косина на браната на хидројаловиштето Тополница во рудникот Бучим.
Во првата етапа на пошумување, засадени се вкупно 900 садници од багрем и 470 садници од аризонски чемпрес, за биолошка рекултивација на хидројаловиштето на рудникот Бучим, на површина од 11.000 м2. Засадените дрвја ја стабилизираат низводната косина на браната и со тоа допридонесуваат за намалување на еолската ерозија, стабилизација на земјиштето, облагородување на површината, прочистување на воздух и подобрување на микроклиматските услови.
Пошумувањето на површината е тековна активност и се извршува редовно секоја година. До крајот на 2020 година, според годишната програма за пошумување на низводната косина на браната, се планира да бидат засадени уште 2.000 садници од багрем и 1000 садници од аризонски чемпрес на површина од 30.000 м2.
“Пошумувањето на низводната косина на браната на хидројаловиштето е наша редовна активност, која секоја година ја спроведуваме, со цел одржување и зголемување на шумите и зелените површини во близина на рудникот. Заштитата на животната средина е важен аспект во нашето работење и ние се трудиме преку сите наши активности да го намалиме влијанието врз животната средина”, изјави Николајчо Николов, заменик генерален директор на Бучим.