Во поддршка на развојот на културните и општествените вредности во заедницата, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, во партнерство со Музејот на љубовта и уметноста, на 14 август 2025 година се реализираше изложбата на детски уметнички творби „Иднината е сега“.
Свеченото отворање се одржа во 18:00 часот во Музејот на љубовта и уметноста – Радовиш, каде беа претставени околу 70 уметнички дела. Поставката ги опфати творбите на најмладите креативци од Радовиш, децата на вработените во рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“, учесници од детската градинка „Ацо Караманов“, како и деца од странство кои беа дел од меѓународниот проект „Иднината е сега“. Нивните искрени и шарени визии понудија свеж и инспиративен поглед кон свет исполнет со природа, радост и заедништво.
Особено значење доби фактот што изложбата беше дел од глобален проект под кураторство на Петара Зублазинг – двократна олимпијка и индустриска уметничка – кој обединува млади креативци од повеќе од десет земји. Нејзиното кураторство внесе меѓународна димензија и уметничка длабочина, дополнително поврзувајќи ја локалната заедница со светското креативно движење.
Настанот беше збогатен со врвна музичка изведба на пијанистот Петар Трбојевиќ, кој со својата прецизна техника и уметничка зрелост претстави внимателно одбран репертоар од класичната музичка литература, внесувајќи ја публиката во свет на извонредна музичка естетика и емоција.
Изложбата уште еднаш ја потврди посветеноста на „Бучим“ кон промовирањето на детската креативност, збогатувањето на локалната културна сцена и зајакнувањето на чувството на заедништво во заедницата. Публиката уживаше во уникатната поставка и ја поддржа креативноста на најмладите таленти, чии дела симболично ја претставија иднината што сите ја посакуваме.

