WhatsApp Image 2024-08-29 at 09.24.57

Радовиш: Денот на македонските рудари одбележан со поддршка за рударите и заедницата

Во организација на рудниците Бучим и Боров Дол, беше одржана свеченост по повод Денот на македонските рудари, 28-ми август. Настанот, кој се одржа во присуство на бројни гости, пријатели и соработници, ја одбележа значајната улога на рударите во развојот на македонската индустрија и економија.

На свеченоста, присутните беа потсетени на историското значење на Денот на рударите, кој е во чест на Штрајкот на рударите од Лојане во 1929 година, симболизирајќи ја борбата за права и единството на македонските рудари. Овој ден ги поврзува старите и новите генерации, акцентирајќи ја важноста на зачувување на традициите и корените на македонското рударство.

Во своето обраќање г-дин Ивица Карапетров, Заменик управител на Бучим и Боров Дол, истакна дека, и покрај предизвиците со кои се соочиле во изминатиот период, рудниците остануваат стабилни и одржливи компании, со визија за светла иднина. Карапетров нагласи дека секој рудар е од суштинско значење за успех на компанијата и заедницата.

Посебен момент од свеченоста беше присуството на младите геонаучници кои неодамна постигнаа извонреден успех на 17. Светска олимпијада по геонауки IESO 2024, одржана во Пекинг, Кина. Овие млади таленти ја претставија Македонија на светската сцена, враќајќи се дома со еден сребрен и шест бронзени медали. Рудниците Бучим и Боров Дол се особено горди што ги поддржуваат и промовираат овие млади умови.

Настанот беше исто така искористен за собирање донации за Сандра Дејановска Крастев, мајка на две малолетни деца од Радовиш која боледува од редок вид на рак, како и за реконструкција и поддршка на Манастирот Св. Јован Претеча во село Слепче. Оваа иницијатива уште еднаш ја потврди посветеноста на рудниците Бучим и Боров Дол кон локалната заедница.

По повод Денот на македонските рудари, сите рудари добија парични награди, а на 21-те најдобри вработени им беа доделени повисоки парични бонуси како признание за нивната извонредна работа.

Вечерта продолжи со концерт во центарот на Радовиш, каде присутните уживаа во настапите на Игор Џамбазов, Гуру Харе бенд и легендарните Црвена јабука, заокружувајќи ја прославата со музика и заедништво.

Рудниците Бучим и Боров Дол ја истакнаа својата поддршка кон рударите, младите таленти и заедницата. Честит Ден на македонските рудари! Среќно!

Comments are closed.