ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш, во соработка со Здружението на граѓани Младите Можат – Youth Can и германската фондација Schuler Helfen Leben, ја поддржа глобалната иницијатива Solidarity Action Day- Social Day која што за прв пат годинава се одржа во Северна Македонија.
Вкупно 26 средношколци имаа можност еден ден да бидат дел од тимот на Боров Дол и да ја искусат работната динамика во рудникот, со тоа што ги извршуваа работните задачи и должности на геолог, инженер еколог, раководител на служба за финансии и сметководство, референт за сметководство, раководител на сектор за човечки ресурси, главен енергетик, раководител на комерција, оператор во диспичерски центар, инженер за безбедност и здравје при работа, раководител на производствено техничко одделение, главен машински инженер, секретар и архивар.
Средношколците од СОУ Гимназија “Славчо Стојменски” – Штип и од СОУ “Коста Сусинов” во Радовиш, освен што имаа можност да научат нешто повеќе за задачите и одговорностите при работењето, имаа можност и да ги разгледаат потенцијалните области за вработување и насоки за понатамошно образование. Еднодневниот работен ангажман на средношколците им овозможи одблиску да се запознаат со работна позиција која посакуваат да ја работат во иднина, да научат нешто повеќе за одбраната струка, да стекнат искуство на работно место во реални услови, да ги поврзат стекнатите теоретски знаења со практични вештини, а воедно и да се здобијат со проширена можност за избор на занимања и согледување на можности за професионален и кариерен развој преку споделувањето на експертизи, знаења и искуства од страна на вработените во Боров Дол. Покрај извршувањето на работните обврски, учениците имаа можност за разглед на рудникот и да се запознаат со целокупниот работен процес во Боров Дол.
“Отворени сме за соработки кои што допринесуваат кон поддржување и развој на младински иницијативи. Среќни сме што бевме дел од реализацијата на првиот Social Day во Република Северна Македонија , кој промовира солидарност и активизам помеѓу младите. Боров Дол “вработи“ 26 средношколци, кои имаа можност преку назначените ментори да се запознаат со работната динамика во рудникот. Се надеваме дека успеавме да ги прошириме хоризонтите на учениците во контекст на нивното идно професионално позиционирање и ги поттикнавме да започнат да размислуваат за својот професионален и кариерен развој. Особено ни е драго што дневницата којашто ја добија за работењето на овој ден ќе ја донираат во младински фонд кој има за цел да поддржи проекти на различни младински иницијативи,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.
Social Day е ден во кој што средношколците заменуваат еден училиштен за работен ден, при што својата дневница учениците ja донираат во фонд за поддршка на реализирање на младински проекти. На овој ден, учениците добиваат можност да работат на работа по свој избор наместо да одат на училиште. Целта на Social Day е да се воспостави солидарност помеѓу младите во текот на нивните училишни денови, да инспирира активно граѓанство и одржлив општествен развој воден од млади луѓе.