Министерството за транспорт и врски на РСМ издаде дозвола за изградба на рударскиот комплекс Боров Дол. Со добивањето на градежната дозвола, рудникот ќе почне со изградба на објектите и според планот ќе стартува со работа во септември годинава.
Боров Дол ќе го продолжи работниот век на Бучим најмалку до 2030 година и ќе придонесува за локалните заедници во три општини – Конче, Штип и Радовиш. Овие три општини ќе имаат удел во експлоатацијата и преработката на рудата, а со тоа секоја општина може да смета на финансиска добивка врз основа на концесијата.
Со новиот проект се зачувуваат работните места на повеќето вработени во рудникот Бучим, а исто така се создаваат и нови работни можности за жителите на соседните општини. Според планот, се очекува вкупно 307 рудари да бидат вработени во новото рудно тело. Проектираниот животен век на рудникот во моментов се проценува на 10 години, со можност за понатамошно продолжување на работата на рудникот.
Со цел да се минимизира потенцијалното влијание врз животната средина, според планот за развој на инфраструктурата, Боров Дол ќе ги користи веќе постоечките објекти на Бучим за преработка и складирање на руда, а ископаната руда ќе се транспортира преку покриена транспортна трака долга 7 км. На новото рудно тело, во соработка со македонската градежна компанија ДГ Бетон АД Скопје, ќе се гради изливен базен од површински коп, пречистителна станица, брана и акумулација, административна зграда со ресторан и амбуланта, бензиска пумпа и улична инфраструктра. Вкупната цена на проектот Боров Дол се проценува на 60 милиони евра.
„Со добивањето на градежната дозвола, практично можеме да почнеме со реализација на изградба на потребните објекти. Во ова време на економско забавување, сепак веруваме дека ќе успееме да го обезбедиме временскиот распоред на проектот и рудникот Боров Дол ќе започне со работа според планот, во септември 2020 година.”– истакна Павел Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.