Радовиш, 18 март 2026 година – ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш четврта година по ред беше домаќин на група студенти од UiT The Arctic University of Norway, во рамки на континуираната и успешно воспоставена меѓународна соработка со академската заедница.
Групата, составена од 20 студенти од повеќе европски земји, претставуваше вистински пример за интернационална академска размена, обединувајќи различни образовни профили, искуства и перспективи во областа на геологијата и рударството.
Во текот на посетата, студентите имаа можност одблиску да се запознаат со клучните оперативни процеси на Бучим – од геолошки истражувања, преку експлоатација, до преработка на бакарна руда – како и со примената на современи технологии, високи стандарди за безбедност и систематски пристап кон заштита на животната средина.
Особена вредност на посетата претставуваше директниот контакт со реалниот индустриски процес, кој овозможи практично разбирање на комплексноста на рударските операции и улогата на одговорното управување со природните ресурси.
„Четвртата година по ред ја реализираме оваа соработка со UiT The Arctic University of Norway, што претставува јасен континуитет во нашите напори за поврзување на образованието со индустријата. Преку вакви посети, студентите стекнуваат практично знаење и реална слика за секторот, што е од суштинско значење за нивниот понатамошен развој“, изјави Кристина Крстева, Директор за одржлив развој.
Како компанија со јасна ориентација кон современо и одговорно работење, Бучим континуирано ја развива својата улога како партнер на образовните институции, активно придонесувајќи кон размена на знаење, унапредување на практичната едукација и градење на идни генерации стручни кадри во меѓународен контекст





