Во рамките на својата долгорочна заложба за поддршка на образованието и поттикнување на интересот кај младите за природните и техничките науки, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш уште еднаш ги отвори вратите на своите постројки за учениците од ООУ „Кирил и Методиј“ од с. Ораовица.
Учениците реализираа едукативна посета на хемиската лабораторија во рамките на производствената единица Лужење, каде што имаа можност одблиску да се запознаат со современите процеси на добивање катоден бакар, со аналитичките постапки и контрола на квалитет, како и со примената на хемијата во индустриските процеси.
Посетата се одвиваше како дел од наставните активности по предметот Хемија и природни науки. Во рамките на програмата, претставниците на рудникот одржаа кратка презентација за историјата, значењето и придонесот на рудникот во развојот на локалната заедница, по што следеше практична демонстрација на лабораториски анализи и мерења.
Оваа активност претставува дел од континуираната програма на едукативни посети што Бучим ја реализира во изминатиот период, откако рудникот ги отвори своите врати за посетители со јасна мисија – да ја приближи рударската индустрија до младите генерации, да ја покаже практичната вредност на науката и да поттикне интерес кон инженерски, технолошки и природно-научни насоки на образование.Преку ваквите посети, компанијата активно гради врска меѓу образованието и индустријата, претворајќи ја рударската технологија во живо училиште за идните истражувачи, инженери и научници.
„Посетите на учениците се еден од најубавите сегменти на нашата работа – тие внесуваат свежа енергија и искрено љубопитство. Во Бучим веруваме дека токму овие млади луѓе се иднината на нашата заедница, и затоа со срце ги поддржуваме ваквите едукативни активности,“ изјави Кристина Крстева, заменик-управител за одржлив развој на Бучим.
Со отворањето на рудникот кон јавноста и редовното организирање на едукативни посети, Бучим продолжува да ја гради својата улога како општествено одговорна компанија која го негува партнерството со образовните институции и вложува во создавање на мотивирани, образовани и свесни генерации – идните носители на развојот на регионот.






