ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш со особено задоволство го објавува потпишувањето на договорот за продолжување на стратешката поддршка на националната еко-акција „Генералка викенд 2025“. Со ова, Бучим уште еднаш ја потврдува својата долгорочна определба за одржлив развој, општествена одговорност и грижа за животната средина.
Како еден од првите и најпосветени партнери на оваа иницијатива, Бучим од самиот почеток е активен учесник во бројни теренски активности – од пошумување и чистење на диви депонии, до едукативни и волонтерски акции со локалната заедница. Во текот на изминатите години, преку ова партнерство, беа отстранети тони отпад од јавни површини, засадени стотици дрвја и инспирирани стотици граѓани активно да се вклучат во заштитата на својата околина.
„Од самиот почеток верувавме во визијата на Men and Mountain, а нашата поддршка е одраз на вредностите во кои веруваме – одговорност, соработка и заедничка грижа за природата. Веруваме дека секоја мала акција придонесува за голема промена. Ние како компанија сакаме да бидеме пример за тоа дека индустрискиот развој и заштитата на природата можат и мораат да одат рака под рака“, изјави Ивица Карапетров, заменик управител на Бучим.
Потпишувањето на новиот договор со Men and Mountain претставува чекор напред во заложбите на рудник Бучим за создавање долгорочно одржливо и еколошки свесно општество. Компанијата ќе продолжи со конкретни активности во 2025 година, вклучувајќи логистичка и волонтерска поддршка, донации, како и мобилизација на вработените и заедницата.
Со ова партнерство, Бучим уште еднаш покажува дека е повеќе од економски двигател на регионот – тој е активен и одговорен сојузник на заедницата во градењето на здрава, чиста и одржлива иднина.