Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, рудниците Боров Дол и Бучим донираа новогодишни пакетчиња, подароци и прехранбени пакети, со цел да придонесат кон разубавување на претстојните празници, да внесат радост кај дечињата и жителите од локалните заедници.
Со донирање на 100 пакети со прехранбени производи во Општинската организација Црвен крст – Радовиш наменети за социјално загрозените семејства од општина Радовиш и општина Конче, рудниците Боров Дол и Бучим ги започнаа традиционалните новогодишни донации. Во текот на минатата и оваа недела директорите на Бучим и Боров ги посетија детските градинки во Радовиш и Конче, корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака, најмладите надежни члeнови на борачкиот клуб Бучим и притоа ги израдуваа со новогодишни подароци.
Доделувањето на новогодишни пакетчиња за дечињата на вработените веќе е долгогодишна традиција, а рудниците воедно донираа и новогодишни пакетчиња на Општинската организација Црвен крст – Радовиш наменети за намјалите членови од социјално ранливите семејства во Радовиш, на Здружението на турците за хуманитарни и културни активности Кудрет Јашам Дернеѓи, на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Радовиш и Конче „Мобилност“, како и на децата на социјално ранливите семејства во Конче.
“Секоја детска насмевка претставува огромна радост. Во празничниот период се потрудивме да ги израдуваме дечињата, да им создадеме убави празнични мигови и да им помогнеме на семејствата од социјално ранливата категорија. Празниците се момент за нова надеж и нова верба дека ни претстои подобра и поуспешна година за сите нас,” изјави Ивица Карапетров, в.д. генерален директор на Боров Дол.
Имено, Бучим и Боров Дол, по традиција, во пресрет на новогодишните и божиќните празници, на најмалите членови на локланите заедници им доделуваат новогодишни пакетчиња. Така и годинава, повеќе од 1.000 новогодишни пакетчиња беа доделени, со цел да се предизвикаат многу детски насмевки и да се придонесе кон убави празнични моменти и спомени.
“Празниците се момент кога си посакуваме многу здравје, многу радост и многу среќа во годината што доаѓа. Најголема и најважна е радоста и среќата на децата. Со желба да им ги разубавиме празниците подарувајќи им новогодишни пакетчиња се потрудивме да придонесеме кон доловување на празничната атмосфера”, додаде Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.
Рудниците како и досега, така и во иднина ќе продолжат со реализација на хуманитарни и општествено одговорни активности, за подобрување и унапредување на животот на локалните заедници. Годинава, новогодишните донации беа заокружени со доделување на финансиски средства во висина од 5.000 евра на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака, за уредување и унапредување на условите во објектот.