ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш е посветен на промовирање на еколошки издржан и одржлив развој во своите оперативни процеси и активности за соработка. Во рамките на своите надлежности и согласно програмата на активности од областа на заштита на животната средина, рудникот изврши пошумување на територија на концесискиот простор.
Во соработка со ЈП “Национални шуми” подружница “Плачковица” – Радовиш, рудникот за бакар Боров Дол, во првата година од оперативното работење, спроведе акција за пошумување на голината на пределот кај браната во близина на пречистителната станица за технолошки води. На површина од 817 м2 се засадија 500 броја саден материјал, од кои 200 садници од црн бор и 300 од багрем. Стручниот тим на ЈП “Национални шуми” подружница “Плачковица” – Радовиш направи избор на садниците за пошумување и зеде учество во пошумувањето, особено во делот на подготовка на теренот и давање на стручна помош при самото пошумување, со цел добивање на позитивни резултати.
Озеленувањето на овој предел, освен што ќе придонесе за зачувување на биодиверзитетот, ќе придонесе за ублажување на ерозивните процеси, како и спречување на понатамошно појавување на поројници во сливното подрачје на Пенлив Дол и река Крива Лакавица и водената ерозија, која што е особено изразена во дождовните периоди.
“Разумно искористување на природните ресурси и правилно стопанисување – тоа е нашето мото. Нашите активности ги спроведуваме низ проактивно учество и постојана комуникација во врска со животната средина со сите соработници, институции и граѓански здруженија. Во нашите оперативни планови се вклучени сите превентивни мерки и активности кои обезбедуваат заштита и унапредување на животната средина. Ова е продолжување на континуитетот на исполнување на нашата обврска и грижа за животната средина. Со спроведувањето на програмата за пошумување ќе ги зазелениме голините, со што ќе се допринесе за подобрување на екосистемот, како и за намалување или сопирање на ерозивните процеси,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.
Во периодот кој следи, во соработка со ЈП “Национални шуми”, Општина Радовиш и граѓански здруженија, ќе се пошумуваат и други локации во непосредна близина на рудникот, со цел обновување на опожарените зелени површини во с.Дамјан, Радовиш кои што беа зафатени од неодамнешниот шумски пожар.