Рудникот за бакар Бучим ДОО Радовиш, првата половина на 2020 година ја одбележа со завршеток на експолоатација на минерални суровини од рудното тело Чукар 2, согласно предвидениот годишен план за производство.
Во месец јули, предвиден е планиран застој на производниот процес во рудникот Бучим заради градежни зафати неопходни за изградба на транспортната трака која ќе ги поврзува Боров Дол и Бучим. Во овој месец, околу 40 вработени ќе бидат на одмор, на кои ќе им биде исплатено 70% од целосната плата, согласно претходен заеднички договор. Периодот, воедно ќе биде искористен и за планираниот редовен ремонт на работната единица флотација. Од 1-ви јули до 1-ви август, ќе се извршуваат активности за потребните тековни ремонти на погонот за флотација, со што во истиот временски период ќе се одвиваат и подготовки за понатамошна експлоатација на бакарна руда од рудното тело Северо-Исток 2.
Врз база на претходно детално спроведени геолошки истражувања, докажано е дека постојат утврдени останати количини на рудни резерви во рудното тело Северо-Исток 2, кои ќе кои осигурат експлоатација и преработка на минералните суровини и непречно работење на рудникот Бучим.
“Истражените рудни резерви ќе овозможат непрекинато одвивање на производниот процес во рудникот до крајот на 2020 година. Претстојниот период, ќе го искористиме за интензивна подготовка за експлоатација на минералните суровини од рудното тело Северо-Исток 2, со што ќе обезбедиме континуитет во производниот процес и оптимална искористеност на бакарната руда во Бучим”, изјави Николјачо Николов, заменик генерален директор на Бучим.