Од денес, селата Бучим и Тополница ќе се снабдуват со чиста вода за пиење. Рудниците Бучим и Боров Дол се погрижија за непрекинато снабдување со питка вода на населението во соседните села.
На жителите им е овозможено достапност на исправна и чиста вода за пиење, со тоа што и во двете села се доставува питка вода од цистерна. Со овој чекор, се олесни потешкотијата на селаните коишто секојдневно патуваа до Радовиш, за да дојдат до чиста вода. Снабдувањето на населението со питка вода и решавањето на недостигот на вода за пиење во селата Бучим и Тополница e приоритетен сегмент во програмата за одржлив развој на рудниците. Во таа насока, рудниците посветено делуваат за надминување на овој проблем, а во меѓувреме, обезбедена е секојдневна дистрибуција на питка вода до населението и на двете села.
Започнати се истражувања за пронаоѓање на извори на вода, која што е погодна за пиење, за кои што рудникот Бучим одвои 50.000 евра и во скоро време Општина Радовиш ќе може да започне со реализација на проектот за изградба на водоводна мрежа за снабдување со вода за населените места Бучим и Тополница. Со ова ќе биде решен проблемот со недостаток на вода за населението од овие села и сите домаќинства ќе имаат пристап до безбедна и достапна вода за пиење.
“Работиме на решавање на проблемот на жителите на селата Бучим и Тополница, кои што немаат пристап до чиста и квалитетна вода за пиење. Деценискиот проблем на жителите на селата Тополница и Бучим, се предвидува во скоро време да биде перманентно решен, со тоа што ќе се постави водоводен систем и ќе имаат достап до здравствено исправна и чиста вода за пиење. Во тек се истражувања за пронаоѓање на питка вода и се обидуваме да го обезбедиме тоа на најдобар начин, за да можат соседните села да имаат стабилизирано снабдување со чиста вода,” додаде Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.