viber_image_2026-03-11_09-34-26-994

Кога се поддржуваат младите – се гради иднината

Вербата во младите значи верба во иднината. Како поддршка за училишниот спорт, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш обезбеди донација на тренерки за женскиот одбојкарски тим при ООУ „Никола Карев“ – Радовиш, чии ученички со посветеност, дисциплина и силен тимски дух достојно го претставуваат своето училиште.

Спортот не создава само победи на теренот, туку и вредности кои остануваат за цел живот – упорност, одговорност, самодоверба и почит кон тимот. Преку спортските активности учениците учат да соработуваат, да ги развиваат своите способности и да градат здрави животни навики.

Веруваме дека создавањето можности за развој, поттикнувањето на учениците активно да се вклучуваат во спортот и поддршката на училишните активности претставуваат важен чекор во градењето здрави, мотивирани и самоуверени генерации.

Преку вакви иницијативи, компанијата продолжува да придонесува кон создавање средина во која младите имаат можност да ги следат своите интереси, да ги развиваат своите таленти и да ги претвораат своите соништа во успеси.

Бучим им посакува многу успех на младите одбојкарки од ООУ „Никола Карев“ – Радовиш и уште многу спортски моменти исполнети со радост, тимска игра и нови победи.

WhatsApp Image 2026-03-11 at 12.25.13

Жените во Бучим – важен дел од тимот и развојот на рудникот

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш упатува искрена честитка и благодарност до сите жени кои со својата стручност, посветеност и професионализам секојдневно придонесуваат за развојот и успешното работење на компанијата.

Во компанијата моментално се вработени 69 жени од вкупно 654 вработени, што претставува околу 10,6 % од вкупната работна сила. Во периодот помеѓу минатогодишниот и овогодишниот 8 Март вработени се шест нови жени, што претставува позитивен показател за постепено зголемување на нивната застапеност во рударскиот сектор – индустрија во која традиционално учеството на женски кадар е помало.

Жените се активен дел од различни сегменти на работењето и не се присутни само во административните функции. Тие се вклучени и во техничките и оперативните процеси на рудникот како машински и хемиски инженери, геолози, оператори, техничари, лабораториски работници, како и раководители на служби, придонесувајќи со своето знаење и професионалност во функционирањето на компанијата.

Значајна е и нивната улога во управувачките структури. Од вкупно 59 раководни позиции, 11 се извршувани од жени (21,15 %), додека 41 позиција се извршува од мажи (78,85 %). Во рамките на топ менаџментот, една жена е дел од четиричлениот менаџерски тим, што претставува 25 % застапеност.

Оваа структура ја отсликува постепената динамика на поголемо вклучување на жените во процесите на управување. Компанијата континуирано посветува внимание на создавање еднакви можности за професионален развој, напредување и учество во раководни улоги, независно од родовата припадност. Поддршката на родовата еднаквост и охрабрувањето на жените да градат кариера во индустрии како рударството претставуваат важен дел од корпоративната култура.

По повод празникот, како знак на благодарност за нивниот придонес, беше организирано симболично одбележување на 8 Март. Дел од вработените жени имаа можност да учествуваат на организирано патување во Истанбул, кое овозможи заедничко дружење и одбележување на празникот во пријатна атмосфера. За оние кои не беа во можност да патуваат, компанијата обезбеди симболичен подарок за секоја жена, како израз на внимание и благодарност за нивниот секојдневен труд и професионален ангажман.

Со овој гест се истакнува почитта кон улогата и придонесот на жените во компанијата, кои со своето знаење, одговорност и професионалност се важен дел од нејзиниот развој и успех.

На сите жени им го честитаме 8 Март – Меѓународниот ден на жената, со благодарност за нивниот труд, знаење и инспирација.

WhatsApp Image 2026-02-23 at 09.22.30 (7)

„Smart-Lab“ – инвестиција во иднината: Бучим и СОУ „Коста Сусинов“ создаваат нов простор за иновации и знаење

Во просториите на СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, на 18 февруари 2026 година, официјално беше предадена опремата за „Smart-Lab“ – современа STEM лабораторија опремена со технологија за роботика, електроника и 3D моделирање, наменета за практична, проектна и интердисциплинарна настава.

„Smart-Lab“ произлегува од победничката идеја на ученичкиот тим GenLab, развиена во рамки на „Средношколскиот хакатон“ – заедничка иницијатива на СОУ „Коста Сусинов“ и Бучим, насочена кон поттикнување на иновативноста, техничкото образование и развојот на младите во локалната заедница.

Хакатонот за првпат беше организиран во 2024 година, а веќе на второто издание, одржано во декември 2025 година, учествуваа 10 ученички тимови – двојно повеќе од првата година. Овој раст претставува јасен показател за зголемениот интерес и доверба во иницијативата.

„Средношколскиот хакатон“ не е само натпревар, туку развојна платформа преку која младите идентификуваат реални потреби, развиваат одржливи и применливи решенија и стекнуваат практични технички и дигитални вештини. Она што ја издвојува оваа иницијатива е фактот што идеите не остануваат на хартија – тие добиваат конкретна реализација и долгорочна вредност за училиштето и заедницата.

Ова партнерство претставува пример како една компанија може да придонесе кон долгорочен локален развој – преку конкретни инвестиции во знаење, вештини и можности.

„Како компанија, веруваме дека одржливиот развој започнува со вложување во младите и нивното образование. “Средношколскиот хакатон” го создадовме како простор каде учениците можат да размислуваат иновативно и да креираат решенија со реална вредност. Фактот што интересот за само две години се удвои, а идеите се реализираат во конкретни проекти како “Smart-Lab”, е потврда дека инвестираме во вистинската насока – во знаење, во развој и во иднината на заедницата,“ истакна Кристина Крстева  директор за одржлив развој на Бучим.

Директорот на СОУ „Коста Сусинов“, Миле Арсов, потенцираше: „Ова е пример за тоа како образованието и индустријата можат заеднички да создаваат вредност за младите и за заедницата. Со воспоставувањето на ‘Smart-Lab’, нашето училиште добива современ едукативен ресурс кој овозможува практична примена на знаењето, развој на технички и дигитални компетенции и поттикнување на иновативното размислување кај учениците. Особено значајно е што оваа лабораторија произлегува од ученичка идеја – што дополнително ја зајакнува мотивацијата кај младите да истражуваат, создаваат и веруваат дека нивните решенија можат да станат реалност.“

Со ваквите иницијативи, Бучим не само што поддржува образовни проекти, туку системски гради партнерства што создаваат генерации млади луѓе подготвени да истражуваат, иновираат и активно да придонесуваат кон одржливиот развој на заедницата.

ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА за избор и склучување договор за набавка на медицински услуги за потребите на рудник Бучим

Компаниите што сакаат да учествуват на овој тендер, треба да достават официјални понуди на е-адреса tender@bucim.mk за да биде направен избор на најповолна понуда.

Сите заинтересирани страни што ќе достават понуда, треба да бидат запознаени со условите и критериуми укажани подолу во прилогот.

Краен рок  за доставување на понуда 10.03.2026г.

ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА НАБАВКА НА УСЛУГА ЗА ПРЕВОЗ НА ВРАБОТЕНИ ОД РАДОВИШ ДО БУЧИМ

Компаниите што сакаат да учествуват на овој тендер, треба да достават официјални понуди на е-адреса tender@bucim.mk за да биде направен избор на најповолна понуда.

Сите заинтересирани страни што ќе достават понуда, треба да бидат запознаени со условите и критериуми укажани подолу во прилогот.

Краен рок  за доставување на понуда 18.02.2026г.

WhatsApp Image 2026-01-29 at 11.30.40

Бучим организираше инклузивна работилница – простор за еднаквост, достоинство и заедништво

Во рамки на својата долгорочна посветеност кон одржлив развој и грижа за локалната заедница, рудникот реализираше инклузивна едукативно-креативна работилница, посветена на садење билки, грижа за растенија, еколошка едукација и заедничко создавање.

Работилницата беше концепирана како простор за социјализација, учење, поврзување и човечка блискост, наменета за лица со интелектуална попреченост, со јасна цел да се поттикне нивното активно вклучување во заедницата, да се зајакне чувството на припадност и да се создаде позитивна, безбедна и поддржувачка средина во која секој учесник е прифатен, почитуван и вреднуван. Преку практична работа со природата, учесниците развиваа нови вештини, еколошка свест и чувство на одговорност кон животната средина.

Посебна вредност на настанот му даде волонтерското учество на вработени од Бучим, како и активното вклучување на средношколци од СОУ „Коста Сусинов“, кои заедно со учесниците садеа билки, учеа за нивната примена, одгледување и значење за здравјето и природата. Овој модел на заедничко учество создаде вистинска интеракција, емпатија и доверба, градејќи мостови меѓу генерации, институции и различни групи во заедницата – без бариери, без поделби и без стигма. Овој пристап испраќа јасна и силна порака дека инклузијата не е концепт – туку пракса.

Бучим верува дека одржливиот развој не се мери само преку економски резултати, туку преку влијанието врз луѓето, достоинството, човечноста и квалитетот на заедницата.

Работилницата претставува јасен пример за тоа како Бучим ја претвора својата ESG стратегија во реална пракса – преку инклузија, волонтерство, солидарност и активна поддршка на заедницата, со трајно позитивно влијание врз луѓето и локалната средина.

Изјава на Кристина Крстева, Директор за одржлив развој на рудник Бучим: „Во Бучим веруваме дека секој човек има вредност, потенцијал и право на достоинствен живот, а инклузијата за нас не е обврска, туку длабока вредност и составен дел од идентитетот на нашата компанија. Оваа работилница е порака дека општеството станува посилно кога создава простор за сите свои членови и дека вистинската заедница се гради без маргини и исклучување, со почит кон различностите и еднаква вредност за секој човек. Настанот симболично покажа како расте инклузијата – со трпение, грижа, заедништво и љубов, а садењето билки е метафора за општеството што сакаме да го изградиме: општество во кое секој човек има свое место, вредност и реална можност да расте.“

WhatsApp Image 2026-01-07 at 08.31.09

Бучим со хуман гест за Бадник: Доделени 100 прехранбени пакети за социјално ранливи семејства во Радовиш и Конче

Во духот на христијанските вредности, солидарноста и грижата за заедницата, рудникот Бучим и оваа година, по петти пат по ред, реализираше хуманитарна иницијатива за поддршка на социјално ранливи категории граѓани.

На 5 јануари, непосредно пред Бадниковата вечер, беа доделени 100 прехранбени пакети на семејства од населените места во Радовиш и Конче, со цел и оние кои не се во можност самостојно да обезбедат празнична трпеза да ја почувствуваат топлината на Божиќ.

Акцијата беше реализирана во блиска координација со Општина Радовиш, Меѓуопштински центар за социјална работа Радовиш, кој ја обезбеди листата на семејства со реална потреба, како и со несебичната поддршка на волонтерите од Општинска организација на Црвен крст Радовиш, заедно со вработени од рудник Бучим.

„Оваа иницијатива произлезе од искрена човечка потреба – никој да не остане без празнична трпеза на Бадник. Како компанија што долгорочно инвестира во одржлив развој, веруваме дека грижата за заедницата е подеднакво важна како и секој производствен резултат. Оваа хуманитарна традиција ќе продолжи и во иднина, затоа што солидарноста е темел на одржливата заедница,“ изјави Кристина Крстева, директор за одржлив развој на рудник Бучим.

Бучим упатува длабока благодарност до сите вработени кои се вклучија во реализацијата на акцијата, како и до институциите и волонтерите на Црвен Крст кои со посветеност и човечка топлина придонесоа оваа иницијатива да стигне до оние на кои најмногу им е потребна.

Со оваа хуманитарна активност, рудникот уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон локалната заедница – не само како економски двигател, туку и како одговорен и хуман партнер,  кој верува дека вистинската вредност на празниците е во споделувањето, грижата и надежта.

Христос се роди!

WhatsApp Image 2025-12-25 at 17.31.51

Бучим ја одбележа Новата година со поддршка за децата и заедницата

Во периодот кога празниците нè потсетуваат на вистинските вредности – заедништвото, солидарноста и човечката грижа – Рудникот Бучим и оваа година реализираше новогодишна иницијатива насочена кон најмладите и кон пошироката заедница.

По повод Новата година, рудникот додели вкупно 1.200 новогодишни пакетчиња, кои беа наменети за децата на вработените, лица со интелектуална попреченост, сите деца од детските градинки во Општина Радовиш и Општина Конче, деца и млади од локалните спортски боречки клубови, како и за учесниците во традиционалниот празничен настан Бадникова литија, новогодишната програма „Средба со Дедо Мраз“ во организација на Општина Радовиш, Црвен крст – Радовиш, како и други локални здруженија и организации.

Со оваа активност, Бучим уште еднаш ја потврдува својата долгорочна заложба за одговорно и одржливо делување, инвестирајќи во вредности кои ја надминуваат деловната рамка и создаваат трајна позитивна вредност за заедницата.

Детската радост и искрената насмевка се најчистиот израз на празничниот дух. Грижата за децата и поддршката на ранливите категории се одраз на вредностите што ги негуваме како компанија и како дел од оваа заедница,изјави заменик управителот за одржлив развој, Кристина Крстева

Заменик управителот Ивица Карапетров истакна дека општествената одговорност претставува суштински дел од корпоративната култура на компанијата: „ Бучим е нераскинлив дел од заедницата во која работи. Нашата обврска не е само економска, туку и човечка – да придонесуваме за благосостојба, еднакви можности и празници исполнети со радост за сите.

Рудникот и во иднина ќе продолжи со реализација на општествено одговорни активности, со фокус на поддршка на децата, социјалната инклузија и одржливиот развој, водејќи се од принципите на одговорно корпоративно управување и грижа за луѓето.

Среќни новогодишни и божиќни празници!

WhatsApp Image 2025-12-23 at 15.11.56

Новогодишна магија и солидарност: Бучим со празнична иницијатива за децата на вработените

Во рамки на својата општествена одговорност и континуираната грижа за вработените и нивните семејства, рудникот Бучим на 21 декември 2025 година организираше предновогодишна прослава за децата на вработените.

Настанот обедини 110 деца и нивните родители и беше осмислен како празнична, едукативна и хуманитарна активност, со јасна цел да се зајакнат чувството на припадност, заедништво и солидарност, како и да се поттикнат позитивни вредности кај најмладите.

Програмата беше прилагодена на возраста на децата и вклучуваше детска театарска претстава со наслов „Каде е Дедо Мраз?“, како и интерактивни активности во кои децата активно учествуваа. Посебен сегмент од настанот беше хуманитарната акција за донирање играчки, преку која децата беа охрабрени да споделуваат и да развиваат чувство на емпатија и општествена одговорност. Собраните играчки ќе бидат донирани на Црвениот крст – Радовиш, со цел да им бидат доделени на деца од социјално ранливи категории.

Оваа иницијатива има двоен ефект – од една страна создава радосно и безбедно празнично искуство за децата на вработените, а од друга страна придонесува кон развој на култура на солидарност и активно учество во општествено одговорни активности уште од најрана возраст.

Со ваквите активности, Бучим ја потврдува својата заложба за градење позитивна и поддржувачка работна средина, во која семејните вредности и грижата за луѓето се составен дел од корпоративната култура. Истовремено, преку вклучување на децата во хуманитарни активности, компанијата придонесува кон развој на социјална свест, емпатија и чувство на солидарност кај најмладите.

Грижата за вработените не завршува на работното место – таа ги опфаќа и нивните семејства. Преку вакви настани создаваме позитивна и поддржувачка средина, а истовремено ги охрабруваме децата да ги развиваат вредностите на солидарност, споделување и заедништво. Ова е дел од пристапот на работењето на Бучим“изјави Алдана Лоровски Ристовски, заменик-раководител на службата за човечки ресурси.

Со оваа иницијатива, Бучим уште еднаш ја потврдува својата определба активно да придонесува кон позитивни општествени вредности во заедницата.

WhatsApp Image 2025-12-09 at 16.04.50

Рударските комплекси Бучим и Боров Дол и официјално се обединија 

Радовиш, 9 декември 2025 – Заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс Боров Дол кон Бучим, со што двата рударски комплекси официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект. Со ова се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.

Ова претставува стратешки чекор што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење на единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.

Присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со добавувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.

Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси ниту врз редовното извршување на обврските.

Присоединувањето на Боров Дол кон Бучим ни овозможува да работиме како единствен систем, во рамки на нашата Групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот,“ изјави Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Бучим.

Со новата интегрирана структура, рудникот Бучим продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.