WhatsApp Image 2025-10-06 at 12.03.05

Инвестициите во кадар и одржливото рударство во фокусот на излагањето на Ивица Карапетров на Подекс–Повекс ’25

На шеснаесеттото стручно советување со меѓународно учество „Подекс–Повекс ’25“, кое викендов ги обедини највлијателните имиња од рударската фела, особено внимание привлече панел-дискусијата посветена на темата „Патот кон одржлив развој во рударството“.

На панелот учествуваа Ивица Карапетров, заменик генерален директор на рудникот за бакар Бучим, проф. д-р Зоран Панов и Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини во Цементарница Усје. Панелистите дискутираа за визијата за новата ера на рударството – ера во која технологијата, одговорноста и луѓето стојат рамо до рамо.

Изјава на Ивица Карапетров: „Одржливото рударење е идеологија на водење бизнис, не само документ“

Би почнал од тоа да дефинираме што е одржливо рударење. Јас би го дефинирал вака – тоа е одговорно, рационално и профитабилно експлоатирање на минералните ресурси со минимален импакт врз животната средина, водејќи сметка и за идните генерации . Не се работи тука за документи, туку за идеологија на водење бизнис, идеологија на носење одлуки и решенија. Може ли одржливото да биде и профитабилно? Може – и мора. Но, потребно е време. Потребна е промена на свеста – кај стручната фела, кај раководството, кај средниот менаџмент и кај секој вработен. Таа промена треба да ја покрене топ менаџментот, а потоа да се спроведе низ сите нивоа на компанијата. Ова е долгорочен, но трпелив процес – кој бара континуитет, посветеност и реална волја да се менуваат навиките и пристапите кон работењето. Зборуваме за профитабилно и рационално рударење. Ако не е профитабилно – ќе се затвори, тоа е реалноста на бизнисот. Но, одржливоста не започнува и не завршува со рудниците. Таа мора да биде присутна и кај изведувачите, подизведувачите, добавувачите, работниците и локалната заедница. Одговорноста е заедничка – не треба да се вперува прст само во рудниците, затоа што одржливиот развој се гради заедно, преку соработка, разбирање и заедничка посветеност. Само така сите ние можеме да бидеме дел од решението, а не од проблемот.

Во своето излагање Карапетров нагласи дека традиционалното рударство не може да биде целосно одржливо, но може да стане порегенеративно, преку создавање нова вредност во секоја фаза од работењето – од рекултивација на теренот и повторна употреба на водата, до долгорочна грижа за заедницата.

Една од клучните теми што се наметна во дискусијата беше недостигот на квалификувана работна сила и потребата да се инвестира во образование и поттикнување на младите да се вклучат во оваа индустрија.

Во таа насока, Карапетров истакна дека „Бучим“ се позиционира како општествено одговорен работодавец, кој активно инвестира во развој на човечки капитал преку стипендии за студенти, дуални програми со факултетите, вработување млади инженери и поддршка на образовни иницијативи во локалните заедници.

Советувањето, на кое присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, беше одлична можност за размена на искуства меѓу реалниот рударски сектор и академската заедница, како и за дискусија на актуелни теми и поставување на визијата за иднината на индустријата.

WhatsApp Image 2025-10-06 at 11.16.46 (5)

Тимот на Бучим и оваа година дел од Виз Ер Скопскиот маратон 2025!

Со многу енергија, тимски дух и позитивна атмосфера, нашите колеги ја претставија компанијата на најголемиот спортски настан во земјата, кој викендов го претвори Скопје во вистински маратонски град.

Во трката на 5 километри учествуваа петмина вработени од Бучим, додека уште четворица беа дел од штафетниот маратон (42 км). Во силна корпоративна конкуренција, тимот на Бучим го освои високото 8-мо место, со што уште еднаш потврди дека упорноста, дисциплината и соработката се вредности што ги споделуваме не само во работата, туку и надвор од неа.

Горди сме на нашиот тим кој со голем ентузијазам и заедништво го претстави Бучим на Виз Ер Скопскиот маратон. Ова учество не е само спортски успех, туку и потврда на нашата корпоративна култура , дека кога работиме и делуваме заедно, можеме да постигнеме одлични резултати. Ваквите активности се дел од нашата заложба за промовирање на здрав и активен начин на живот, тимски дух и меѓусебна поддршка,“истакна раководителот на служба за човечки ресурси на Бучим, Мирослав Петров.

Со ова учество, Бучим уште еднаш ја потврди својата посветеност кон промовирање на здрави вредности, спортски дух и заедништво, кои се составен дел од корпоративната култура на компанијата.

Браво за нашиот тим – горди сме на вас!

WhatsApp Image 2025-09-01 at 11.30.06

Со донација од 40.000 евра за Здравствен дом Радовиш, Бучим го одбележа Денот на македонските рудари

Радовиш, 29 август 2025 година – Со свеченост во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски,  соработници и претставници на локалната заедница, рудниците Бучим и Боров Дол го одбележаа Денот на македонските рудари – 28 август, празник кој е симбол на трудот, посветеноста и истрајноста на рударите.

Во своето обраќање, заменик генералниот директор на Бучим и Боров Дол, г-дин Ивица Карапетров, нагласи: „Со претстојното припојување на Боров Дол кон Бучим започнуваме ново поглавје во македонското рударство. Градиме стабилна и одржлива компанија која не е насочена единствено кон производството, туку и кон луѓето – вработените и заедницата. Се залагаме за создавање на средина во која секој вработен ќе работи безбедно, ќе има можност за професионален развој и ќе придонесува кон трајна вредност за идните генерации.“

Во чест на празникот, Бучим ќе донира опрема во висина од 40.000 евра на Здравствениот дом во Радовиш за целосна дигитализација на рендген машината. Со оваа донација ќе се овозможи побрза и поефикасна здравствена услуга, со што компанијата уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон подобрување на квалитетот на живот за локалната заедница.

Сите вработени во компанијата и оваа година добија парични награди за својот придонес во успехот, а 24 најуспешни беа одликувани со дополнителни бонуси како признание за нивните извонредни резултати, труд и посветеност. Наградите и признанијата се дел од стратегијата на „Бучим“ за вреднување на човечкиот капитал како најважен ресурс во рударството.

Радовиш и Бучим секоја година на 28 август потсетуваат на историскиот Штрајк на рударите во Лојане во 1929 година – чин што остави длабока трага во борбата за достоинство и работнички права, и кој претставува вечен потсетник дека рударството е дел од идентитетот и културното наследство на македонскиот народ.

Вчерашната прослава беше заокружена со концерт на групите „Нокаут“ и „Дивље Јагоде“ во центарот на Радовиш, со што празникот доби и културна димензија, обединувајќи ја заедницата во духот на почит и благодарност кон рударите.

WhatsApp Image 2025-08-22 at 12.26.11

Радовиш беше домаќин на изложбата ‘Иднината е сега’, поддржана од Бучим

Во поддршка на развојот на културните и општествените вредности во заедницата, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, во партнерство со Музејот на љубовта и уметноста, на 14 август 2025 година се реализираше изложбата на детски уметнички творби „Иднината е сега“.

Свеченото отворање се одржа во 18:00 часот во Музејот на љубовта и уметноста – Радовиш, каде беа претставени околу 70 уметнички дела. Поставката ги опфати творбите на најмладите креативци од Радовиш, децата на вработените во рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“, учесници од детската градинка „Ацо Караманов“, како и деца од странство кои беа дел од меѓународниот проект „Иднината е сега“. Нивните искрени и шарени визии понудија свеж и инспиративен поглед кон свет исполнет со природа, радост и заедништво.

Особено значење доби фактот што изложбата беше дел од глобален проект под кураторство на Петара Зублазинг – двократна олимпијка и индустриска уметничка – кој обединува млади креативци од повеќе од десет земји. Нејзиното кураторство внесе меѓународна димензија и уметничка длабочина, дополнително поврзувајќи ја локалната заедница со светското креативно движење.

Настанот беше збогатен со врвна музичка изведба на пијанистот Петар Трбојевиќ, кој со својата прецизна техника и уметничка зрелост претстави внимателно одбран репертоар од класичната музичка литература, внесувајќи ја публиката во свет на извонредна музичка естетика и емоција.

Изложбата уште еднаш ја потврди посветеноста на „Бучим“ кон промовирањето на детската креативност, збогатувањето на локалната културна сцена и зајакнувањето на чувството на заедништво во заедницата. Публиката уживаше во уникатната поставка и ја поддржа креативноста на најмладите таленти, чии дела симболично ја претставија иднината што сите ја посакуваме.

WhatsApp Image 2025-08-20 at 14.51.21

Рудник „Бучим“ со хербално-креативна работилница за децата на вработените и поддршка за лицата со попреченост

Во рамки на својата стратегија за одржлив развој, рудникот Бучим на 16 август 2025 година организираше хербално-креативна работилница за децата на своите вработени, на возраст од 5 до 10 години. Настанот се одржа во просториите на површински коп Боров Дол и опфати 12 пријавени деца кои преку игра и креативни активности имаа можност да ја откријат врската помеѓу природата, уметноста и традицијата.

Преку интерактивен пристап, најмладите учесници се запознаа со билки како нане, маточина, рузмарин, оригано и жалфија – учеа за нивната примена, создаваа цртежи и рамки со суви билки, садеа свои растенија и дегустираа производи подготвени од билки. На крајот, секое дете доби диплома како поттик за неговата љубопитност и креативност.

Особено значење на работилницата ѝ даде соработката со социјалното претпријатие „Билкилајф – центар за хербализам, туризам и одржлив развој“. Дел од средствата обезбедени преку оваа активност „Билкилајф“ ќе ги насочи кон подобрување на квалитетот на живот на лица со интелектуална попреченост, што ја надградува едукативната компонента на работилницата со општествено значајна димензија.

Нашата цел е рударството да придонесува за заедницата во поширока смисла – преку создавање можности за едукација, култура и поддршка, испраќајќи јасна порака дека општествената одговорност и долгорочниот одржлив развој се огледало во кое економскиот раст ја наоѓа својата вистинска вредност.” истакна Кристина Крстева, заменик управител за одржлив развој на Бучим и Боров Дол.

Друштвото уште еднаш ја потврдува својата определба да биде повеќе од рударски комплекс – партнер на вработените, поттикнувач на едукативни и културни содржини и двигател на позитивни промени во заедницата.

WhatsApp Image 2025-07-30 at 12.19.37

Рудник „Бучим“ – партнер на заедницата во кризни моменти

Во најкритичните денови од огнената стихија што ја зафати планината Готен и околината на Радовиш, рудникот „Бучим“ и „Боров Дол“ застанаа цврсто зад локалната заедница – не со зборови, туку со конкретна акција на терен. Мобилизирани беа машини, гориво, оброци, логистика и – најважно од сè – луѓе, кои без двоумење одговорија на повикот за помош.

Рудникот активно се вклучи во координираните активности за спречување на ширењето на пожарите, кои сериозно се закануваа на населените места. Интервенциите беа реализирани во целосна соработка и под координација на надлежните институции – Противпожарната единица, Центарот за управување со кризи и локалната самоуправа. Две рударски машини – цистерна и булдожер – беа ангажирани на најкритичните локации. Во координација со Црвен крст Радовиш, беа обезбедени пакети со вода, електролити и храна, кои беа дистрибуирани до пожарникарите, припадниците на Армијата, полицијата и другите теренски служби и волонтери. Вкупно беа доставени 950 оброци во текот на трите најинтензивни денови од борбата со пожарот. Дополнително, на Општина Радовиш ѝ беше донирано гориво во вредност од 5.000 евра за потребите на механизацијата на терен.

Цистерната беше транспортирана на 27 јули од рудникот до селото Подареш. Во следните четири дена, машината служеше како мобилен пункт за полнење на возила со вода, клучен ресурс за гаснење на пожарите. Постојано дежурната екипа од осуммина вработени од „Бучим“ се грижеше за нејзиното непречено и безбедно функционирање. Истовремено, булдожерот беше активиран на теренот кај селото Јаргулица, каде започна изградбата на заштитен противпожарен појас со ширина од 12 до 17 метри. Во првите два дена, расчистен беше појас со вкупна должина од над 7,5 километри – од селото Јаргулица до Покрајчево, а потоа и до постоечките линии над селото Злеово, блиску до браната. Овие интервенции беа од суштинско значење за прекинување на огнот и заштита на поширокиот регион.

Сите активности беа спроведени под надзор и логистичка координација од страна на искусни членови на тимот – раководители, оператори и возачи – сите вработени во „Бучим“. 

„Во вакви моменти се гледа вистинската сила на заедницата. Нашите вработени покажаа висока одговорност, храброст и професионалност во момент кога беше најпотребно. Поддршката што ја обезбедивме не беше само техничка – тоа беше искрено вложување во безбедноста на заедницата“, Кристина Крстева, директор за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров дол

Со оваа интервенција, Бучим уште еднаш покажа дека е повеќе од индустриски капацитет – тој е партнер на заедницата, подготвен да помогне кога е најпотребно. Помошта не беше обврска. Беше должност – човечка и морална. Рудникот уште еднаш потврди дека стои  цврсто зад заедницата – со ресурси, луѓе и солидарност.

WhatsApp Image 2025-07-21 at 10.53.09

Бучим и најмладите заедно за животната средина: еко работилница во градинката „Ацо Караманов“ – Радовиш

Во рамки на своите заложби за одржливо работење и градење на одговорно општество, рудникот Бучим реализираше несекојдневна еко-едукативна работилница во соработка со ОЈУДГ „Ацо Караманов“ – Радовиш. Под отворено небо и во весела атмосфера, на 18 јули 2025 година, дворот на градинката се претвори во зелена оаза каде најмладите – децата, заедно со своите воспитувачи и претставници од Бучим, учеа и градеа основи за поодговорна и еколошки свесна иднина.

Работилницата беше насочена кон поттикнување на еколошка свест уште од најрана возраст, преку креативни и интерактивни активности – изработка на декоративни фигури од рециклирани материјали, садење цвеќиња и игри со едукативен карактер. На непосреден и забавен начин, децата се запознаа со основните принципи на заштита на природата, рециклажа и значењето на заедничко делување.

Веруваме дека долгорочната еколошка одржливост започнува со воспитување и образование уште од најрана возраст. Со вакви акции испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност – на компаниите, на семејствата и на секој поединец,“ истакна Марина Санева, раководител на службата за заштита на животната средина при Боров Дол.

Настанот беше овозможен благодарение на заедничкиот ангажман на тимот на Бучим и посветеноста на воспитниот кадар, што уште еднаш ја потврди силата на соработката меѓу индустријата и локалната заедница.

Ова е пример за тоа како компанијата може да биде активен чинител во градењето на одговорна генерација. Преку вклучување на вработените и заедницата, инвестираме во создавање на вредности како што се грижата, почитта и одржливоста,“ додаде Алдана Лоровски-Ристовски, заменик раководител на службата за човечки ресурси.

Акцијата е дел од пошироката ESG стратегија на Бучим, која ја нагласува важноста на соработката со заедницата, едукацијата како алатка за долгорочен позитивен ефект и практикување на етичко и одговорно управување.

Преку вакви иницијативи, Бучим не само што придонесува кон развој на индустријата, туку и активно вложува во подобрување на квалитетот на животот, образованието и еколошката култура на идните генерации. Одговорноста за иднината започнува денес – преку ангажман, соработка и постојана грижа за луѓето и природата.

Искрена благодарност до тимот на ОЈУДГ „Ацо Караманов“ – Радовиш за топлиот прием и поддршката. Бучим останува цврсто посветен на мисијата за создавање одржлива иднина – чекор по чекор, генерација по генерација.

WhatsApp Image 2025-07-10 at 13.41.26

Млади радовишани со зелена визија – започнува иновативен еко-проект поддржан од рудникот Бучим

Радовиш, 9 јули 2025 – Шест млади ученици од општина Радовиш се новите носители на еколошката промена во својата заедница. Со поддршка од рудникот Бучим, а во соработка со Здружението „Круна Плус“, тие го започнуваат својот прв самостоен иновативен еко-проект, насочен кон идентификување, истражување и решавање на еколошки предизвици во локалната средина – преку објективот на младите, за младите.

Проектот е дизајниран како динамична платформа која комбинира едукација, теренско истражување, креативна акција и медиумско изразување. Младите учесници ќе имаат можност да учат од стручњаци, да работат во тим, да ја истражат својата средина и да продуцираат подкасти, јавни презентации и мини-кампањи со силна порака за еколошка свесност и одговорност. Целта е двојна: зголемување на свесноста за еколошките прашања и овозможување на младите да бидат активни креатори на позитивни општествени промени

Преку практична работа и креативни активности, проектот ќе им овозможи на младите не само да размислуваат критички и да анализираат конкретни проблеми, туку и да понудат реални, одржливи решенија. Во текот на претстојните месеци, тие ќе реализираат еколошки акции, медиумски содржини и работилници, со што ќе придонесат кон подобрување на локалната еколошка свест и практики.

„Преку проектот ќе можеме да се изразиме, да научиме како да работиме во тим, да ги застапуваме нашите ставови и да се зајакнеме како личности,“ – велат младите учесници во нивното воведно видео, подготвено како најава на активностите.

Рудникот Бучим, како општествено одговорна компанија, активно работи на градење на одржлива иднина преку поддршка на младински иницијативи и проекти. Овој проект е дел од таа поширока стратегија за ангажман со заедницата, особено во областа на животната средина и граѓанската одговорност.

Кристина Крстева, заменик-управител за одржлив развој на Бучим и Боров Дол: „Веруваме во потенцијалот на младите и знаеме дека вистинската промена започнува со нивната енергија и идеи. Преку овој проект, тие не само што ќе се едуцираат, туку и ќе се охрабрат да дејствуваат, да предлагаат решенија и да бидат активни чинители во заедницата. Наша обврска како компанија е да создадеме вакви можности. Преку оваа иницијатива, младите добиваат простор и поддршка да ја истражат својата околина, да мислат критички и да понудат решенија кои имаат потенцијал да предизвикаат позитивна промена.“

Александар Јашков, координатор на проектот од Здружение „Круна Плус“: „Ова не е само проект – ова е процес на трансформација. Младите добиваат простор да мислат критички, да делуваат креативно и да создадат содржини што инспирираат. Соработката со Бучим ни овозможи да изградиме безбедна и стимулативна средина каде младите не само што учат, туку и се слушнати“

Радовиш добива нова генерација на еколошки свесни, активни и инспирирани млади луѓе, кои не чекаат решенија – туку ги создаваат.

WhatsApp Image 2025-06-04 at 08.57.47

Децата на нашите вработени – уметници на иднината Ликовна работилница по повод Меѓународниот ден на детето – 1 Јуни

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на детето, на 1 Јуни 2025 година, во рудникот Боров Дол беше организирана ликовна работилница со едукативен и креативен карактер, на која учествуваа 38 деца на вработените во Бучим и Боров Дол, на возраст од 5 до 10 години.

Поддржани од професионалните локални уметници Душан Коцев и Марјанчо Крстев, децата имаа можност преку својата имагинација и уметнички талент да создадат цртежи инспирирани од рударските машини, објекти и секојдневието на своите родители. Ликовната работилница се одржа на отворен простор, пред административната зграда на рудникот Боров Дол, и беше организирана со цел децата да го доживеат рудникот не само како работно место на нивните родители, туку и како инспирација за уметничко изразување.

Делата на малите уметници ќе бидат изложени во административните канцеларии на нивните родители, а дел од нив  и ќе бидат вклучени како дел од уметничката изложба што се организира во рамки на ОТВОРЕНИОТ ПОВИК ЗА МЛАДИ УМЕТНИЦИ под мотото „ИДНИНАТА Е СЕГА“, организиран од страна на Creative Fellowship. Оваа иницијатива ги поканува младите да изразат како ја гледаат иднината преку цртеж, слика, фотографија или дигитална илустрација, со можност за учество во онлајн изложбата „Ready2Print“ и добивање место во специјалниот бележник за 2026 година.

Изјава на Мирослав Петров, раководител на служба за човечки ресурси – Бучим и Боров Дол: „Преку оваа иницијатива ја изразуваме нашата искрена заложба за благосостојбата на семејствата на вработените – создавајќи моменти на радост, инспирација и поврзаност. Ги охрабруваме децата да сонуваат, да се изразат слободно и креативно, а нивната насмевка и ентузијазам се нашата најголема мотивација и потврда дека сме на вистинскиот пат. Токму овие вредности,  грижата и  и одговорноста се дел од нашата култура и преку ЕСГ пристапот ги претвораме во конкретни и значајни чекори за подобра иднина.

Преку оваа активност, рудниците Бучим и Боров Дол испратија силна порака – дека инвестицијата во иднината започнува со поддршка на најмладите денес – во растот и развојот на новите генерации.

WhatsApp Image 2025-05-27 at 07.38.49 (1)

Бучим и Боров Дол: Поддршка за младите и заедницата преку Social Day 2025

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и ДПТУ „Боров Дол“ ДООЕЛ Радовиш на 26.05.2025 година го отворија својот капацитет за 24 средношколци од СОУ „Коста Сусинов“ Радовиш, во рамките на Social Day 2025. Со оваа акција, младите го заменија еден училишен ден со работен, стекнувајќи практично искуство и волонтерско ангажирање, а нивната дневница ќе биде наменета за младински проекти кои ќе го реализираат самите ученици.

Social Dаy овозможи на секој ученик да се запознае со основните работни процеси, да добие увид во професионалните барања на различни работни позиции во рудниците  и да ја осознае важноста на тимската работа, одговорноста и професионалноста. Истовремено, нивната дневница се насочува за подобрување на условите за учење и креативен развој – од опремување училници до културни и општокорисни активности кои носат долгорочна вредност за целата заедница. Преку ова искуство, кај младите се развива свеста за општото добро и се поттикнува начинот на размислување. Тие учат како индивидуалниот труд и заедничката работа можат да доведат до поширока корист, создавајќи позитивни промени кои ја надминуваат рамката на едно училиште или една генерација.

Со овозможување на вакви иницијативи, Бучим и Боров Дол ја покажуваат својата долгорочна заложба за поддршка на младите и развојот на заедницата. Активностите се внимателно избрани за да обезбедат вредно искуство за младите и да создадат позитивни промени кои се чувствуваат пошироко во локалната средина.

Изјава од Заменик управител за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров Дол , Кристина Крстева:Со големо задоволство ја поддржуваме иницијативата Social Day. За младите ова е можност да ги прошират своите видици и да научат повеќе преку практична работа, а за нас, пак, ова е уште еден начин да придонесеме кон создавање на средина која поттикнува нови можности и одржлив раст и вложување во генерациите кои ќе го движат нејзиниот напредок.“

Бучим и Боров Дол остануваат посветени на долгорочен развој, поттикнување на ангажираноста на младите и градење средина која нуди нови можности за сите.