Господине Бронштејн, од 2005 година, Солвеј инвестмент груп е дел од бизнис-заедницата во Северна Македонија. Од денешна перспектива, по толку долго време, како ги оценувате резултатите од Вашите инвестиции?
Д. Бронштејн: Исклучително позитивно. Во сите овие години наназад, уште од самиот момент на рестартирање, Бучим работеше стабилно и ги надмина нашите очекувања во однос на рудните резерви и ефикасноста на производството. Главниот фактор што влијае врз успехот на компанијата е поддршката од страна на локалното население, квалификуваниот и мотивиран персонал и извонредното производство.
Со кои предизвици се соочивте во изминативе години и кои се Вашите деловни достигнувања за кои најмногу сте горди?
Д. Бронштејн: Во однос на нашето работење во Северна Македонија, горди сме што, наспроти генерално зголемената претпазливост кон рударската индустрија, нашата компанија доби општествено и правно одобрување за развој на рудното наоѓалиште Боров Дол. Имаме поддршка од населението, од општинските власти и од централната власт. Ако зборуваме за предизвиците, тогаш не може, а да не се споменат временските одложувања за подготовката и спроведување на целокупната техничка документација за изградба на новиот површински коп и транспортната лента, како и нивно одобрување од страна на надлежните органи. Исто така се соочивме и со некои потешкотии за време на процесот на пуштање во работа, што не ни дозволи да го исполниме нашиот крајно амбициозен план за започнување со производството од Боров Дол во 2020 година. Но, сите овие отстапувања беа компензирани од одличната продуктивност на површинскиот коп во Бучим изминатава година, така што производствениот погон за флотација секогаш беше 100 % снабден со руда.
Солвеј е меѓународна компанија која успешно управува со повеќе компании во различни земји. Како го оценувате деловното опкружување и потенцијалот на Северна Македонија во однос на развојот на рударската индустријата?
Д. Бронштејн: Северна Македонија е земја со долгогодишна рударска традиција. Рударската професија на Македонците им е многу добро позната и е од големо значење. Цели генерации на рудари постојат овде. Тоа е она што ја разликува вашата земја од другите земји каде што е присутен Солвеј, во кои професијата рудар или металург не е традиционална. Во Бучим имаме исклучително мал процент на флуктуација на вработени, одржлив социо-економски развој и затоа бизнисот е стабилен. Сметам дека рударската индустрија во вашата земја ќе продолжи успешно да се развива уште многу години.
Вашите први инвестиции во нашава држава беа рестартирање на пропаднати стопански капацитети. Неодамна развивте комплетно нов проект. Како се појави идејата за отворањето на рудникот Боров Дол и каква е иднината на Бучим?
Д. Бронштејн: Искрено, долго време рудникот Боров Дол се сметаше за непрофитабилен поради комбинација на два фактора: големи инвестициски вложувања во раскривање на рудното тело во висина од над 50 милиони евра без вклучени трошоци за изградба на инфраструктура и набавка на рударска опрема и ниската содржина на бакар во рудата. Овие услови не дозволија проектот да покаже прифатлива исплатливост на инвестицијата за донесување инвестициска одлука. Долго се двоумевме во врска со овој чекор, но при помислата дека рудните резерви во Бучим полека се исцрпуваат и му претстои затворање се решивме да побараме надворешно мислење. Ангажиравме канадска инженерска компанија со искуство во областа на развој на наоѓалишта со ниски содржини на метали во подрачја со тешки климатски услови. Добивме предлог за етапен развој, што овозможи значително да се намали инвестициската компонента, нашите геолози ја прифатија идејата и решивме да го започнеме проектот. Годинава се исцрпуваат рудните резерви на Бучим, но ќе продолжиме со производство на бакарниот концентрат од површинскиот коп на Боров Дол. Површинскиот коп на Бучим дојде до крајот на својот производствен циклус, но погонот за флотација ќе продолжи со работа сè до исцрпувањето на рудните резерви во Боров Дол при услов да инвестираме во подобрување на технологијата и тоа е она што во моментов го правиме. Исто така разработуваме и план за рекултивација на површинскиот коп во Бучим кој, имајќи ги предвид тековните истражувачки работи, ќе се имплементира во текот на следната година.
Странските директни инвестиции играат посебна улога во стимулирањето на економскиот раст на земјите. Како избирате каде да инвестирате?
Д. Бронштејн: Првенствено избираме проекти со силни конкурентни предности во земји со стабилно опкружување и учество на јавноста во процесот на донесување одлуки. Со оглед на кардиналните промени во светот, очигледно е дека при донесувањето одлуки за инвестиции профитот веќе не е единствениот критериум. Сега анализираме поголем број на фактори при донесувањето на одлуките, на пример, дали ќе можеме да ги имплементираме одржливите цели за еколошко, општествено и корпоративно управување во новиот проект (ЕСГ) подобро отколку во претходните проекти на групацијата. Се прашуваме дали ќе можеме да обезбедиме електрична енергија на начин што ќе доведе до доближување кон целта на групацијата за намалување на емисиите на стакленички гасови. Правиме проценка на обемот и на опсегот на влијанието на проектот во регионот и на очекувањата на јавноста како целина од нас. Се разбира, ваквите дополнителни ограничувања ги намалуваат можностите за нови проекти, но ова е единствениот начин да се остане општествено одговорна, глобална компанија.
Транспарентната инвестициска филозофија овозможува избегнување на непотребните грешки, креира систематски пристап кон управување и го поедноставува и структурира работниот тек. Која е филозофијата на инвестирање на Солвеј?
Д. Бронштејн: Ние донесуваме инвестициска одлука само во случај кога постои патека за долгорочен одржлив развој. Не започнуваме проект со краткорочна цел. Се трудиме да планираме производство за неколку децении и нашата визија ја споделуваме со заинтересираните страни − државните и локалните органи, општеството, колективот и јавноста. Немаме притисок од финансиски инвеститори кои бараат непосредни резултати или од кредитори, имаме пример за негативен нето-долг, така што можеме да си дозволиме инвестирање со долг период на враќање на инвестицијата. Ете на пример, веќе повеќе од 15 години работиме во Северна Македонија, а притоа сега разговараме за инвестиции што ќе им овозможат на Бучим и на Боров Дол да работат барем минимум уште толку. Рударството е долгорочна инвестициска работа. Сите проекти во нашето портфолио работат со резерви од најмалку 10 години и ова е тоа што нè разликува, не само од приватните компании од нашиот ранг туку и од многу други признати лидери во индустријата.
Какво е влијанието од пандемијата на корона вирусот врз рударската индустрија? Како Вашата компанија се справува со оваа криза?
Д. Бронштејн: Пандемијата се рефлектираше на многу аспекти од нашите животи и ги погоди сите сфери на економијата на различни начини. Рударскиот сектор не е имун на пандемијата чии влијанија се разликуваат во зависност од земјата, од суровините и од начинот на работа. Многу влади презедоа драстични мерки за спречување на ширењето на корона вирусот како што се тотални затворања кои доведоа до привремени суспензии на некои рударски капацитети низ целиот свет. Сепак, и покрај сериозните предизвици, работењето на Солвеј остана релативно стабилно. Успеавме не само да спречиме прекин во работењето на нашите компании туку и да ги спречиме негативните социјални и економски последици врз регионите во кои работиме. Обезбедивме континуирано работење на претпријатијата и, во повеќето случаи, го реализиравме планираното производство. Реагиравме брзо и доследно на строгите пандемиски мерк водејќи се од два клучни приоритети. Прво и најважно, ги штитевме здравјето и безбедноста на вработените и на локалните заедници. Второ, поставивме основа за поддршка на долгорочно економско закрепнување, вклучително и поддршка преку егзистенција, заштита и помагање во градењето на долгорочна отпорност на заедницата. Во сите наши компании воведовме санитарни и епидемиолошки безбедносни практики за да го спречиме ширење на вирусот како во работната средина, така и во нашите заедници. Овие мерки ни овозможија да продолжиме со работа и покрај тешките услови создадени од пандемијата. Сепак, нашата цел е да осигуриме безбедно работење, да ги зачуваме работните места, да го одржуваме нашиот бизнис и да ги заштитуваме нашите заедници.
Кои се приоритетите на Вашата компанија и кој е суштинскиот дел од долгорочната стратегија за македонските компании?
Д. Бронштејн: Како што реков, ние целиме кон долгорочно присуство со одржлив развој. На Бучим и на Боров Дол гледаме како на долгорочен капитал за нашата групација и во иднина ќе разгледуваме можности за зголемување на севкупната продуктивност врз основа на очекуваниот пораст на ресурсите од доистражувањето на рудните резерви. Ќе инвестираме во обновување на рударската опрема и подобрување на ефикасноста на постројката за производство на бакарен концентрат. Во однос на социјалниот развој, ќе продолжиме да инвестираме во развојот на вештините на нашите вработени, да ги идентификуваме и, каде што е можно, да ги задоволиме потребите на локалните заедници, пред сè во областа на образованието и поддршка на културни и спортски настани.
Рударската индустрија е во пресвртна точка поради сè покомплексните предизвици. Еден од нив, како што и самите спомнавте, е инвестирањето во одржливи цели за еколошко, општествено и корпоративно управување − ЕСГ. Кои чекори ги презема Вашата компанија како одговор на сите предизвици во новата ера на рударството?
Д. Бронштејн: Навистина, рударскиот сектор се соочува со значителни предизвици кои бараат комплексни промени. Овие предизвици создадоа императив да се иновираат, радикално да се трансформираат рударските процеси и да се усогласат со построгите регулативи. Низ целиот свет денес е актуелно барањето за премин кон т.н. концепт на „зелено рударство“, што всушност претставува збир на најдобрите применливи практики за ефикасен ископ на минералните суровини, поаѓајќи од минимална промена на конфигурацијата на теренот и минимална загуба на корисната компонента, со практики на електроснабдување на производството, а исто така и максимална заштита на водите, на животната средина и целосна рекултивација на коповите откако ќе бидат исцрпени. Овие практики се формулирани во Екваториjалните принципи, стандардите на Меѓународната банка и ИСО-стандардите. Спроведувањето на формализираните барања кон рударските компании за нас не претставува нов предизвик бидејќи нашата компанија веќе долги години доброволно ги следи овие начела и принципи, спроведува редовна ресертификација и подлежи на редовна ревизија од страна на меѓународни ревизори. Редовно дискутираме за новите стандарди, како и за можноста за нивната имплементација во нашите претпријатија. Сите наши нови проекти се инхерентно усогласени со најнапредните стандарди во индустријата и, за кратко време, откако ќе го достигнат целиот свој капацитет, подлежат на соодветни ревизии и рангирања. Особено сме внимателни и одговорно се однесуваме кон трендот на ЕСГ. За нас ова значи пренасочување на фокусот од оптимизирање на производствените перформанси, што пред сѐ е од интерес на акционерите и на даночните власти, кон оптимизирање на влијанието од бизнисот врз поширок круг на засегнати страни. Во насока на исполнување на еколошките, социјалните и управувачките цели − ЕСГ, на ниво на проект, од особено значење е комуникацијата со повеќе заедници, поотворена соработка со организациите за заштита на животната средина и човековите права и поголема транспарентност, со цел вклучување и информирање на сите заинтересирани и засегнати страни во процесот на нашето работење. Додека пак, на ниво на холдинг компанија, ова значи усвојување на долгорочна стратегија за подобрување на ефикасноста во областа на ЕСГ, создавање тим од специјалисти за извршување на внатрешна контрола врз активностите на подружниците во оваа област и, на среднорочен план, добивање меѓународен ЕСГ-рејтинг, како и понатамошен акциски план за подобрување на перформансите на еколошкото, општественото и корпоративното управување.
Како го оценувате пазарот на индустриските метали, неговите движења, промени, трендови? Што го чека рударство во 2021 година?
Д. Бронштејн: Многу од учесниците на пазарот и аналитичарите сметаат дека пазарот на индустриските метали ќе доживее период на долгогодишен структурен раст, т.н. „суперциклус“. Во споредба со вообичаениот цикличен пораст, суперциклусот се разликува со структурното поместување во рамнотежата на понудата и побарувачката. Понудата на индустриски метали, особено бакарот, расте многу бавно поради отсуството на инвестици во геолошки истражувања и изградбата на нови капацитети во текот на изминатава деценија наспроти ниските цени. Исто така, во денешни услови, процесот за добивање дозвола и најглавно, поддршката од локалното население, за започнување на крупно рударско производство станува сè поотежнато. Во исто време, во светот постои огромна побарувачка за промена на енергетската парадигма во корист на обновливата енергија за што се потребни енормни инвестиции и во производството и во дистрибуцијата на електрична енергија. Паралелно на ова, развиените земји и Кина за забрзување на економскиот раст нагло ги зголемија инвестициите во инфраструктурни проекти. Па така, побарувачката на индустриските метали во следнава деценија ќе бележи значително побрз пораст отколку порано, додека пак понудата ќе остане приближно на исто ниво. На пример, растот на потрошувачката на бакар само во електричните возила во следниве десет години ќе е за еден и пол пати поголема од вкупниот раст на целиот пазар на бакар во последниве 50 години. И на крај, во услови за зголемени инфлаторни очекувања, суровините стануваат сѐ побарани финансиски активи. Како резултат на тоа се очекува дека берзанските цени на металите ќе бележат дологорочен пораст, барем до крајот на деценијава. Притоа, како што веќе кажав, рударството не може да продолжи да работи по старите правила и навики. Сите оние кои ќе се обидат да го сторат тоа ќе останат без поддршка од финансиските институции, ќе се соочат со општествените предизвици и ќе го напуштат пазарот.
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г)
https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=24209