1635428513178786

ДПТУ „Бучим“ ДОО Радовиш ги демантира наводите дека компанијата е со руско потекло на капитал

Радовиш, 04 март 2022 – Во врска со објавениот текст на интернет порталот www.pari.com.mk, со наслов „Топ 10 компании со руски капитал во Македонија – годишно прават приход од над 200 милиони евра “, во кој се објавува дезинформација, ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш во целост ги демантира изнесените наводи дека Друштвото е со руско потекло на капиталот.

Во интерес на вистината ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш има должност правилно да ја информира јавноста. Од 2005 година, рудникот за бакар Бучим е во сопственост на Солвеј инвестмент груп – приватна меѓународна компанија за рударство и производство на метали со седиште во Швајцарија, која што е во целосна сопственост и управувана од граѓани на ЕУ. Солвеј нема никаков руски капитал.

Како меѓународна компанија, Солвеј инвестмент груп е активна во многу јурисдикции, вклучувајќи ги Гватемала, Украина, Индонезија, Аргентина и Северна Македонија и вработува стручен кадар од целиот свет вклучувајќи и од Руската Федерација. Имено, како управители на ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш се јавуваат граѓани со државјанство од Руската Федерација, но тоа не значи дека е руска компанија. Руски капитал не е присутен во сопственичката структура на Бучим. 

Истовремено и покрај фактот што Солвеј имаше инвестициски и оперативни активности во Руската Федерација, групацијата денес ги прекина своите активности во Руската Федерација. Солвеј инвестмент груп ги осудува дејствијата преземени од руската влада против народот на Украина. 

Нашата служба за односи со јавноста не е воопшто контактирана, ниту телефонски, ниту на официјалната е-меил адреса на која може секој да не контактира. Со објавувањето на вакви неточни и информации се креира лажна слика за Друштвото. Ве замолуваме во иднина да ги контактирате официјалните лица кои Ви стојат на располагање. 

Со почит,

Бучим ДОО Радовиш

WhatsApp Image 2022-01-29 at 21.36.21

Извештај од еколошки мониторинг на подрачјето на брана Мантово

Радовиш, 28.01.2022г. – Врз основа на јавно искажаните обвинувања и паушалните наводи за загадување на вештачкото езеро-акумулација Мантово предизвикано од активностите на рудникот Боров Дол, во насока на правилно информирање ја информираме јавноста дека:

На 28-ми декември 2021 година, од страна на стручните екипи на рудникот, заедно со надлежните органи од  ДИЖС и професори од УГД – Штип,  земени се мостри од почвата и водата од брана Мантово и доставени до акредитирана лабораторија на детални испитувања. За време на теренскиот инспекциски надзор не е констатирано истек на води од рудникот во вештачкото езеро Мантово, како и прашина во воздухот.

Квалитетот на воздухот во околината на рудникот Боров Дол се следи на две мерни станици преку 24-часовни идикативни мерења на ПМ10 честичките и тоа на мерна локација Мантово и мерна локација Дамјан, при што во досегашното работење нема забележано надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот. Податоците за следењето на квалитетот на воздухот во реално време се јавно достапни на следниов линк:http://coppermine.ugd.edu.mk/Station.aspx?Station=18 .

На 29-ти декември 2021 година, од страна на акредитирана лабораторија за животна средина, во присуство на надлежни органи од ДИЖС, повторно се земени мостри од водите на вештачкото езеро Мантово и доставени на лабораториски испитување за утврдување на квалитетот на водата. Воедно, земена е и мостра камен наталожен со сини и зелени честички, доставена на испитувања до Институтот за биологија при ПМФ – УКИМ.

Од извршените испитувања на доставените примероци од водата во брана Мантово, анализите покажуваат дека испитaните примероци не ги надминуваат граничните вредности, односно во водата во вештачкото езеро Мантово нема присуството на потенцијални штетни хемикали од активностите на рудникот Боров Дол. Интензивната измена на бојата на водата и последователното натрупување и обојување на брегот на брана Мантово се должи на масовен развиток на цијанобактерија или поточно вид на сино-зелена алга по името Aphanizomenon klebahnii. 

Земајќи го предвид стручното мислење од страна на Институтот за биологија, дека ваквата појава претставува закана за целиот екосистем, како и за луѓето кои ја користат акумулацијата Мантово за различни намени и дека се потребни понатамошни детални испитувања за откривање на причините кои ја предизвикуваат појавата на овие алги, рудникот Боров Дол на своја иницијатива ќе ги обезбеди истите, со цел утврдување на причината, како и поддршка на Општина Конче во решавање на  главните тековни еколошки проблеми со кои истата се соочува. Притоа, во соработка со Општина Конче, рудникот Боров Дол ќе организира и еколошка акција за чистење на крајбрежјето на брана Мантово, како и езерската викенд населба Мантово, за отстранување на отпадот и подобрување на состојбата во животната средина во околината.

Се стремиме да осигуриме социјален, еколошки и економски развој во интерес на сегашните генерации кој ги зачувува вредностите за идните поколенија. Се однесуваме одговорно кон животната средина и општеството во кое што работиме.  Рудникот е изграден согласно современите најдобри технологии и во тековните активности  ги користиме најдобрите достапни техники и практики. Имаме воспоставено систем што ни овозможува постојано да ги следиме влијанијата врз животната средина и работиме во целосна усогласеност со сите законски норми и прописи за заштита на животната средина во РСМ.,” – изјави Ивица Карапетров,  в.д. генерален директор на Боров Дол.

Во прилог ги доставуваме и мислењата од Државен инспекторат за животна средина.

Линк до објавeн записник од ДИЖС од првиот извршен вонреден инспекциски надзор на брана Мантово:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=338996311402072&id=105140678120971

Линк до објавен записник од ДИЖС од вториот извршен вонреден инспекциски надзор на брана Мантово:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=339562208012149&id=105140678120971

Линк до објавен заклучок од ДИЖС од резултатите од извршените анализи:https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=223557949967884&id=100069410400559

NM_KV_Solway_Festival_2022_final_January-02

Отворен прозорец кон Европа за млади таленти од Северна Македонија

Глобалната иницијатива Creative Fellowship, покрената од европскиот инвеститор во радовишките рудници Бучим и Боров Дол, e во потрага по млади таленти кои сакаат да учествуваат во меѓународен музички перформанс. Иницијативата е насочена кон овозможување на можности за младата популација која што сака да го покаже својот талент.  

Solway Investment Group, во соработка со светски познатиот Салцбуршки фестивал шеста година по ред им овозможува на талентираните тинејџери од источниот регион да ги презентираат своите способности на меѓународна сцена. @creative.fellowship потворно објавува јавен повик за седумесечната програма #espyme. Младите жители на Радовиш, Конче и Штип, на возраст од 14 до 17 години кои што пројавуваат интерес кон цртање, фотографирање, снимање филмови, дизајнирање, танцување, пеење, свирење на инструменти или каков било друг уметнички талент, се поканети да аплицираат и да го пополнат формуларот за пријавување со линк до нивните отворени профили на социјалните мрежи и/или да споделат видео во времетраење од 90 секунди во кои што ги демонстрираат своите таленти. Крајниот рок за пријавување е 16 јануари, 2022 година на веб страница www.creativefellowship.org

Програмата @creative.fellowship се состои од два изборни кругови  и три партиципативни модули кои што имаат за цел да ги унапредат познавања на англискиот јазик на учесниците, да ги запознаат со основите на историјата на уметноста, да се запознаат со меѓународни уметници и да научат заеднички да создаваат уметнички проекти во соработка со останатите учесници од Гватемала и Украина. 

Во јануари 2022 година, по првиот изборен круг, вкупно петнаесет кандидати од Северна Македонија ќе бидат примени во финалниот круг на селекција. Двајца победнички финалисти од Северна Македонија, ќе добијат можност за бесплатно патување во Салцбург во јули 2022 година и ќе имаат можност да бидат дел од Салцбуршкиот фестивал во Австрија. 

Пријавете се на @creative.fellowship талент шоу. Краен рок за пријавувње 16 јануари, 2022 година. Возрасна граница од 14 до 17 години.

WhatsApp Image 2021-12-31 at 18.59.40

Новогодишни донации во празничниот период

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, рудниците Боров Дол и Бучим донираа новогодишни пакетчиња, подароци и прехранбени пакети, со цел да придонесат кон разубавување на претстојните празници, да внесат радост кај  дечињата и жителите од локалните заедници.

Со донирање на 100 пакети со прехранбени производи во Општинската организација Црвен крст – Радовиш наменети за социјално загрозените семејства од општина Радовиш и општина Конче, рудниците Боров Дол и Бучим ги започнаа традиционалните новогодишни донации. Во текот на минатата и оваа недела директорите на Бучим и Боров ги посетија детските градинки во Радовиш и Конче, корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака, најмладите надежни члeнови на борачкиот клуб Бучим и притоа ги израдуваа со новогодишни подароци. 

Доделувањето на новогодишни пакетчиња за дечињата на вработените веќе е долгогодишна традиција, а рудниците воедно донираа и новогодишни пакетчиња на Општинската организација Црвен крст – Радовиш наменети за намјалите членови од социјално ранливите семејства во Радовиш, на Здружението на турците за хуманитарни и културни активности Кудрет Јашам Дернеѓи, на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Радовиш и Конче „Мобилност“, како и на децата на социјално ранливите семејства во Конче.

“Секоја детска насмевка претставува огромна радост. Во празничниот период се потрудивме да ги израдуваме дечињата, да им создадеме убави празнични мигови и да им помогнеме на семејствата од социјално ранливата категорија. Празниците се момент за нова надеж и нова верба дека ни претстои подобра и поуспешна година за сите нас,” изјави Ивица Карапетров, в.д. генерален директор на Боров Дол.

Имено, Бучим и Боров Дол, по традиција, во пресрет на новогодишните и божиќните празници, на најмалите членови на локланите заедници им доделуваат новогодишни пакетчиња. Така и годинава, повеќе од 1.000 новогодишни пакетчиња беа доделени, со цел да се предизвикаат многу детски насмевки и да се придонесе кон убави празнични моменти и спомени. 

Празниците се момент кога си посакуваме многу здравје, многу радост и многу среќа во годината што доаѓа. Најголема и најважна е радоста и среќата на децата.  Со желба да им ги разубавиме празниците подарувајќи им новогодишни пакетчиња се потрудивме да придонесеме кон доловување на празничната атмосфера”, додаде Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.

Рудниците како и досега, така и во иднина ќе продолжат со реализација на хуманитарни и општествено одговорни активности, за подобрување и унапредување на животот на локалните заедници. Годинава, новогодишните донации беа заокружени со доделување на финансиски средства во висина од 5.000 евра на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака, за уредување и унапредување на условите во објектот.

viber_image_2021-12-28_15-25-37-375

Еколошки мониторинг на подрачјето на брана Мантово

Радовиш, 28 декември 2021 – Имајќи ја предвид потребата да бидат презентирани сите факти, пред директно посочување и обвинување на ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш по повод загадување на вештачкото езеро-акумулација Мантово во Општина Конче, ја известуваме јавноста за следново:

Ве информираме дека по објавената информација во јавноста на 27.12.2021 за потенцијалната контаминација  од работењето на рудникот Боров Дол на 28.12.2021 на посочените локации, во присуство на Градоначалникот на Општина Конче, в.д генерален директор на Боров Дол, вработено лице во АД Водостопанство подружница Радовишко поле, стручните екипи на рудникот, заедно со надлежните органи од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) извршија теренски увид, земени се примероци од водата и почвата со цел проценување на присуството на потенцијалните штетни хемикали, како и одредување на видот на истите. 

Примероците од вода и почвата се доставени на понатамошни детални лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории и треба што побрзо да се обработат,  а добиените резултати од анализите ќе бидат доставени до надлежните органи, како и јавно објавени за јавноста и засегнатите страни.

Дополнително, во текот на утрешниот ден Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе спроведе уште еден теренски увид за проверка на состојбата со животната средина на посочените места, како и повторно земање на мостри за понатамошни анализи и утврдување на фактичката состојба на терен. 

За целосно запознавање на јавноста и засегнатите страни, рудникот за бакар Боров Дол работи во согласност со утврдените норми и стандарди од системот за заштита на животната средина според А-Интегрирана еколошка дозвола, во која што се вклучени условите за работа, задолженијата, мерките и активностите кои што треба да земат предвид за заштита на животната средина. Воедно, редовно ги следи влијанијата врз животната средина и извештаите ги доставува до надлежните институции.  

ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш работи транспарентно и одговорно. Овозможува отворен директен и транспарентен пристап до информации и теренски увид на сите институции, граѓански здруженија,  како и на локалното население и медиумите за какво било појаснување или одговор во секое време.

WhatsApp Image 2022-01-29 at 21.57.44

Поддршка за вековното културно и државно наследство

Со цел придонес за зачувување на културното наследство во РСМ, кое што ја искажува милениумската духовна традиција, го одбележува и негува културниот идентитет на македонскиот народ, рудникот Боров Дол во текот на второто полугодие од 2021 година донираше добра и услуги во вкупна вредност од приближно 14.000 евра.

За развојот на економијата на Манастирот “Свети Гаврил Лесновски”  во с. Лесново, Пробиштип, која се темели на производство на кравјо и овчо млеко, Боров Дол за помагање на новоизградената манастирска економија – современа фарма и штала за одгледување и молзење на крави, донираше агрегат за производство на електрична енергија и напојување на фармата за органско производство на млеко. Со ова им се олеснува целиот процес на манастирското братство на Лесновскиот манастир, сочинето од три монаси кои сами го одржуваат и обновуваат манастирскиот комплекс, кој има значајно место во македонската културна историја и е клучен за развојот на руралниот туризам во регионот.

Во изминатиот период, рудникот Боров Дол, во насока на својата посветеност на поддршка на традициите на народот и културното наследство,  во август за потребите на Манастирот “Света Богородица Пречиста” во Кичево набави бакарен лим за довршување на изградбата на започнатата манастирска чешма со покривање на кровот со бакар, а во ноември го тампонираше патот што го поврзува село Ињево со Манастирот “Свети Архангел Михаил ” во Радовиш, со што се овозможи пристапен пат до манастирот за прославата во чест патронот на манастирот, Празникот Собор на свети архангел Михаил – еден од најголемите христијански празници кој локалното население го чествува како свој заштитник.

Нашата држава има богато културно наследство кое е од непроценлива значајност, што треба да се заштитува, зачувува и одржува, како траен залог за идните генерации. Ние ја препознаваме важноста за заштита и зачувувањето на културното наследство и неговото значење. Од овие причини и понатаму ќе продолжиме со вакви поддршки кои се од суштествена важност, затоа што придонесуваат  како за зачувување на културното наследство во државата, така  и за одржливиот развој на заедниците. Вложувањето во културното наследство има повратен ефект на општиот развој. Покрај духовното значење и културна важност, културното наследство е и важен ресурс за поттикнување на економско – туристичкиот развој на заедниците,” – истакна Ивица Карапетров, в.д. генерален директор на Боров Дол.

viber_image_2021-12-03_10-58-36-892

Озеленување и унапредување на животната средина

ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш е посветен на промовирање на еколошки издржан и одржлив развој во своите оперативни процеси и активности за соработка. Во рамките на своите надлежности и согласно програмата на активности од областа на заштита на животната средина, рудникот изврши пошумување на територија на концесискиот простор.

Во соработка со ЈП “Национални шуми”  подружница “Плачковица” –  Радовиш, рудникот за бакар Боров Дол, во првата година од оперативното работење, спроведе акција за пошумување на голината на пределот кај браната во близина на пречистителната станица  за технолошки води. На површина од 817 м2 се засадија 500 броја саден материјал, од кои 200 садници од црн бор и 300 од багрем. Стручниот тим на ЈП “Национални шуми” подружница “Плачковица” – Радовиш направи избор на садниците за пошумување и зеде учество во пошумувањето, особено во делот на подготовка на теренот и давање на стручна помош при самото пошумување, со цел добивање на позитивни резултати.

Озеленувањето на овој предел,  освен што ќе придонесе за зачувување на биодиверзитетот, ќе придонесе за ублажување на ерозивните процеси, како и спречување на понатамошно појавување на поројници во сливното подрачје на Пенлив Дол и река Крива Лакавица и водената ерозија, која што е особено изразена во дождовните периоди.

Разумно искористување на природните ресурси и правилно стопанисување – тоа е нашето мото. Нашите активности ги спроведуваме низ проактивно учество и постојана комуникација во врска со животната средина со сите соработници, институции и граѓански здруженија. Во нашите оперативни планови се вклучени сите превентивни мерки и активности кои обезбедуваат заштита и унапредување на животната средина. Ова е продолжување на континуитетот на исполнување на нашата обврска и грижа за животната средина. Со спроведувањето на програмата за пошумување ќе ги зазелениме голините, со што ќе се допринесе за подобрување на екосистемот, како и за намалување или сопирање на ерозивните процеси,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.

Во периодот кој следи, во соработка со ЈП “Национални шуми”, Општина Радовиш и граѓански здруженија, ќе се пошумуваат и други локации во непосредна близина на рудникот,  со цел обновување на опожарените зелени површини во с.Дамјан, Радовиш кои што беа зафатени од неодамнешниот шумски пожар.

WhatsApp Image 2021-11-12 at 16.17.19

Рудникот Боров Дол го поддржа првиот Social Day во Северна Македонија

ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш, во соработка со Здружението на граѓани Младите Можат – Youth Can и германската фондација Schuler Helfen Leben, ја поддржа глобалната иницијатива Solidarity Action Day- Social Day која што за прв пат годинава се одржа во Северна Македонија. 

Вкупно 26 средношколци имаа можност еден ден да бидат дел од тимот на Боров Дол и да ја искусат работната динамика во рудникот, со тоа што ги извршуваа работните задачи и должности на геолог, инженер еколог, раководител на служба за финансии и сметководство, референт за сметководство, раководител на сектор за човечки ресурси, главен енергетик, раководител на комерција, оператор во диспичерски центар, инженер за безбедност и здравје при работа, раководител на производствено техничко одделение, главен машински инженер, секретар и архивар. 

Средношколците од СОУ Гимназија “Славчо Стојменски” – Штип и од СОУ “Коста Сусинов” во Радовиш, освен што имаа можност да научат нешто повеќе за задачите и одговорностите при работењето, имаа можност и да ги разгледаат потенцијалните области за вработување и насоки за понатамошно образование. Еднодневниот работен ангажман на средношколците им овозможи одблиску да  се запознаат со работна позиција која посакуваат да ја работат во иднина, да научат нешто повеќе за одбраната струка, да стекнат искуство на работно место во реални услови, да ги поврзат стекнатите теоретски знаења со практични вештини, а воедно и да се здобијат со проширена можност за избор на занимања и согледување на можности за професионален и кариерен развој преку споделувањето на експертизи, знаења и искуства од страна на вработените во Боров Дол. Покрај извршувањето на работните обврски, учениците имаа можност за разглед на рудникот и да се запознаат со целокупниот работен процес во Боров Дол. 

Отворени сме за соработки кои што допринесуваат кон поддржување и развој на младински иницијативи. Среќни сме што бевме дел од реализацијата на првиот Social Day во Република Северна Македонија , кој промовира солидарност и активизам помеѓу младите. Боров Дол  “вработи“  26 средношколци, кои имаа можност преку назначените ментори да се запознаат со работната динамика во рудникот. Се надеваме дека успеавме да ги прошириме хоризонтите на учениците во контекст на нивното идно професионално позиционирање и ги поттикнавме да започнат да размислуваат за својот професионален и кариерен развој. Особено ни е драго што дневницата којашто ја добија за работењето на овој ден ќе ја донираат во младински фонд кој има за цел да поддржи проекти на различни младински иницијативи,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.

Social Day е ден во кој што средношколците заменуваат еден училиштен за работен ден, при што својата дневница учениците ja донираат во фонд за поддршка на реализирање на младински проекти. На овој ден, учениците добиваат можност да работат на работа по свој избор наместо да одат на училиште. Целта на Social Day е да се воспостави солидарност помеѓу младите во текот на нивните училишни денови, да инспирира активно граѓанство и одржлив општествен развој воден од млади луѓе. 

viber_image_2021-11-15_19-06-48-518

Поддршка за активностите во областа на спортот и младите

Општественото одговорно работење и концептот на општествена одговорност зазема значајно место во деловната култура на ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш, која што се базира на одговорно деловно однесување и овозможување на одржлив развој.

Во рамките на заложбата за подобрување на условите за поддршка на спортот, клубови и спортисти преку мерката спортски ваучери, рудникот Бучим додели финансиска поддршка во висина од 2,7 милиони денари на ракометниот клуб РК Радовиш, а по основ на други спонзорства и донации поддржани се борачкиот клуб „Бучим-Радовиш“ и други спортски клубови од Радовиш.

Континуираното вложување и обезбедување услови за квалитетни спортски можности од страна на рудникот Бучим, е согласно корпоративната општествена политика на компанијата која што се залага за вложување во општествено корисни проекти, активности и организации кои го подобруваат квалитетот на живеење на жителите на локалните заедници и го промовираат здравиот начин на живеење.

Спортот е важен овозможувач на одржлив развој. Бучим го поддржува развојот на талентирани млади спортисти, клубови и спортски манифестации, преку спонзорства и донации, со цел да помогне во остварување на спортски успеси, за изградба на поздрави генерации, здрава иднина и спортска афирмација на Општина Радовиш,” – истакна Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.

BE1E621A-00CE-4D9D-85A6-1E114E0A7EC8

Боров Дол обезбеди превоз за учениците од Конче до училиштето во Радовиш

Рудникот Боров Дол обезбеди превоз за 55 средношколци од општина Конче до училиштето во Радовиш, се до завршетокот на првото полугодие од школската година, односно до 31.12.2021 година.

Излегувајќи во пресрет на барањата на Општина Конче и решавањето на проблемот со кој што се соочува општината, родителите и ученците, затоа што нема организиран превоз на ученици, што е законска обврска на училиштата во кои што се запишани учениците, рудникот ќе продолжи да ги покрива трошоците за превоз на учениците во средно образование од Конче, од нивното место на живеење до средното училишите во Радовиш каде што учат и назад, со неделен распоред и организирана маршрута.

Со почетокот на школската година во септември, бесплатниот школски превоз на учениците не им беше обезбеден, со што учениците можеа да останат без превоз и присуство на часовите, кое што е недопустливо. Како активен социјален партнер кој интензивно е вклучен во поддршката за развојот на заедницата, ние и понатаму ќе продолжиме со покривањето на трошоците за превозот на учениците, кој што сеуште не е решен. Образованието е важен сегмент за развојот на заедницата и на сите деца треба да им биде овозможено достапно и квалитетно образование,” – изјави Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.

Корпоративната општествена одговорност на Боров Дол е во согласност со Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации. Рудникот е посветен на делување во насока на поддршка на Целите за одржлив развој, како и на свој активен придонес кон нивното остварување. Ова подразбира пристап што ги надминува традиционалните сфаќања за грижа за основната дејност и законските обврски и насоченост кон соодветно дејствување.