WhatsApp Image 2026-04-27 at 23.14.03

5000 САДНИЦИ НА ГОТЕН: „БУЧИМ“ И ЈП „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ ЈА ОБНОВУВААТ ОПОЖАРЕНАТА ПОВРШИНА

Како дел од долгорочните активности за обновување на шумскиот фонд, „Бучим“ и ЈП „Национални Шуми“ на 25 април реализираа пошумување на Готен со 5000 садници.

На планината Готен, над селото Јаргулица, на 25 април беше реализирана значајна еколошка акција, при што ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и ЈП „Национални Шуми“ заеднички пошумија над 2 хектари опожарена површина.

Во рамки на акцијата беа засадени  5000 автохтони садници, вклучувајќи црн бор, чемпрес, јасен, јавор, албиција и багрем, со што се поставуваат основите за постепено обновување на шумскиот екосистем во овој дел од земјата.

Акцијата обедини вработени од „Бучим“ и ЈП „Национални Шуми“, како и локални жители од с. Јаргулица, испраќајќи порака за заедничка одговорност и активна грижа за природата.

Посебен акцент беше ставен на изборот на медоносни видови садници, со што покрај обновата на шумскиот фонд се создаваат и дополнителни придобивки за локалните пчелари и биодиверзитетот во регионот.

Активноста се реализираше со стручна поддршка од ЈП „Национални Шуми“, кое го обезбеди садниот материјал и ја водеше реализацијата согласно утврдените шумскостопански практики, додека Бучим обезбеди логистичка поддршка и активно учество на своите вработени.

Директорот на ЈП „Национални Шуми“, Здравко Трајанов, истакна дека обновата на опожарените површини е процес со долгорочно значење кој бара стручен пристап и координирана реализација, нагласувајќи дека ваквите партнерства претставуваат пример за добра пракса.

Заменик генералниот директор на „Бучим“, Ивица Карапетров, потенцираше дека компанијата преку вакви активности дава конкретен придонес кон заштитата на животната средина и останува посветена на иницијативи со долгорочен ефект.

Со оваа акција се поставуваат темелите за долгорочна обнова на опожарените површини во радовишкиот регион, со јасна насока – враќање на природната рамнотежа преку конкретни и континуирани активности на терен.

WhatsApp Image 2026-04-28 at 08.56.24 (1)

„Бучим“ со силен тимски настап и значителен напредок на Superior Runs 2026 Штип

Бучим и годинава учествуваше на Superior Runs маратонот, потврдувајќи ја својата определба за вложување во здравјето, благосостојбата и развојот на вработените како составен дел од одржливото работење.

Во 2026 година, бројот на учесници од рудникот е зголемен за 33% – од 15 на 20 учесници, што претставува јасен показател за растечка ангажираност и развој на позитивна организациска култура. Ваквиот тренд ја отсликува и зголемената свест кај вработените за значењето на физичката активност, тимската припадност и личниот развој.

Покрај зголеменото учество, тимот на Бучим бележи и значајно подобрување на резултатите. Машкиот тим во категоријата 5 километри напредуваше за 10 позиции (од 23-то на 13-то место), додека женскиот тим оствари подобрување во пласманот. Истовремено, најдобрите четворица од машкиот тим го подобрија вкупното време за 9 минути и 36 секунди, а најдобрите четири од женскиот тим за 8 минути и 23 секунди во споредба со претходната година.

Овие резултати се одраз на континуираната посветеност на градење на тимски дух, меѓусебна поддршка и мотивација, како и на вложувањето во развојот на вработените. Компанијата и понатаму ќе поттикнува учество во активности кои придонесуваат за подобрување на благосостојбата и градење на позитивна работна средина.

За нас, учеството на вакви настани не е само спортска активност, туку дел од поширок пристап кон благосостојбата и развојот на вработените. Континуираното зголемување на бројот на учесници и подобрените резултати покажуваат дека градиме култура намеѓусебна поддршка и лична одговорност. Остануваме посветени на создавање работна средина која ги поттикнува здравите навики, тимскиот дух и долгорочниот развој на нашите луѓе, како составен дел од нашето работење,“ изјави Мирослав Петров раководител на службата за човечки ресурси во Бучим.

Преку ваквите иницијативи, рудникот продолжува да инвестира во создавање на здрава, ангажирана и поврзана работна средина, каде резултатите се постигнуваат заеднички – како тим.

WhatsApp Image 2026-04-27 at 13.25.00

СИНДИКАЛНА ДЕЛЕГАЦИЈА ОД РУДНИКОТ БОР – СРБИЈА ВО ПОСЕТА НА БУЧИМ

Радовиш, 24 април 2026

Претставници на синдикалната организација од рудникот Бор, Zijin Bor Copper, Република Србија, остварија работна посета на ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, насочена кон размена на искуства и продлабочување на соработката помеѓу двете страни.

Во рамки на посетата, преку состаноци и теренски активности беше овозможен увид во организацијата на работните процеси, примената на мерките за безбедност и здравје при работа, како и во практиките на синдикално делување.

Програмата опфати работен состанок со презентација на работењето на Бучим, по што следеше обиколка на работните капацитети. Делегацијата се запозна со техничките процеси, опремата, условите за работа и примената на мерките за безбедност и здравје при работа.

Во текот на разговорите беа отворени прашања поврзани со правата и обврските на работниците, безбедноста и здравјето при работа, како и актуелните предизвици во рударскиот сектор, при што беа разгледани конкретни пристапи и решенија во работењето.

Ваквиот вид на соработка придонесува за размена на знаења и унапредување на добрите практики во рударството, со фокус на подобрување на безбедноста, работната организација и вкупните услови за работа.

Посетата претставува дел од воспоставената соработка помеѓу синдикалните организации во рударскиот сектор, во која е вклучена и синдикалната организација Бучим при СИЕР, насочена кон размена на искуства и унапредување на практиките.

Оваа соработка отвора можности за понатамошна размена на знаење, зајакнување на партнерствата и континуирано унапредување на работните стандарди.

WhatsApp Image 2026-04-29 at 09.25.11 (7)

Бучим на кариерниот ден во Штип: младите директно до работодавачите

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш беше дел од Отворениот и кариерен ден 2026, во организација на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, настан кој повторно ги обедини младите, академската заедница и бизнис секторот со јасна цел – градење на функционална врска помеѓу образованието и пазарот на труд.

Настанот, одржан во Штип, привлече голем број средношколци и студенти кои имаа можност директно да се информираат за можностите за кариерен развој, практична обука и вработување. Претставниците на „Бучим“ остварија непосредна комуникација со младите, презентирајќи ги условите за работа, програмите за развој и потенцијалот за долгорочна кариера во компанијата.

Како компанија која континуирано вложува во развој на човечки ресурси, „Бучим“ активно придонесува кон создавање квалификуван кадар преку соработка со образовните институции и поддршка на практичното учење.

„За нас, ваквите настани се многу повеќе од презентација – тие се можност за директна комуникација со идните кадри. Младите денес бараат јасна перспектива, практично искуство и можност за развој, а наша обврска како компанија е да им ги понудиме тие услови. Само преку ваква соработка помеѓу образованието и бизнис секторот можеме да создадеме подготвени и конкурентни професионалци“, изјави Мирослав Петров, раководител на човечки ресурси во Бучим.

Присуството на над 50 компании и интересот од околу илјада посетители ја потврдуваат растечката потреба од вакви платформи, кои овозможуваат младите навремено да се ориентираат и да го планираат својот професионален пат.

„Бучим“ и понатаму ќе продолжи да инвестира во младиот потенцијал, преку создавање можности за практична обука, вработување и континуиран развој, како дел од својата долгорочна определба за одржливо и одговорно работење.

651241659_1495747449220715_7942977285433493678_n

Обнова на опожарени површини: „Бучим“ и ЈП „Македонски Шуми“ со заедничка акција

Активностите се дел од поширока соработка насочена кон континуирано пошумување.

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, во соработка со ЈП „Македонски Шуми“, започнува заедничка акција за пошумување и ревитализација на површини зафатени од пожари.

Првата теренска активност ќе се реализира на 25 април 2026 година, со пошумување на околу 2 хектари со 5.000 садници на планината Готен, која беше зафатена од пожар годинава. Целта е поддршка на обновата на шумскиот фонд и оживување на природата на зафатените површини.

Активностите се спроведуваат врз основа на Меморандум за соработка и се реализираат со стручна поддршка од ЈП „Македонски Шуми“, кое го обезбедува и садниот материјал. Процесот опфаќа подготовка на теренот, избор на соодветни видови и организирано пошумување. Во акцијата ќе се вклучат и вработени од Бучим, со што компанијата дава директен придонес во реализацијата на терен.

Од ЈП „Македонски Шуми“ посочуваат дека ваквите активности се дел од редовното управување со шумските ресурси, а нивната реализација во партнерство со компании овозможува поголема ефикасност и подобри резултати.

Директорот на ЈП „Македонски Шуми“, Здравко Трајанов, изјави: „Пошумувањето на опожарени површини претставува важна мерка за унапредување на шумскиот фонд, која бара стручно планирање и координирана реализација во согласност со утврдените шумскостопански практики. Позитивни резултати се постигнуваат кога ваквите активности се реализираат во партнерство со компании, со што се обезбедува поефикасна реализација на терен и долгорочна одржливост на обновените површини. Ваквиот пристап има потенцијал да стане пример за добра пракса на национално ниво.

Заменик генералниот директор на Бучим, Ивица Карапетров, изјави: „Соработката со ЈП ‘Македонски Шуми’ претставува значаен предуслов за квалитетна и стручна реализација на активностите за пошумување. Преку ваков партнерски пристап се обезбедува ефективна реализација на терен. Пошумувањето на опожарени површини е процес со долгорочно значење, а заедничките активности придонесуваат кон постепено обновување на шумскиот фонд и постигнување одржливи резултати.“

viber_image_2026-03-19_12-04-31-899

СТУДЕНТСКА ПОСЕТА НА БУЧИМ ВО РАМКИ НА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА СО АКАДЕМСКАТА ЗАЕДНИЦА

Радовиш, 18 март 2026 година – ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш четврта година по ред беше домаќин на група студенти од UiT The Arctic University of Norway, во рамки на континуираната и успешно воспоставена меѓународна соработка со академската заедница.

Групата, составена од 20 студенти од повеќе европски земји, претставуваше вистински пример за интернационална академска размена, обединувајќи различни образовни профили, искуства и перспективи во областа на геологијата и рударството.

Во текот на посетата, студентите имаа можност одблиску да се запознаат со клучните оперативни процеси на Бучим – од геолошки истражувања, преку експлоатација, до преработка на бакарна руда – како и со примената на современи технологии, високи стандарди за безбедност и систематски пристап кон заштита на животната средина.

Особена вредност на посетата претставуваше директниот контакт со реалниот индустриски процес, кој овозможи практично разбирање на комплексноста на рударските операции и улогата на одговорното управување со природните ресурси.

„Четвртата година по ред ја реализираме оваа соработка со UiT The Arctic University of Norway, што претставува јасен континуитет во нашите напори за поврзување на образованието со индустријата. Преку вакви посети, студентите стекнуваат практично знаење и реална слика за секторот, што е од суштинско значење за нивниот понатамошен развој“, изјави Кристина Крстева, Директор за одржлив развој.

Како компанија со јасна ориентација кон современо и одговорно работење, Бучим континуирано ја развива својата улога како партнер на образовните институции, активно придонесувајќи кон размена на знаење, унапредување на практичната едукација и градење на идни генерации стручни кадри во меѓународен контекст

viber_image_2026-03-11_09-34-26-994

Кога се поддржуваат младите – се гради иднината

Вербата во младите значи верба во иднината. Како поддршка за училишниот спорт, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш обезбеди донација на тренерки за женскиот одбојкарски тим при ООУ „Никола Карев“ – Радовиш, чии ученички со посветеност, дисциплина и силен тимски дух достојно го претставуваат своето училиште.

Спортот не создава само победи на теренот, туку и вредности кои остануваат за цел живот – упорност, одговорност, самодоверба и почит кон тимот. Преку спортските активности учениците учат да соработуваат, да ги развиваат своите способности и да градат здрави животни навики.

Веруваме дека создавањето можности за развој, поттикнувањето на учениците активно да се вклучуваат во спортот и поддршката на училишните активности претставуваат важен чекор во градењето здрави, мотивирани и самоуверени генерации.

Преку вакви иницијативи, компанијата продолжува да придонесува кон создавање средина во која младите имаат можност да ги следат своите интереси, да ги развиваат своите таленти и да ги претвораат своите соништа во успеси.

Бучим им посакува многу успех на младите одбојкарки од ООУ „Никола Карев“ – Радовиш и уште многу спортски моменти исполнети со радост, тимска игра и нови победи.

649214116_1429772515609905_4942506420000503580_n

Бучим ја зајакнува поддршката на борењето – ново раководство и нов импулс за БК „Бучим“

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш ја потврдува својата долгорочна определба за поддршка на спортот и локалната заедница, продолжувајќи да дејствува како генерален спонзор на Боречкиот клуб „Бучим“, во согласност со принципите на корпоративна општествена одговорност, транспарентност и добро корпоративно управување.

Со новата организациска поставеност, за претседател на клубот е назначен Ивица Карапетров, со што се зајакнува институционалната поврзаност и се поставуваат стабилни основи за долгорочен и одржлив развој на клубот.

Функцијата спортски директор ја презема Могамед Ибрагимов – легенда на македонското борење и освојувач на бронзен медал на Олимписките игри во Сиднеј 2000 година, првиот олимписки медал за државата. Неговото богато меѓународно искуство и врвни спортски достигнувања носат нова енергија и јасна насока за унапредување на стручната работа и системски развој на младите категории.

Нашата цел е да ја вратиме традицијата на борењето во Радовиш и да изградиме стабилен систем за развој на младите спортисти. Со заедничка работа, професионален пристап и поддршка од заедницата, верувам дека БК „Бучим“ може повторно да биде препознатлив по врвни резултати и да создава идни шампиони“, изјави Ибрагимов.

Во соработка со Општина Радовиш и сите релевантни чинители, клубот ќе се фокусира на враќање и понатамошно унапредување на богатата традиција на борењето во Радовиш, како и на создавање услови за континуиран развој на младите таленти.

Како дел од својата заложба за општествена одговорност, Бучим ја насочува поддршката кон дејности од јавен интерес кои придонесуваат за развој на младите, промоција на здрави животни вредности и зајакнување на локалната заедница, притоа обезбедувајќи усогласеност со применливата законска рамка и принципите на добро управување.

Вклучувањето на претставник од менаџментот во управната структура на клубот претставува дополнителна вредност во насока на континуирано унапредување на транспарентноста, отчетноста и доброто управување, во поддршка на одржливиот развој на спортот.

Преку ваквиот пристап, Друштвото останува посветено на создавање долгорочна вредност и позитивно влијание во заедницата.

WhatsApp Image 2026-03-11 at 12.25.13

Жените во Бучим – важен дел од тимот и развојот на рудникот

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш упатува искрена честитка и благодарност до сите жени кои со својата стручност, посветеност и професионализам секојдневно придонесуваат за развојот и успешното работење на компанијата.

Во компанијата моментално се вработени 69 жени од вкупно 654 вработени, што претставува околу 10,6 % од вкупната работна сила. Во периодот помеѓу минатогодишниот и овогодишниот 8 Март вработени се шест нови жени, што претставува позитивен показател за постепено зголемување на нивната застапеност во рударскиот сектор – индустрија во која традиционално учеството на женски кадар е помало.

Жените се активен дел од различни сегменти на работењето и не се присутни само во административните функции. Тие се вклучени и во техничките и оперативните процеси на рудникот како машински и хемиски инженери, геолози, оператори, техничари, лабораториски работници, како и раководители на служби, придонесувајќи со своето знаење и професионалност во функционирањето на компанијата.

Значајна е и нивната улога во управувачките структури. Од вкупно 59 раководни позиции, 11 се извршувани од жени (21,15 %), додека 41 позиција се извршува од мажи (78,85 %). Во рамките на топ менаџментот, една жена е дел од четиричлениот менаџерски тим, што претставува 25 % застапеност.

Оваа структура ја отсликува постепената динамика на поголемо вклучување на жените во процесите на управување. Компанијата континуирано посветува внимание на создавање еднакви можности за професионален развој, напредување и учество во раководни улоги, независно од родовата припадност. Поддршката на родовата еднаквост и охрабрувањето на жените да градат кариера во индустрии како рударството претставуваат важен дел од корпоративната култура.

По повод празникот, како знак на благодарност за нивниот придонес, беше организирано симболично одбележување на 8 Март. Дел од вработените жени имаа можност да учествуваат на организирано патување во Истанбул, кое овозможи заедничко дружење и одбележување на празникот во пријатна атмосфера. За оние кои не беа во можност да патуваат, компанијата обезбеди симболичен подарок за секоја жена, како израз на внимание и благодарност за нивниот секојдневен труд и професионален ангажман.

Со овој гест се истакнува почитта кон улогата и придонесот на жените во компанијата, кои со своето знаење, одговорност и професионалност се важен дел од нејзиниот развој и успех.

На сите жени им го честитаме 8 Март – Меѓународниот ден на жената, со благодарност за нивниот труд, знаење и инспирација.

WhatsApp Image 2026-02-23 at 09.22.30 (7)

„Smart-Lab“ – инвестиција во иднината: Бучим и СОУ „Коста Сусинов“ создаваат нов простор за иновации и знаење

Во просториите на СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, на 18 февруари 2026 година, официјално беше предадена опремата за „Smart-Lab“ – современа STEM лабораторија опремена со технологија за роботика, електроника и 3D моделирање, наменета за практична, проектна и интердисциплинарна настава.

„Smart-Lab“ произлегува од победничката идеја на ученичкиот тим GenLab, развиена во рамки на „Средношколскиот хакатон“ – заедничка иницијатива на СОУ „Коста Сусинов“ и Бучим, насочена кон поттикнување на иновативноста, техничкото образование и развојот на младите во локалната заедница.

Хакатонот за првпат беше организиран во 2024 година, а веќе на второто издание, одржано во декември 2025 година, учествуваа 10 ученички тимови – двојно повеќе од првата година. Овој раст претставува јасен показател за зголемениот интерес и доверба во иницијативата.

„Средношколскиот хакатон“ не е само натпревар, туку развојна платформа преку која младите идентификуваат реални потреби, развиваат одржливи и применливи решенија и стекнуваат практични технички и дигитални вештини. Она што ја издвојува оваа иницијатива е фактот што идеите не остануваат на хартија – тие добиваат конкретна реализација и долгорочна вредност за училиштето и заедницата.

Ова партнерство претставува пример како една компанија може да придонесе кон долгорочен локален развој – преку конкретни инвестиции во знаење, вештини и можности.

„Како компанија, веруваме дека одржливиот развој започнува со вложување во младите и нивното образование. “Средношколскиот хакатон” го создадовме како простор каде учениците можат да размислуваат иновативно и да креираат решенија со реална вредност. Фактот што интересот за само две години се удвои, а идеите се реализираат во конкретни проекти како “Smart-Lab”, е потврда дека инвестираме во вистинската насока – во знаење, во развој и во иднината на заедницата,“ истакна Кристина Крстева  директор за одржлив развој на Бучим.

Директорот на СОУ „Коста Сусинов“, Миле Арсов, потенцираше: „Ова е пример за тоа како образованието и индустријата можат заеднички да создаваат вредност за младите и за заедницата. Со воспоставувањето на ‘Smart-Lab’, нашето училиште добива современ едукативен ресурс кој овозможува практична примена на знаењето, развој на технички и дигитални компетенции и поттикнување на иновативното размислување кај учениците. Особено значајно е што оваа лабораторија произлегува од ученичка идеја – што дополнително ја зајакнува мотивацијата кај младите да истражуваат, создаваат и веруваат дека нивните решенија можат да станат реалност.“

Со ваквите иницијативи, Бучим не само што поддржува образовни проекти, туку системски гради партнерства што создаваат генерации млади луѓе подготвени да истражуваат, иновираат и активно да придонесуваат кон одржливиот развој на заедницата.