4B85246E-C5CA-4C5D-8DEE-CF0E9CA3166B

Ексклузивно интервју со Павло Кривинскиј: Рудникот Боров дол почнува со производство во декември

Во декември годинава стратува со производство новиот рудник за бакар Боров дол открива во ексклузивното интервју за Фактор, Павло Кривинскиј, генерален директор на рудникот. Станува збор за гринфилд проект, со кој впрочем се продолжува животот на Бучим. Кривинскиј започнал со работа во руднички комплекс во Украина, потоа продолжил во Гватемала, сега е на управувачка позиција во Боров Дол. Отворено зборува за предизвиците, за економското влијание и за можностите што ги нуди современото рударство. Планираната инвестицијата во овој проект изнесува 69 милиони евра.Рудникот Боров Дол содржи докажани и проспективни резерви од околу 40 милиони тони руда со 0,26 проценти бакар и 0,20 г/т злато.

Можете ли да ја димензионирате инвестицијата? Кои инвестиции веќе сте ги презеле во рудникот?

Кривинскиј: Оперативноста на рудникот Боров Дол ќе придонесе во развојот на македонската економија. Со неговото отворање ќе се овозможи продолжување на ископ на бакарната руда најмалку до 2030, оперативност на постоечките преработувачки објекти во рудникот Бучим, зачувување на работните местаи можност за нови вработувања, наместо затварање на Бучим, во кој рудните резерви се исцрпени и моментално експлоатацијата на руда е во фаза на завршен процес. Рудникот Боров Дол содржи докажани и проспективни резерви од околу 40 милиони тони руда со 0,26 проценти бакар и 0,20 г/т злато. Боров Дол е современ рударски проект,  развиен со оглед на постојаниот и одржлив социо-економски развој на регионот, заштита на животната средина  во текот на целиот животен циклус на рудникот, јасно планирање за употребата на постојната инфраструктура и локалниот пазар на труд. Планираната инвестицијата во овој проект изнесува 69 милиони евра. Досегашната вкупната инвестиција изнесува 52 милиони евра, од кои 2,2 милиони евра инвестиции во геолошки истражувања и проектирање, 16,5 милиони евра во инвестициска раскривка на рудното тело, 23 милиони евра во рударска опрема и технологија и 9 милиони евра во изградба на инфраструктура на рудникот. Овој проект, освен што ќе го продолжи животниот век на рудникот Бучим, ќе придонесе и за одржливиот економски и социјален развој на три општини – Конче, Штип и Радовиш.

Кои се предизвиците и можностите за компанијата и за регионот од развојот на новиот рудникот?

Кривинскиј: За секоја рударска компанија која развива гринфилд проекти, можност е да се изгради рудник кој ќе биде во корист на сегашните и идните генерации, а бакарот е минералот на иднината. Што се однесува до предизвиците, нашата матична компанија Солвеј Инвестмент Груп ги препознава можностите за инвестиција преку која може да се направат значителни и позитивни влијанија врз производниот процес и врз регионот, и затоа смело ги прифаќа сите предизвици, бидејќи позитивните промени кои ги спроведува во регионите каде што работи, ги гледа како одличен извор на мотивација. Рудникот Боров Дол е доказ за тоа, како компанијата предизвикувачката ситуација од затварање на еден индустриски капацитет ја трансформираше во развој на амбициозен проект, преку кој освен што ќе продолжи да придонесува за социјалниот и економскиот развој на регионот и државата, ќе придонесе и за развојот на обновливата енергија која станува се поважна. Долгорочно гледано, отварањето на рудникот Боров Дол ќе придонесе за динамизирање на „зелениот” раст и развој, максимизација на производството и создавање на одржливи работни места. 

Почетокот со работа на рудникот за бакар Боров дол се најавуваше за годинава. До каде е изградбата на рудникот, кога ќе почне да функционира?

Кривинскиј: Целосно сме фокусирани на исполнување на своите цели за скорото отпочнување со производство од Боров Дол. Започната е ивестициската раскривка, изградбата на трасата за транспортната трака е во процес на реализација, како и објектот за примарно дробење и изградбата на затворниот склад за руда. Досега се реализиравме околу 85 отсто од планот за раскривка. Ископани се 17,5 милиони тони ископина. Во распоредот за изградбата на главните технолошки објекти, согласно предвидениот план имаме отстапување од три месеци, кое се должи новонастанатата ситуација, предизвикана од Ковид-19 вирусот, поконктретно воведените ограничувања во текот на првата половина на 2020 – полициски час, ограничувања за движење, самоизолација на работниците и затворени граници за странските добавувачи на опрема. Со оглед на моменталната состојба и динамиката на изведбата на градежните објекти, планираме да стартуваме со производство во текот на декември 2020 година. 

Современиот  начин на живеење се базира на сѐ поголема потреба од минерални суровини, од друга страна пак постојат поделени мислења за рударската индустрија и нејзиното влијание врз животната средина. 

Кривинскиј: Употребата на бакарот во скоро сите индустрии станува сѐ поважна. Со развојот на технологијата, побарувачката за металите во последниве децении се зголеми значително многу, а за да се добие кој било метал што се користи во производствената индустрија потребна е рударската индустријата, која ги екстрахира минералните суровини од земјата од кои се добиваат металите. Всушност, рударството ги обезбедува потребните материјали за нормалното фукнционирање на нашиот секојдневен живот и ние не можеме да ја негираме важноста на оваа дејност за човечкиот напредок, но можеме да ги зголемиме позитивните ефекти и значително да ги намалиме негативните влијанија. Од друга страна, кога станува збор за решавање на најгорливите проблеми со животната средина во светот, скоро секое решение ве води кон бакарот – соларна енергија, ветерна енергија, хидроенергија и чисти електрични и горивни ќелии. Влегуваме во период во кој бакарот како метал е основен материјал кој ги прави технологиите за добивање на чиста енергија возможни. Човештвото се повеќе има потреба од минералите, а рударството како извор на материјалите за добивање на овие минерали има одговорност да ги обезбедува на одговорен, рационален и одржлив начин. Животната средина, како и рударството, е од суштинско значење за човекот и неопходно е да се воспостави рамнотежа помеѓу задоволување на човековата потреба и еколошки одржливот развој. Решението за одржлива и одговорна употреба на природните ресури, лежи во спроведувањето на научни и технолошки достигнувања кои ги контролираат непожелните влијанија врз животната средина, а денес би било крајно неразумно и штетно, покрај сите нови сознанија и достигнувања, да се однесуваме еднонасочно кон животната средина.

Кој е пристапот на компанијата за заштита и зачувување на животната средина? 

Кривинскиј: Во современата рударската индустрија се работи одговорно и одржливо. Се донесуваат најдобрите еколошки решенија и се пронаоѓаат начини на кои ќе се избегнат потенцијалните штетни влијанија во текот на работниот процес. Во нашиот случај, ние пронајдовме начин како да создадеме нов рудник, без поголеми инфрастуктурни градби кои би имале дополнително влијание врз животната средина. Обезбедивме најрационално искористување на постоечките природни ресури, преку искористување на постоечката преработувачка инфраструктура на Бучим. Со комбинирање на активностите на Боров Дол и Бучим, на концесискиот простор на Боров Дол се отвора само отворен површински коп со објект за примарно дробење на рудата. Во Боров Дол ќе се изведуваат активности за експлоатација на бакарна руда, а понатамошната преработка на рудата ќе се одвива во флотациониот погон на Бучим. Рудата ќе се транспортира до преработувачките капацитети на Бучим преку покриена транспортна трака долга 7 километри, која претставува еко-пријателска современа технологија која максимално ја минимизира појавата на прашина. Рудничката јаловина ќе се одлагана надворешно одлагалиште, а добиената флотациска јаловина од преработката во Бучим,  ќе се складира во постоечкото хидројаловиште на Бучим. Боров Дол претставува совршен пример за тоа како може да се развие одговорно рударство во ерата на современото производство, со искористување на веќе постоечките преработувачки објекти и екстракција на минерални суровини со минимално влијание врз животната средина. Долгогодишната традиција на рударење во овој регион продолжува со целосна модернизација на работењето во рудникот Боров Дол, употреба на најсовремена рударска опрема и воведување на нова технологија, која осигурува одговорно искористување на минералните суровини и максимална заштита на животната средина.

Со колкав капацитет во луѓе ќе работите, дали е планирано зголемување на бројот на вработени?

Кривинскиј: Рудникот Боров Дол е наследник на постоечкиот рудник Бучим, со кој всушност се зачувуваат работните места на вработените во Бучим и ќе се создаваат дополнителни нови работни места. Бидејќи се затвара работната единица површински коп во Бучим, вработените во таа работна единица ќе преминат на работа во површинскиот коп на Боров Дол. Во моментот, во периодот на подготовка на рудникот Боров Дол, директно работат 63 извршители од различен профил, администрација и инженери, а исто така индиректно инволвирани се и многу домашни и странски изведувачи. Според предвидениот план, се очекува бројот на вработени во Боров Дол да изнесува околу триста луѓе. Воедно, при избор на идните добавувачи на Боров Дол ќе се земат во предвид фирмите од локалните соседни општините Конче, Штип и Радовиш. 

Што ќе се случува со Бучимшто од неговата база и понатаму ќе се употребува?

Кривинскиј: Во Бучим ќе продолжи процесот на производство на бакарен концентрат од рудното тело Боров Дол. Постоечките производни капацитети во Бучим ќе продолжат со работа. Во флотациониот погон ќе се врши обработка на добиената руда од Боров Дол во постројките за дробење, мелење и флотирање до бакарен концентрат, каде како финален производ се добива бакарниот концентрат. Работната единица за производство на катоден бакар, погонот за лужење продолжува со тековната активност на искористување на рудите од останатите технолошки процеси т.е. максимално доискористување на рудата во потоечката коповска јаловина од претходните години.

Од ваша гледна точка, кои се можностите за развој за младите луѓе во рударската индустрија?

Кривинскиј: Поради својата специфика и обемност, секој има различно искуство во овој сектор. Работата во рударската индустрија, која во минатото беше исклучително тешка, денес стана главно автоматизирана. Ние ги применуваме сите научни и технолошки достигнувања, кои што ја прават работата на рударите полесна и побезбедна. Сепак, рударството не е воопшто лесна професија, но може да биде фантастична кариера. Потребно е да се вложи огромен труд, теоретско знаење и практично разбирање и токму ова ја прави рударската индустријата попривлечна за младите студенти, бидејќи им нуди разновидна можност за вработување и професионален развој. Рударската индустрија нуди одлична можност за професионален развој и широк обем на вработување. Освен рудари и геолози, потребни се и инженери, хемичари, биолози, еколози, како и медицински лица, готвачи, економисти и консултанти.  Во нашата компанија, вработените ги имаат сите потребни ресурси кои им овозможуваат професионален  раст и развој. Моето досегашно искуство во рударската индустрија ми овозможи да работам во различни работни средини, да соработувам со меѓународни експерти и со различни искусни кадри на терен. Нашиот инвеститор има компании во различни земји. Јас започнав со работа во руднички комплекс во Украина, потоа продолжив во Гватемала и тоа беше едно одлично искуство за мене, кое ме доведе до позиција на управување на Боров Дол. Рударската индустрија, заради својата специфика бара строга дисциплина и тимска работа, буквално секоја работна позиција придонесува за успехот на компанијата и можам да кажам дека досегашните постигнувања за развојот на Боров Дол, се должат на искусните и обучените кадри, како и на нивната подготвеност да ги прифатат сите промени во организацијата на современото работење.

28-ми Август е Ден на рударите, празник на македонските рудари, во спомен на штрајкот на рударите од Лојане во 1929 година, за подобрување на работните услови и зголемување на личните доходи. Какви се денешните работни услови во рударската индустрија во нашата држава? 

Кривинскиј: Во рударската индустрија сè поголемо внимание се посветува на безбедноста и услови при работа. Дефинитивно, приоритетна цел на современото рударство е да се овозможи одговорно производство, во кое се обезбедени работни услови во коишто во ниту еден случај нема да се доведе во прашање здравјето и безбедноста на рударите. Работиме и се водиме според меѓународните работни и безбедносни стандарди, затоа што нашата примарна одговорност е да го промовираме и заштитиме здравјето, безбедноста и благосостојбата на сите наши вработени. Рударската индустрија е клучен сегмент за развојот на секојдневниот модерен живот, а Денот на рударите е еден убав повод за оддавање на признание за трудот и напорите на рударите. На овој празник, сите ние треба да им оддадеме почит и да им се заблагодариме на рударите за нивната работа, која на многу начини игра важна улога во нашиот секојдневен живот, затоа што скоро секој предмет што го користиме содржи минерални суровини кои доаѓаат од некој рудник, благодарение на трудот на некој рудар.Без минералите не би имале електрична енергија, комуникација, технички иновации, транспорт, патишта, домови. Всушност, сè што не се одгледува доаѓа од рудник и од напорниот труд на рударите. Годинава по повод Денот на рударите, нема да ја организираме традиционалната свеченост за одбележување на празникот, заради присуството на Ковид-19 вирусот, но ќе им оддадеме признанија на нашите вработени за вложениот труд, со тоа што најдобрите рудари помеѓу двата празника ќе бидат одликувани со плакети и соодветна награда. Воедно оваа пригода ја користам и да им се заблагодарам за вложениот труд на сите рудари во Република Северна Македонија и им го честитам празникот Денот на рударите. Среќно!

https://faktor.mk/eksluzivno-intervju-so-pavlo-krivinskij-rudnikot-borov-dol-pochnuva-so-proizvodstvo-vo-dekemvri

Comments are closed.