WhatsApp Image 2026-06-16 at 14.23.29

„Минералите низ детските очи“ – кога работното место станува поблиску до семејствата

На 14.06.2026 година, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш организираше креативна и едукативна работилница за децата на вработените, на тема „Минералите низ детските очи“.

Работилницата беше дел од заложбите на Друштвото за градење работна средина во која вработените се гледаат не само преку нивната професионална улога, туку и како луѓе, родители и дел од пошироката заедница на Бучим. Преку вакви активности, рудникот ја потврдува својата определба да создава култура на припадност, почит и грижа кон вработените и нивните семејства.

„За нас, грижата за вработените не завршува со работниот ден. Бучим е заедница изградена од луѓе, нивните семејства, знаење и меѓусебна доверба. Токму затоа, втора година по ред ја развиваме оваа практика преку која децата на нашите вработени имаат можност да се почувствуваат добредојдени, да го запознаат светот во кој нивните родители секојдневно работат и да го доживеат рударството преку љубопитност, креативност и детска фантазија. Особено ни е важно што нивните цртежи и идеи не остануваат само дел од работилницата, туку продолжуваат да живеат преку изложба, како искрен и креативен поглед на најмладите кон природата, минералите и работата на Бучим,“ изјави Кристина Крстева, директор за одржлив развој на ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш.

Наместо класична лекција, најмладите имаа можност преку игра, боја, разговор и цртеж да го откриваат светот на минералите на начин близок до нивната возраст. Тие поставуваа прашања за тоа што има во земјата, како изгледаат минералите, зошто се важни и што всушност работат нивните родители.

Минералите не се само дел од рударството. Тие се дел од земјата, природата и од многу нешта што ги користиме секој ден. Токму затоа, ваквите активности имаат посебна вредност, бидејќи ја доближуваат индустријата до најмладите на едноставен, топол и разбирлив начин.

Бучим и понатаму ќе продолжи да поддржува активности кои ја зајакнуваат врската меѓу рудникот, вработените и нивните семејства, како важен дел од организациската култура и долгорочната посветеност кон луѓето.

Им благодариме на сите мали учесници за нивната љубопитност, фантазија и искрен поглед кон светот на минералите.

Comments are closed.