На 17.07.2026 година, во Музејот на љубовта и уметноста во Радовиш, беше одржана изложба на детските цртежи создадени во рамки на креативната и едукативна работилница „Минералите низ детските очи“, организирана од рудникот Бучим за децата на вработените.
Изложбата претставува продолжение на активноста од 14.06.2026 година, кога најмладите преку игра, разговор, боја и цртеж го претставија својот поглед кон минералите, природата, рударството и работата на своите родители.
Во рамки на изложбата беа претставени 36 детски дела, различни по својот израз, идеја и порака. Бучим ги откупи сите дела, кои ќе бидат поставени во просториите на Друштвото и трајно ќе ги красат ѕидовите на Бучим.
Со ова, детските цртежи не остануваат само спомен од една работилница, туку стануваат дел од секојдневната работна средина и потсетување дека зад секој процес стојат луѓе, семејства, труд и заедничка припадност.
Оваа иницијатива има и поширока општествена вредност. Таа создава простор во кој детскиот глас се слуша и вреднува, ја приближува индустријата до најмладите на топол и разбирлив начин и ја поврзува работната средина со семејството, културата и локалната заедница. На децата им се испраќа јасна порака дека нивната креативност, труд и идеи имаат значење и свое место во заедницата на Бучим.
„Сакавме детските идеи да продолжат да живеат и по завршувањето на работилницата и изложбата, па затоа нивните дела ќе добијат трајно место во просториите на Бучим. На тој начин, нивната креативност добива вистинско признание и свое место во нашата работна средина. За нас, овие цртежи се многу повеќе од уметнички дела – тие се дел од приказните на нашите вработени, нивните семејства и заедницата што заедно ја градиме,“ изјави Кристина Крстева, директор за одржлив развој на ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш.
ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш ќе продолжи да поддржува иницијативи кои ја поттикнуваат детската креативност, ја зајакнуваат врската со семејствата на вработените и создаваат трајни вредности за локалната заедница.
Им благодариме на сите мали уметници за нивната фантазија, посветеност и искрен поглед кон светот на минералите.

