WhatsApp Image 2026-04-27 at 23.14.03

5000 САДНИЦИ НА ГОТЕН: „БУЧИМ“ И ЈП „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ ЈА ОБНОВУВААТ ОПОЖАРЕНАТА ПОВРШИНА

Како дел од долгорочните активности за обновување на шумскиот фонд, „Бучим“ и ЈП „Национални Шуми“ на 25 април реализираа пошумување на Готен со 5000 садници.

На планината Готен, над селото Јаргулица, на 25 април беше реализирана значајна еколошка акција, при што ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и ЈП „Национални Шуми“ заеднички пошумија над 2 хектари опожарена површина.

Во рамки на акцијата беа засадени  5000 автохтони садници, вклучувајќи црн бор, чемпрес, јасен, јавор, албиција и багрем, со што се поставуваат основите за постепено обновување на шумскиот екосистем во овој дел од земјата.

Акцијата обедини вработени од „Бучим“ и ЈП „Национални Шуми“, како и локални жители од с. Јаргулица, испраќајќи порака за заедничка одговорност и активна грижа за природата.

Посебен акцент беше ставен на изборот на медоносни видови садници, со што покрај обновата на шумскиот фонд се создаваат и дополнителни придобивки за локалните пчелари и биодиверзитетот во регионот.

Активноста се реализираше со стручна поддршка од ЈП „Национални Шуми“, кое го обезбеди садниот материјал и ја водеше реализацијата согласно утврдените шумскостопански практики, додека Бучим обезбеди логистичка поддршка и активно учество на своите вработени.

Директорот на ЈП „Национални Шуми“, Здравко Трајанов, истакна дека обновата на опожарените површини е процес со долгорочно значење кој бара стручен пристап и координирана реализација, нагласувајќи дека ваквите партнерства претставуваат пример за добра пракса.

Заменик генералниот директор на „Бучим“, Ивица Карапетров, потенцираше дека компанијата преку вакви активности дава конкретен придонес кон заштитата на животната средина и останува посветена на иницијативи со долгорочен ефект.

Со оваа акција се поставуваат темелите за долгорочна обнова на опожарените површини во радовишкиот регион, со јасна насока – враќање на природната рамнотежа преку конкретни и континуирани активности на терен.

Comments are closed.