Рудникот Бучим се приклучи на иницијативата „Донирај компјутер“, демонстрирајќи ја својата посветеност на принципите на животната средина, социјалното и корпоративното управување (ESG) со донација од 250 парчиња на ИТ опрема.
Хуманитарната акција на „Донирај компјутер“, се фокусира на собирање на половни компјутери и опрема, нивно обновување и дистрибуирање до граѓаните од ранливите категории. Покрај помагањето на социјално загрозените поединци, организацијата укажува поддршка и на образовните институции. До денес, тие имаат позитивно влијание на над 2.500 поединци и 30 училишта низ целата земја. Покрај ова, во поправањето на донираната опрема активно учествуваат и ученици од средните училишта, со што на младите им се нуди можност за стекнување на практични вештини.
Ивица Карапетров, заменик управител на рудниците Бучим и Боров Дол, ја изрази посветеноста на компанијата за оваа социо-хуманитарна кауза, изјавувајќи: „Нашето учество во иницијативата на „Донирај компјутер“ ја претставува нашата посветеност за искористување на технологијата за општествено добро, промовирање на дигиталната писменост и поттикнување на инклузивен раст во заедниците на кои им служиме. Донација од околу 250 парчиња ИТ опрема, вклучувајќи компјутерски куќишта, монитори, лаптопи, тастатури, печатачи, скенери, рутери за WIFI и многу повеќе, е опиплива манифестација на нашата посветеност на поддршката на иницијативата на Донирај компјутер на дигитална инклузија за децата во Македонија“.
„Донирај компјутер“ е непрофитна, невладина организација која се труди секое семејство во Македонија да има пристап до барем еден компјутер. Препознавајќи ја суштинската улога на компјутерите во учењето, организацијата поправа и донира искористена, но оперативна компјутерска опрема, со примарен фокус на поддршка на децата од социјално ранливи средини.
Преку овој придонес, Бучим се надева дека ќе придонесе кон исплнување на пошироката цел на „Донирај компјутер“ да го премости дигиталниот јаз во Македонија. Иницијативата се стреми да ги зајакне децата обезбедувајќи им ги потребните алатки за учење, нагласувајќи дека компјутерот не е луксуз, туку клучен образовен ресурс.