Радовиш, 11 февруари 2025 година – По неколку месечни преговори, рудниците Бучим и Боров Дол потпишаа Колективен договор за остварување на правата и положбата на вработените, со што се постигна значаен чекор во заштитата и унапредувањето на работничките права.
Овој договор, потпишан помеѓу рудниците Бучим и Боров Дол и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) при ССМ, претставува историски момент, особено за рудникот Бучим, каде што по 20 години од неговото рестартирање во 2005 година, за првпат е склучен колективен договор на ниво на работодавач. Од друга страна, рудникот Боров Дол, кој започна со работа во 2021 година, успеа да го потпише својот прв колективен договор по само четири години од отпочнувањето со работа.
Со овој договор, се унапредуваат правата на вработените, се гарантира подобрување на условите за работа, зголемена заштита и безбедност, како и подобрување на материјалните права на сите вработени.
Управителот на рудниците Бучим и Боров Дол, Александр Раков, изјави:“Новото раководство вложи огромни напори за да се оствари нешто што досега беше недостижно за рудникот Бучим. Ова е клучен момент за сите вработени, затоа што со овој договор обезбедуваме подобри услови за работа и дополнителни права што ќе ја зголемат сигурноста и стабилноста на секој наш вработен.”
Заменик управителот на Бучим и Боров Дол, Ивица Карапетров, додаде: “Нашата цел е да изградиме одржлив и фер однос со сите наши вработени. Потпишувањето на овој договор е потврда на нашата заложба за унапредување на работничките права и создавање стабилна и безбедна работна средина.”
Со ова, рударската индустрија во Македонија добива значаен исчекор во заштитата и унапредувањето на правата на вработените, а рудниците Бучим и Боров Дол продолжуваат да ја потврдуваат својата одговорност и посветеност кон своите вработени.


