Радовиш, 17 февруари 2025 – Во врска со објавениот прилог на ТРД ТВ Кобра, со наслов „Синдикална организација Бучим ги демантираме објавите за потпишување на колективен договор, за истиот не ни бевме известени“, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш категорично ги демантира наводите за непотпишување на колективен договор и неизвестување, кои претставуваат дезинформација.
Во интерес на вистината, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш има должност правилно да ја информира јавноста. Општиот колективен договор е потпишан помеѓу рудниците Бучим и Боров Дол и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Овој чин претставува историски момент, особено за рудникот Бучим, каде што по 20 години од неговото рестартирање во 2005 година, за првпат е покрената иницијативна за склучување на колективен договор на ниво на работодавач. Од друга страна, рудникот Боров Дол, кој започна со работа во 2021 година, успеа да го потпише својот прв колективен договор по само четири години од отпочнувањето со работа.
Во ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ постојат две регистрирани синдикални организации:
- Синдикална организација Бучим – дел од Синдикатот на хемија, неметали и метали на Република Македонија (СХНМ на РМ) при ССМ
- Синдикална организација при Бучим – дел од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) при ССМ.
Иницијативата за потпишување на Колективен договор произлегува од синдикатите, при што Синдикалната организација при Бучим, како дел од СИЕР при ССМ, поднесе иницијатива за негово склучување. Од друга страна, Синдикалната организација Бучим, која е дел од Синдикатот на хемија, неметали и метали на Република Македонија при ССМ, не пројави иницијатива за потпишување на Колективен договор на ниво на работодавач. Соодветно на тоа, договорот беше потпишан со синдикалните организации при СИЕР кои ја покренаа иницијативата.
На потпишувањето на Колективниот договор присуствуваа Претседателите на синдикалните организации при Бучим и Боров Дол, Претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов, како и Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Во однос на комуникацијата со синдикатите, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш секогаш обезбедува отворен канал за дијалог, без какви било пречки во комуникацијата.
Сите информации кои ги даваме се точни и проверени, со цел да се осигури правилно информирање на јавноста. Согласно Законот за медиуми и Кодексот на новинарска етика, медиумите се должни да побараат мислење или став и од другата страна пред објавување на информации од јавен интерес.
ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш ја повикува ТВ Кобра да ја коригира објавената дезинформација и да ја информира јавноста врз основа на факти.
Нашата служба за односи со јавноста не е воопшто контактирана, ниту телефонски, ниту на официјалната е-меил адреса на која може секој да не контактира. Со објавувањето на вакви неточни и информации се креира лажна слика за Друштвото. Ве замолуваме во иднина да ги контактирате официјалните лица кои Ви стојат на располагање.