На шеснаесеттото стручно советување со меѓународно учество „Подекс–Повекс ’25“, кое викендов ги обедини највлијателните имиња од рударската фела, особено внимание привлече панел-дискусијата посветена на темата „Патот кон одржлив развој во рударството“.
На панелот учествуваа Ивица Карапетров, заменик генерален директор на рудникот за бакар Бучим, проф. д-р Зоран Панов и Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини во Цементарница Усје. Панелистите дискутираа за визијата за новата ера на рударството – ера во која технологијата, одговорноста и луѓето стојат рамо до рамо.
Изјава на Ивица Карапетров: „Одржливото рударење е идеологија на водење бизнис, не само документ“
„Би почнал од тоа да дефинираме што е одржливо рударење. Јас би го дефинирал вака – тоа е одговорно, рационално и профитабилно експлоатирање на минералните ресурси со минимален импакт врз животната средина, водејќи сметка и за идните генерации . Не се работи тука за документи, туку за идеологија на водење бизнис, идеологија на носење одлуки и решенија. Може ли одржливото да биде и профитабилно? Може – и мора. Но, потребно е време. Потребна е промена на свеста – кај стручната фела, кај раководството, кај средниот менаџмент и кај секој вработен. Таа промена треба да ја покрене топ менаџментот, а потоа да се спроведе низ сите нивоа на компанијата. Ова е долгорочен, но трпелив процес – кој бара континуитет, посветеност и реална волја да се менуваат навиките и пристапите кон работењето. Зборуваме за профитабилно и рационално рударење. Ако не е профитабилно – ќе се затвори, тоа е реалноста на бизнисот. Но, одржливоста не започнува и не завршува со рудниците. Таа мора да биде присутна и кај изведувачите, подизведувачите, добавувачите, работниците и локалната заедница. Одговорноста е заедничка – не треба да се вперува прст само во рудниците, затоа што одржливиот развој се гради заедно, преку соработка, разбирање и заедничка посветеност. Само така сите ние можеме да бидеме дел од решението, а не од проблемот.“
Во своето излагање Карапетров нагласи дека традиционалното рударство не може да биде целосно одржливо, но може да стане порегенеративно, преку создавање нова вредност во секоја фаза од работењето – од рекултивација на теренот и повторна употреба на водата, до долгорочна грижа за заедницата.
Една од клучните теми што се наметна во дискусијата беше недостигот на квалификувана работна сила и потребата да се инвестира во образование и поттикнување на младите да се вклучат во оваа индустрија.
Во таа насока, Карапетров истакна дека „Бучим“ се позиционира како општествено одговорен работодавец, кој активно инвестира во развој на човечки капитал преку стипендии за студенти, дуални програми со факултетите, вработување млади инженери и поддршка на образовни иницијативи во локалните заедници.
Советувањето, на кое присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, беше одлична можност за размена на искуства меѓу реалниот рударски сектор и академската заедница, како и за дискусија на актуелни теми и поставување на визијата за иднината на индустријата.



