Рудниците Бучим и Боров Дол донираа соодветна современа ИКТ опрема на учениците и основните училишта во Радовиш, Конче, с. Ораовица и с. Ињево, во висина од 8.400 евра за да се обезбеди непречено функционирање на образовниот систем во овие вонредни ситуации и услови предизвикани од вирусот КОВИД-19, во кои наставата ќе се одвива преку далечинско учење.
Со цел да се помогнат учениците и училиштата што е можно поуспешно да се справат со ситуацијата настаната од пандемијата, Боров Дол набави таблети и обезбеди достап до интернет за учениците од ООУ “Гоце Делчев” од социјално загрозените семејства од општина Конче, додека пак Бучим донираше компјутерска опрема за потребите на основните училишта “Крсте Петков Мисирков” – Радовиш, “Кирил и Методиј” – с. Ораовица и “Орце Николов” – с. Ињево.
Со оваа донација, рудниците придонесуваат за обезбедување на услови за реализирање на наставата од далечина и услови за учениците да можат да ја следат онлајн наставата во тековната учебна година.
“Поддршката на образованието е дел од нашата социјална политика и ние постојано инвестираме во развојот на оваа област, со цел да им помогнеме на младите да се развиваат и образуваат, обезбедувајќи поддршка на училштата кога и да имаат потреба, а особено сега, во време на корона кризата кога им е најпотребно,” изјави Николјачо Николов, заменик генерален директор на Бучим.
”Образованието е важен сегмент за развојот на општеството и ние ја препознаваме важноста за поддршка и соработка со нашето општество и свесно ги идентификуваме областите на кои што е потребно да се фокусираме. Имајќи ги предвид настанатите промени во одвивањето на наставните програми и фактoт, дека има ученици кои немаат дигитални уреди и интернет пристап за следење на онлјан наставата, обезбедивме техника која е неопходна за одржување на задолжителната онлајн настава и создадовме еднакви услови за учење за сите деца, ” истакна Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.